Само прекинот на огнот во Појасот Газа ќе го одврати Иран од директна одмазда против Израел за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран, изјавија тројца високи ирански претставници, пренесува денеска Ројтерс. Иран вети дека ќе одговори на убиството на Ханија, што се случи на крајот на јули додека тој беше во посета на Техеран, а за што го обвинува Израел.
Израел ниту потврди ниту негираше вмешаност во убиството. Американската морнарица распореди воени бродови и подморница на Блискиот Исток за да ја зајакне одбраната на Израел.
Висок ирански безбедносен функционер рече дека Иран, со сојузниците како Хезболах, ќе изврши директен напад доколку пропаднат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа или ако се добие впечаток дека Израел ги запира разговорите.
Изворите не кажаа колку долго Иран ќе дозволи преговори пред да одговори. Преговорите треба да започнат во четврток во Египет или Катар.
По убиството на Ханија и командантот на Хезболах, Фуад Шукр во Бејрут, Иран во последните денови е во интензивен дијалог со западните земји и САД за да ја ограничи својата одмазда, рекоа изворите, кои сакаа да останат анонимни.
Американскиот амбасадор во Турција, во изјава објавена денеска, потврди дека Вашингтон бара од сојузниците да помогнат да се убеди Иран да ги деескалира тензиите. Тројца извори од регионалната влада изјавија дека се водат разговори со Техеран за да се избегне ескалација пред преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
„Се надеваме дека нашиот одговор ќе биде темпиран и спроведен на начин што нема да му наштети на потенцијалниот прекин на огнот“, соопшти во петокот мисијата на Иран во ОН. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека повиците за воздржаност „се во спротивност со принципите на меѓународното право“.