Иринеј: Вселенскиот патријарх не треба да носи еднострана одлука за МПЦ

by fokus

Бачкиот епископ на СПЦ Иринеј изјави дека би било грешка ако вселенскиот патријарх донесе еднострана одлука за афтокефалност на „канонски непризнаените цркви во Македонија и Украина, бидејќи на тоа би му се спротивставил целиот православен свет“.

– Цариградскиот патријарх е прв меѓу еднаквите, а не прв без еднаквите. Затоа и, не дај Боже, да постои намера на сесветиот патријарх Вартоломеј за некаква еднострана и произволна пресуда во случајот на скопскиот и украинскиот раскол, тоа ќе биде израз на голема заблуда, голема духовна грешка и од аспект на поредокот на православната црква и канонските закони, целосно ништавно, изјави владиката Иринеј за „Политика “.

Тој истакна дека говори целосно хипотетички, бидејќи длабоко верува дека до тоа нема да дојде.

– Доколку до тоа дојде, под политички или други притисоци и поттикнувања, тоа би предизвикало решавачко несогласување и спротивставување, не само во словенскиот православен свет, туку и пошироко во православието, рече Иринеј.

„Политика” потсетува дека патријархот Вартоломеј неодамна ги повика сестринските цркви да ја прифатат „црквата во Скопје” во православно единство и дека истакнал оти „апостолска должност на црквата е да бара начини за спасение на нашите браќа во Скопје и Украина”.

Според „Политика“ на ова реагирал протоерејот Всеволд Чаплин, од Руската православна црква, кој оценил дека со давањето на автономија на украинската и на „македонската црква против волјата на нивните мајки цркви, руската и српската, може да дојде до раскол во православниот свет.

Поврзани новости