Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е донесен во Основниот кривичен суд Скопје, потврдуваат од Судот за МИА. Тој неколку часа помина во полициската станица во Кисела Вода, откако утрово беше уапсен како еден од осомничените во истрагата на Обвинителството која се води против 15 лица.
Поранешниот заменик директор на Управата за јавни приходи Гури заедно со останатите се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, како што утрово соопштија од Обвинителството.
„Обвинителот, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката“, се вели во соопштението од Обвинителство.
Според Обвинителството, Гури бил вплеткан во шема со даночна измама, со 15 лица правел поврат на ДДВ преку фиктивни сметки од 840.000 евра, а со парите купил и деловен простор.
Судија на претходна постапка ќе одлучи дали барањето вакви мерки е основано и ќе донесе решение дали тие треба да му бидат одредени на Гури и на другите осомничени. За некои од осомничените, меѓу кои е и синот на Гури, се бараат само мерки на претпазливост, односно одземање патна исправа и повремено пријавување во судот.