Од вчера се трага по Миле Тодоров (28) од Неготино, кој последен пат бил забележан во Марена, околу 10.30 часот.
Станува збор за одговорна личност, млад спортист, вработен, и семејството вели дека никогаш во минатото не се случило вакво нешто. Неговото исчезнување е пријавено во полиција.
-Брат ми вчера замина на работа во Кавадарци, облечен во работничка опрема, со црн елек врз палтото. Висок човек е, со спортска градба. Од она кое го знаеме, му кажал на газдата на компанијата во која работи дека дава оставка, разговарал смирено, а потоа заминал и веќе не знаеме ништо за него.
Потоа, кај девет часот бил забележан кај кавадаречката болница, а околу 10.30 во Марена, како пеш се движи. Претпоставка е дека пеш тргнал од Кавадарци кон Неготино.
Со себе нема пасош, ниту пак лични документи, го носи мобилниот кој му е вклучен, но по препорака од надлежни институции не му ѕвониме, за да не му се потроши батеријата, во надеж дека ќе биде лоциран.
Ова е шок за целото семејство, синоќа нашиот татко имаше именден, брат ми требаше после работа да купи подарок. Претходниот ден се договаравме за подарокот, се беше најнормално, не забележавме ништо невообичаено во неговото однесување. Сфативме дека нешто не е во ред откако и после 17 часот не се врати дома, за ,,Фокус” раскажува Марија, сестра на исчезнатото момче.
Додава дека Миле бил спортски судија и требало да суди на натпревар во кик бокс кој ќе се одржи утре. Токму поради тоа, вели дека се уште позагрижени, бидејќи тој никогаш не би го пропуштил настанот.
-Ја замолуваме јавноста, доколку има било какви информации, да се јави во полиција. Ако некој случајно го сретне, го препознае, ве молиме задржете го, пријавете во полиција. Сите сме вознемирени, не знаеме што се случило. Брат ми изгледа исто како на фотографијата, со иста фризура, висок е околу 188 сантиметри, средна градба, во работничка униформа, вели сестрата на Тодоров.
Од СВР Велес потврдија дека кај нив е пријавено исчезнувањето на момчето, и се преземале мерки за негово пронаоѓање.
Вики Клинчарова