Ирска го казни Инстаграм со рекордни 405 милиони евра заради детски податоци

by Fokus

Ирскиот регулатор за приватност на податоците го казни Инстаграм со рекордни 405 милиони евра по истрагата за тоа како постапувал со податоците на децата, изјави портпаролот на ова регилаторно тело.

Истрагата, што беше отворена во 2020 година, се фокусираше на деца на возраст меѓу 13 и 17 години кои можеа да одржуваат деловни профили на Инстаграм, што овозможи објавување на телефон и/или адреса на е-пошта на корисникот.

-Ја донесовме конечната одлука минатиот петок и таа вклучува казна од 405 милиони евра, изјави портпаролот на ирскиот комесар за заштита на податоци (DPC), главниот регулатор на матичната компанија на Инстаграм, Meta Platforms Inc.

Деталите за одлуката ќе бидат објавени следната недела.

Канцеларијата за медиуми на Мета не одговори на барањето за коментар.

DPC ги регулира Фејсбук, Епл, Гугл и другите технолошки гиганти бидејќи нивното европско седиште е во Ирска. Тој отвори десетина истраги за компаниите на Мета, вклучувајќи ги Фејсбук и Ватцап.

Поврзани новости