„Последните податоци од Анкетата на работна сила на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои ги објави вчера, покажуваат дека за прв пат од нашето постоење како независна држава исчезнуваме како нација“, сопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Долгогодишниот тренд на иселување од државата, особено на младите, заедно со опаѓачката стапка на наталитет за коишто ништо не направи оваа Влада, плус и данокот којшто го зема пандемијата со починати 9.065 лица заради неуспешното справување на здравствените власти се рефлектира за прв пат во намалување на работоспособно население.
Последните податоци од Анкетата на работна сила на ДЗС заклучно со последниот квартал на 2021 година покажаа на негативни трендови на пазарот на труд од почетокот на кризата со ковид-19 (прв квартал на 2020 година). Вкупното работоспособно население е намалено за 3.373 лица, додека активното население (збир од вработените и невработените лица) за високи 30.251 лица, при намалување на вработените за 15.830 и на невработените за 14.421. Остатокот од вкупното работоспособно население се неактивните лица чиј број е зголемен за 26.878, што покажува дека лицата кои останале без работа и кои биле невработени и пред кризата, сега се неактивни односно не бараат работа.