Иселеници во Канада собрале 116.000 долари за одбрана на националните интереси, нема информација како конкретно со парите ќе се бранат интересите

by fokus

За време на викендот наши исленици во Торонто, Канада, на донаторски банкет во МПЦ Свети Климент Охридски успеале да соберат 116.000 канадски долари, кои планирале да ги употребат за одбрана на македонските национални интереси.

Организатори на настанот биле Светскиот Македонски Конгрес – Канада, Македонско меѓународно движење за човекови права, Организацијата Обединети Македонци – Канада, Здружението Андов Лазов Јанев Ќосето во Торонто, обединети во Македонската координативна мрежа – Канада, како и македонските православни црковни општини и Македонската заедница во Канада.

Македонската координативна мрежа јавно упати благодарност до донаторите, посебно кон Крсте и Гордана Ивановски кои донирале 50.000 канадаски долари, Милчо Отец Ташев кој донирал 6.000 канадски долари и кон Славе Димитров која донирал 5.000 канадски долари.

Фото: ФБ на Боби Темелков

-Донаторската акцијата не запира тука, очекуваме уште донации, секој кој има желба да донира може да не контактира. Сите донации без разлика на донираната сума се многу важни и ценети. Донациите ќе се употребат за одбрана на македонските национални интереси, а сите заинтересирани ќе добијат отчет за употреба на средствата – порача Боби Темелков, претседател на Светскиот Македонски Конгрес Канада на својот официјален Фејсбук профил.

Со цел да се информираме на кој начин е предвидено да се потрошат средствата, односно како би се бранеле националните интереси со собраните пари, вчера по електронски пат го контактиравме Темелков. До објавата на текстот, денес, не добивме повратен одговор од него.

Вики Клинчарова

Поврзани новости