Исмаили се сомнева во мотивите на aнтикорупционерите

by fokus

Поранешниот министер за култура и сегашен пратеник во Собранието од Алтернатива, Хусни Исмаили се сомнева во мотивите на Антикорупциската комисија која вчера соопшти дека бара Исмаили да се гони кривично за злоупотреба на буџетски средства.

Фокус стапи во контакт со Исмаили со оглед на тоа што барањето за негова кривична одговорност доаѓа во време кога пратениците од Алтернатива се клучен фактор за тоа кој ќе формира мнозинство во Собранието, а за наредната недела закажана е и средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

-Самото иницирање во овој момент на вакви потези на државна институција доволно зборува за самиот потег. Има слични настапи и на други чинители во оваа држава токму во ова време на политичка неизвесност во државата.

 

Сум рекол и пак ќе повторам. Прво, државниот буџет не е оштетен бидејќи средствата не се пуштени. Второ, мојот потпис на документите стои како четврти или петти последователно, после тие што го подготвиле, изработиле, контролирале, раководители на секториитн.

 

Трето, во време на пандемија кога не беа реализирани бројни проекти од други сектори, средствата се пренаменети од една ставка во друга што е законски дозволено и истото е направено се со цел да им се помогне на самостојните културни работници во услови на пандемија, изјави Исмаили за Фокус на прашањето дали ја толкува како притисок иницијатива на Антикорупциска.

Државната комисија за спречување на корупција поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Исмаили кој беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.

Се сомневаат дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Договорите и анекс договорите, според Антикорупциска, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиските средства за проекти од национален интерес во областа на културата.

Од Алтернатива за Фокус велат дека одлуката дали ќе бидат или нема да бидат дел од владата нема да се донесе врз основа на никакви притисоци.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости