Руското Државно обвинителство поведе предистражна постапка против новинарката Марина Овсјаникова, која синоќа упадна во програмата на Првиот канал на руската телевизија со антивоен транспарент.
Според неодамна усвоениот закон, на Овсјаникова и се заканува затворска казна до 15 години за ширење лажни вести за руски војници.
Овсјаникова веднаш по упадот во програмата е приведена, но и адвокатите не знаат каде се наоѓа таа.
Во синоќешното видео обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски, лично и се заблагодари на Овсјаникова.
Благодарен сум на Русите кои не престануваат да се обидуваат да ја кажат вистината и лично на девојката која во студиото на Првиот канал влезе со транспарент против војната. Тие кои не се плашат да протестираат додека вашата земја не биде затворена од светот. Треба да се борите, да не ја изгубите шансата, истакна Зеленски.
На транспарентот на Овсјаникова пишуваше „Не за војна, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат“, таа исто така и извика „Не за војната, сопрете ја војната“, а потоа програмата беше прекината.