Пратеничката група, составена од осумтемина пратеници на опозицијата кои гласаа за отворање на Уставот, е против барањата на БЕСА. Од таму сметаат дека не треба да се менува она што е Договорено со Грција, односно дека треба да остане државјанството „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“.
Доколку се прифати барањето на БЕСА, да се избрише „македонско“, осумтемина пратеници најверојатно ќе се повлечат и нема да ги поддржат уставните измени.
-Не отстапуваме од она што е од договорено со Грција, односно државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Тоа е нашиот краен став. Тоа е најголемата придобивка и јакнење на идентитетот. Со Грција се договоривме, сега ќе го распрчуваме договореното меѓу нас – велат од пратеничката група со која координира пратеничката Елизабета Канческа-Милевска.
Премиерот, Зоран Заев, денеска изјави дека државјанството ќе остане онака како што е договорено со Грција. Сепак седницата која на дневен ред ги има амандманите беше пролонгирана за 15.00 часот, а шпекулациите се дека пратениците на Билал Касами не отстапуваат од своите барања.
-Не прифаќаме никакви отстапки во имплементацијата на Договорот кои се однесуваат на државјанството и тука нема дискусија. Не прифаќаме никакви чепкања во уставниот законик во однос на преговорите, а кои би се однесувале на државјанството – велат од независната пратеничка група за „Фокус“.
М.В.