Искра од апарат за заварување е причина за пожарот што вчера во попладневните часови се случи во трговскиот центар „Блис“ во Битола.
Според соопштението објавено на фејсбук-страницата на трговскиот центар, пожарот настанал во текот на монтажата на декоративната фасада на источната страна од градбата, а како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите се запалил фасаден панел.
„Она што е најважно е дека нема повредени. Единствено, според првичниот увид, причинета е мала материјална штета која го опфаќа фасадниот панел на источната страна, кој благодарение на фактот што е со PIR исполна (огноотпорен) во комбинација со PIR (огноотпорни) кровни панели и дополнителна внатрешна изолација со камена волна и огноотпорни ѕидови од гипсени табли, се спречи проширување во внатрешноста на објектот и на околните фасади од објектот“, се додава во соопштението.