Нола Исмајловска – Старова, една од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и опозициската коалиција што гласаше за отворање на постапка за промена на Уставот, вели дека ќе одлучи дали ќе ги поддржи уставните амандмани во последната завршна фаза зависно од тоа како ќе се дефинираат самите амандмани после јавната расправа, но, нагласува таа, многу е важно и како ќе тече процесот на помирувањето.
-Помирувањето е важен дел од овој процеси мислам дека сите институции треба да бидат внимателни за да не му наштетат и на тој дел од овој процес – вели Исмајловска – Старова во интервју за емисијата 360 степени на телевизијата Алсат М.
Според неа, притворите за Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски го вознемируваат севкупниот процес. Таа смета дека тие добиле притвор поради бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, што, според неа, е погрешен чекор и тоа не може да биде причина за притвор за други луѓе.
-Нивната вина не е докажана, мораме да дозаволиме пресумпција на невиност. Дополнително, притворот не треба да биде казна, тоа се пораките од меѓународната заедница, но такви беа пораките и додека СДСМ беше во опозиција – рече пратеничката на ДПМНЕ, која беше исклучена од партијата по гласањето за Уставот.