Во тек на вчерашниот ден пошироката јавност се вознемири од објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која беше наведено дека е исчезнато младо момче од Струмица и се бараше помош за неговото наоѓање.
Станува збор за 29-годишниот Марко Давчев од Струмица, кој бил исчезнат една недела.
Првично, од МВР потврдија дека момчето било пријавено за исчезнато на 9-ти декември, и се преземале мерки за негово пронаоѓање.
Пред малку пак, од СВР Струмица за „Фокус“ потврдија дека момчето заминало во Бугарија, каде живеела неговата мајка.
-Во врска со објавите на социјалните медиуми за лице М.Д.(29) од Струмица, кое се оддалечило од домот во Струмица, пријавено во Полициската станица Струмица на 09.12.2023 од страна на неговиот татко Т.Д.(64), ве известуваме дека од страна на СВР Струмица веднаш се преземени мерки и активности за негово пронаоѓање.
Меѓу другото, извршени се проверки на граничните премини кон Бугарија, земја во која лицето редовно одело во посета на неговата мајка, при што е утврдено дека М.Д. остварил излез од државата на 06.12.2023 во 18.20 часот на Граничен премин Ново Село. Се преземаат и дополнителни мерки за расчистување на случајот- истакнаа од СВР Струмица.
На прашањето дали е потврдено дека Давчев се наоѓа кај неговата мајка, од таму велат дека се работи на случајот.
Вики Клинчарова