Грчката полиција ја истражува смртта на двајца ирски тинејџери на егејскиот остров Иос, a полицајците го споредиле инцидентот со античка грчка трагедија.
Ендрју О’Донел и Макс Вол, и двајцата по 18 години, беа дел од 69-члена група на училишна дипломска екскурзија во Грција. Тие умреле со неколку часови разлика во различни области на Иос.
„Срцето ни е скршено“, рече Тим Келехер, директор на колеџот Сент Мајкл, католичко машко училиште каде што неколку недели претходно тинејџерите ги полагаа своите завршни испити.
„Имаме многу тесно поврзана заедница и ова се двајца фантастични млади луѓе со животот пред нив. Светли, спортски, академски момчиња… кои со месеци го очекуваа ова патување“, изјави тој за RTÉ’s Morning Ireland.
Регионалната полициска управа на јужниот дел на Егејското Море рече дека очекува обдукцијата да даде одговори.
„О’Донел беше пронајден на патека меѓу пристаништето и градот Иос и се чини дека паднал“, рече бригадирот Танос Лукас.
„Вол беше пронајден многу блиску до местото каде што престојуваше. Оттогаш слушнавме дека имал историја на проблеми со срцето, но одговорите лежат во обдукцијата. Причината за смртта и во двата случаи ќе стане појасна по обдукцијата“.
Друг полицаец рече дека сведоците кои биле со Вол го опишале младиот човек како многу вознемирен кога му ја кажале веста за неговиот пријател.
„Потрагата по О’Донел започна неколку часа порано кога загрижените пријатели пријавија дека исчезнал во саботата навечер“, рече изворот, барајќи анонимност.