Иселеници од БиХ осудени за измама во Швајцарија, добивале социјална помош, а имале три куќи

by fokus

Брачна двојка од БиХ е прогласена за виновна од Суд во Луцерн, бидејќи од 2008 до 2013 година, од швајцарските органи повлекла 140.000 франци социјална помош, а притоа не пријавила дека во претходниот период во БиХ купила три куќи.

Швајцарски медиуми информираат дека двојката е осудена поради измама, бидејќи купувањето куќи не го пријавила на надлежните социјални служби, кои на сопружниците им давале парична помош, што, според законите во Швајцарија, морале задолжително да го сторат.

Судот, според извештаите на медиумите, утврдил дека барем една од трите куќи во реалноста гласела на нивно име, поради што се казнети 14.400 франци и осудени на две години условна казна. Брачната двојка не поднела жалба на пресудата до Кантонскиот суд.

Измамата била откриена случајно кога социјална работничка отишла во посета на семејството во местото на престој во градот Емен во близина на Луцерн.

Двојката не била дома, но вратата на социјалната работничка ја отворил нивниот син. Тој кажал дека неговите родители се во нивната куќа во БиХ и оти за една недела или две ќе се вратат. Потоа и покажал фотографии од родителите во БиХ, информираат швајцарски медиуми.

Кога исказот на синот бил прикажан на суд, родителите се бранеле дека момчето не знаело што зборува поради ментална болест. Сопругот и сопругата упорно негирале дека поседуваат имот во БиХ, но на крајот, притиснати со докази, признале дека купиле три куќи од 2003 до 2006 година.

Поврзани новости