Градоначалникот на Ирпин, Олександар Маркушин изјави дека од денеска на новинарите им е забранет влез во градот.
Одлуката е донесена откако загина американскиот новинар Брен Рено (51) при напад на руските сили, кои отвориле оган врз автомобил во движење. При нападот повредени се уште двајца новинари и се хоспитализирани.
– Почнувајќи од денеска им забрануваме на новинарите да влезат во Ирпин. Сакаме да ги спасиме нивните животите и на нашите бранители, истакна Маркушин.
Тој, исто така, ги повика новинарите и украинските цивили да не објавуваат информации на интернет за воениот персонал, нивната опрема или нешто што може да укаже на нивната локација.
– Од почетокот на руската инвазија во Украина убиени се двајца новинари. Јевгениј Сакун, дописник и снимател на украинскиот телевизиски канал „Лајф“, кој работеше и за шпанската новинска агенција ЕФЕ, загина за време на нападот врз телевизиската кула на 1 март, соопшти Меѓународната федерација на новинари.