Исклучени телефоните и интернетот во СЈО

by fokus

Од вчера мобилните телефони на обвинителите и на останатите вработени во СЈО се исклучени во еден правец, односно можат само да примаат повици, а набрзо ќе им бидат исклучени и за дојдовни повици. Исто така, во просториите на СЈО повеќе нема ниту интернет, појаснуваат за „Фокус“ вработени од веќе згаснатото обвинителство.

Исклучувањето следува поради неплатени сметки. Пари има, но по разрешувањето на Катица Јанева нема кој да ја потпише исплатата.

Долговите во СЈО се натрупани за три месеци, па така се должи и за сметки за вода, парно, струја, кирија, а стотината вработени веќе трет месец чекаат и плата.

Засега на повидок нема решение како да се исплатат платите и да се подмират трошоците, бидејќи само со закон овие надлежности на Јанева би можел да ги превзеде републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Вакви законски измени се предложени, но пратениците од ДУИ инсистирале овие измени да одат во пакет со Законот за јавното обвинителство, кој пак е блокиран поради несогласување на власта и опозицијата.

Инаку, обвинителите кои беа дел од тимот на СЈО, веќе одреден период се вратени во старите обвинителства од каде што дојдоа, но ова е само на хартија, бидејќи сѐ уште на работа одат во просториите на СЈО, каде што се наоѓаат и предметите за кои и понатаму се надлежни.

Валентина Вурмо

Поврзани новости