Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници преку соопштение до медиумите го повикаа Јавното обвинителство сериозно да му пристапи на случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ и особено да посвети внимание на постапувањето на државните институции при контролата на јавните и приватните здравствени установи.
Со оглед на бројните пријави на граѓани кои деновиве пристигнале во нивните организации, апелираат Јавното обвинителство да ја извести јавноста за преземените мерки во најкус можен рок.
Од ИРЛ, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници реагираат на вчерашната прес-конференција на Министерството за здравство и останатите државни органи кои учествуваа во неа, посочувајќи дека тие уште еднаш демонстрирале како институциите со содржината и особено начинот на изразување сами ја зголемуваат општата недоверба на граѓаните во институциите.
Ова, потенцираат, доаѓа во моменти кога треба да се разоткријат неправилностите кои резултираа со тешки последици по здравјето и животот на луѓето на што укажа документарецот на ИРЛ „Нечиста крв“.
Дополнително, нагласуваат, дел од наводите кои беа изнесени, дека спорната метода не е дел од општоприфатените протоколи за лекување, беа познати уште на самите почетоци на нејзиното практицирање.
Граѓаните кои се соочиле со проблеми во здравствениот систем, како што информираат, може да се обратат за бесплатна правна помош, секој работен ден од 10 до 14 часот, на следните адреси: ИРЛ – Булевар „Илинден“ 47-2, 1000 Скопје; +38976302307; irlmacedonia@irl.mk , Хелсиншки комитет за човекови права – ул.„Наум Наумовски Борче“ 83, 1000 Скопје; 02/3119-073 и 072/278-436; лица за контакт: Наташа Петковска natasha.petkovska@mhc.org.mk; Ина Џугуманова ina.dzugumanova@mhc.org.mk; Тона Карева tona.kareva@mhc.org.mk; Славица Анастасовска slavica.anastasovska@mhc.org.mk и Македонско здружение на млади правници – ул.„Донбас“ 14-1/6; тел. 02/3220-870, моб. 072/223-963; лице за контакт: Весна Дишлиоска, vdislijovska@myla.org.mk .