Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази по повеќе од една година од неговиот контроверзен избор се појави пред новинарите на брифинг, со речиси сите обвинители од ова одделение кои ги работат предметите за кои во јавноста има голем интерес.
По неговиот избор, ова е втор пат Абази да има средба со новинарите откако на првата го поврзаа со ДУИ, но тврди дека не бега од јавноста, туку транспарентноста ја гледа во тоашто на сите прашања на новинарите им било одговорено. До него седеше новиот државен обвинител, Љупчо Коцевски кој рече дека ваквите брифинзи во иднина ќе станат пракса.
Абази прво се пофали со новите простории кои им се доделени со одлука на владата. Таму се архивирани сите предмети, имаат форензичка лабораторија и истражен центар со 20 истражители. За разлика од претходните шефови на обвинителствата, Абази не се жалеше за условите и состојбите во кои работат обвинителите.
Се пофали со завршени случаи, меѓу кои како успех ги спомена пресудите против поранешните генерални секретари во Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири кои првостепено беа осудени, но сега Апелација треба да донесе правосилна пресуда и за двајцата. Освен овие предмети спомена и за успешни предмети со даночно затајување, криумчарењемигранти, фатена дрога.
Но, предметите за кои се интересира јавноста се се уште во предистрага, па така се уште во фаза на истрага не дошле ниту предметите „Соравија“ во којшто се ипитува внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, во однос на договорот со „Бехтел и Енка“, случајот „Трансмет“, пропаѓањето на „Еуростандард банка“.
Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ беше во фокусот на јавноста, а обвинителката која постапува по предметот, Катерина Коларевиќ кажа дека има предмет по допрен глас отворен во врска со јавна набавка која што била распишана за избор на фирма која што треба да врши надзор на изградба.
Таа посочи дека одлучувањето по овој предмет трае долго бидејќи на него работи еден истражител со помош од другите истражители.
–Целосно се анализирани двете јавни набавки, извршени разговори, одземен голем дел на документација, кога ќе имаме конкретен момент дали ќе се отвори истражна постапка ќе бидете информирани, рече таа.
И предметот „Соравија“ кој беше отворен по допрен глас откако внукот на Ахмети го купи деловниот центар е во предистрага.
-Обвинителството се обрати до повеќе институции, од страна на МВР постапуваат единица за корупција и единица за финансиска истрага. Вклучена и управа за финансиско разузнавање и Управата за јавни приходи. Обвинителството овој предмет го разгледува сериозно од повеќе аспекти, не само од аспект во продажба на Соравија, туку, во сите дејствија поврзани на конкретни лица за кои покажувате интерес се со цел да се утврди дали овие лица се вклучени во какви било активности поврзани со државни институции, појаснија оттаму, дополнувајќи дека по полициски интерни канали се побарани податоци од трети земји, објасни обвинителката која работи на случајот.
Во предистрага е и случајот со модуларната болница во Тетово.
– Сме во фаза на донесување на одлука, јавниот обвинител го проучува предметот, сакаме да го запознаеме Републичкото јавно обвинителство и да донесеме соодветна одлука, рекоа од Обвинителството.
Предметот е во предистражна постапка две и пол години, а го води обвинителката Елизабета Јосифоска, која беше дел од веќе расформираното СЈО.
За скоро треба да се знае и каква одлука ќе има и за случајот „Трансмет“ каде постапката била завршена во голем дел, а одлуката ќе ја соопштат откако новиот републички јавен обвинител ќе биде запознаен со предметот.
Во овој случај во кој се истражува неуспешната конфискација од 17 милиони евра се истражуваат јавните обвинители кои го водеа овој случај, судиите, Агенцијата за одземен имот, народното правобранителство и други институции.
Сепак обвинителката Коларевиќ не сакаше да прејудицира дали во овој случај ќе биде лоцирана вина.
Се уште трае постапката и за „Еуростандард банка“, а пред десетина дена го добиле вештачењето за случајот и го дале на одбраната.
Обвинителката којашто го води случајот за групата Грчец, осомничена за шверц на кокаин и убиства, а чиј водач е Шеваљ Муареми, денеска не беше присутна на брифингот. Абази кажа дека побарале да се распише потерница по сите избегани и дека се во комуникација со Дубаи, иако од Министерството за правда за „Фокус“ кажаа дека не се бара екстрадиција на Муареми од Дубаи.
Сепак обвинителството донело Резолуција и утврдило дека нема да го гони поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски за предметот што беше отворен против него за станицата за технички преглед „Виа комерц“.
За овој случај во јавноста беше обелоденето дека иако инспектори од МВР предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци, сепак решението за забрана за работа чекало потпис од Спасовски и било потпишано по кобната несреќа во Бугарија.
Сепак обвинителката Коларевиќ утврдила дека нема место за кривично гонење за злоупотреба на службената положба бидејќи не била утврдена причинско – последична врска меѓу двата настани, односно дека автобусот за време на несреќата бил технички исправен.
Ф.Ф.С.
Фото: МИА