Доколку денес би се одржале парламентарни избори, за СДСМ би гласале 21 отсто од граѓаните, а за ВМРО-ДПМНЕ 18 проценти, покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
ДУИ има поддршка од седум проценти од анкетираните, Алијансата на Албанците два, а ДПА и двете крила на Беса по еден отсто.
Деветнаесет проценти не знаат или се уште не решиле за кого би гласале, четири отсто нема да излезат на избори, а 23 проценти одбиле да дадат одговор на анкетата.
Во споредба со последната анкета на ИРИ од август 2017 година, рејтингот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ е зголемен за еден процент, на ДУИ и на ДПА останал ист, а на Беса и на Алијанцата за Албанците е намален за три проценти.
Меѓу политичарите во Македонија, според анкетата, најголема поддршка има Зоран Заев со 16 отсто, Никола Груевски го поддржуваат седум отсто, Ахмети пет, Ѓорге Иванов пет, а Христијан Мицкоски и Никола Димитров имаат поддршка од два отсто од анкетираните. Во споредба со претходната анкета од август 2017 рејтингот на Заев е ист, на Груевски е намален за четири проценти, а на Ахмети за еден отсто.
Вкупно 45 отсто од граѓаните опфатени со анкетата одговориле дека не поддржуваат ниту еден политичар, што е зголемување од 14 отсто во споредба со претходното истражување.
На прашањето, пак, дали ВМРО-ДПМНЕ дејствува како конструктивна опозиција, вкупно 34 проценти одговориле потврдно, а спротивен став имаат 45 отсто.
Анкетата на ИРИ е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку ГфК Скопје. Податоците се собрани преку интервјуа лице в лице од 28 јуни до 15 јули 2018 година од страна на обучени професионалци. Примерокот се состои од 1.100 анкетирани, на возраст над 18 години, а стапката на одговор беше 69 проценти.
Истражување е спроведено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој.