Семејството на Васе Бојковски, 90-годишен пензионер од Драчево, ја минало цела ноќ трагајќи по него, откако вчера во 13 часот излегол од дома, и не се вратил. Денес потрагата по него продолжува, а неговиот син Ѕвонко за „Фокус” апелира до јавноста, ако било кој има некаква информација, веднаш да го контактира, или да пријави во полиција.
-Баравме насекаде, цела ноќ. Го поминав целиот канал, навистина не знаеме што се случило и како татко ми не можеме да го пронајдеме, кога тој поради одредени здравствени проблеми се движи доста бавно.
Каде и како заминал, едноставно немаме одговори. Се работи за човек кој и покрај возраста беше добар, си имаше свои рутини, секое утро со пријател заедно пиеја кафе, немавме никакви проблеми.
Добив дојава од човек дека наводно го забележал во Лисиче, но засега се уште не е пронајден. Случајот го пријавивме во полиција, и нивни луѓе синоќа го бараа.
Облечен е во плаво работничко палто, црни рибарски чизми, носи капче на главата.
Ја замолувам јавноста за помош, секоја информација е добредојдена – раскажува синот.
Минатата недела во Драчево исто така исчезна повозрасен маж. По два дена потрага, семејството го пронашло во близина на нива, а за ,,Фокус” изјавија дека човекот е добар.
Се уште се трага по жена од Драчево, која исчезна лани во март. Станува збор за сметководителката Виолета Крстевска јаневска (60), без здравствени проблеми, одговорна личност посветена на семејството, која тргнала во оптика да си ги земе наочарите, и повеќе не се вратила дома.
Сите кои имаат информација во врска со исчезнатиот Васе Бојковски, можат да се јават во полиција, или кај неговиот син Ѕвонко на 076 /448 – 643.
Вики Клинчарова