Фактот дека во последните месеци руските сили сè почесто користат беспилотни летала од иранско производство за бомбардирање на Украина, денеска го потврди и иранскиот врв, кој изјави дека употребата на овие беспилотни летала во Украина покажува дека Техеран е клучен играч на тоа поле.
Зборувајќи за САД и нивните западни сојузници, иранскиот генерал Мохамад Багери изјави за новинската агенција Тасним: „Атмосферата создадена од арогантниот свет во врска со употребата на ирански беспилотни летала во војната во Украина е дел од психолошката војна на непријателот“.
„Без оглед на тоа што многу од овие тврдења би можеле да бидат погрешни, тоа всушност ја докажува ефективноста, важноста и високата позиција на Исламската Република во областа на беспилотните летала“, додаде Багери.
Иран првично негираше дека и испорачувал на Русија беспилотни летала што таа земја ги користела во нејзината војна против Украина, но подоцна призна дека и продавал дронови на Москва пред да започне инвазијата.