Исчезна жена од Демир Капија: Ташната ја пронајдовме, во неа имаше само празна ќеса, молам за помош, вели синот

by Fokus

Милка Чалова, семејна жена од Демир Капија, без сериозни здравствени проблеми, веќе шест дена е исчезната од својот дом.

Таа е на возраст од 75 години, живеела заедно со синот, снаата и внучињата. Како што раскажува нејзиниот син Младен за ,,Фокус”, мајка му функционирала без проблеми, се грижела за домот, имала пријателки со кои често се гледала, одела и во берба на ореви. Никогаш не се случило да замине од дома без да им каже на блиските каде оди.

-Веќе шест дена постојано ја барам со пријатели. Не сме седнати. Случајот го пријавивме во полиција на 24-ти јануари, кај 23 часот. Тој ден таа се однесуваше како и секогаш, се напила кафе со мојата сопруга, и излегла од дома кај 16 часот. Тоа го видовме на камерите на соседот. Самиот проверував камери насекаде, последен пат е забележана кај бензинската станица Макпетрол. Облечена е во сив џемпер, црни пантолони, плави чизми и ташна. Се движи со помош на штака – вели вознемирениот син.

Додава дека на околу два километри од нивниот дом, покрај реката Вардар, по два дена била пронајдена ташната на мајка му. Ја пронашла негова братучеда, додека повеќе луѓе ја барале мајка му.

-Не сум ниту сигурен дека тоа е ташната на мајка ми, не се проверени отпечатоци да знаеме со сигурност. Внатре имаше само една празна ќеса, ништо друго. Мобилниот телефон, документи, пари, се е тоа оставено дома. Околу ташната, немаше никакви траги. Замолувам за помош! Избезумени сме сите дома, јас трагам со пријатели, насекаде пребаравме, но потребна ми е стручна помош. Потребни ми се волонтери, кучиња трагачи, дронови! Ако може да се вклучат и припадници од армијата, потрагата мора да биде масовна, еве до утре веќе ќе има седум дена откако ја нема мајка ми. Можеби е некаде повредена, можеби и треба помош, секоја минута има голема важност. Токму затоа замолувам од сите надлежни институции да ми се помогне, да се пратат стручни екипи. Јас сам не знам веќе што да правам – вели синот.

Ова не е прво исчезнување од Демир Капија. Во април 2021 година исчезна Илија Лазаревиќ, кој во тој период имаше 30 години. Семејството уште во очај го бара, а во истрагата нема ништо ново. И од Неготино кон крајот на ноември 2022 година од својот дом излегол 79-годишниот Коце Панов, и од тогаш не е пронајден.

Страницата на МВР за исчезнати лица подолг период не е ажурирана, па ниту неготинецот Панов, ниту пак демиркапијката Чалова се објавени како исчезнати лица, иако исчезнувањата уредно се пријавени во полиција. Синот на Чалова замолува доколку некој има било каква информација да му се јави на 076 948 251 или пак да пријави во полиција.

Поврзани новости