Иран сè уште е подготвен да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) со цел да се отстранат сомнежите на агенцијата за мирновременскиот карактер на нуклеарната програма на Техеран.
– Иран е подготвен да соработува со МААЕ за да ги отстрани лажните впечатоци за неговите мирновременски нуклеарни активности, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани.
Неговата изјава доаѓа на почетокот на состанокот на Бордот на гувернери на МААЕ што почна денеска во Виена.
МААЕ неодамна во својот извештај изјави дека „не може да гарантира“ дека иранската нуклеарна програма е „исклучиво мирновременска“.
Генералниот директор на агенцијата на ОН Рафаел Гроси денеска на почетокот на состанокот изјави дека МААЕ е подготвена да најде решение со Иран.
– Нашата цел не е да ја влошиме ситуацијата или да создаваме проблеми, само сакаме да разјасниме некои прашања. Тоа е многу едноставно. Најдовме траги од ураниум на места кои не беа пријавени и каде што не треба да има нуклеарни активности, рече Гроси.
Од април 2021 година, Иран е ангажиран во разговори со посредство на ЕУ за рестартирање на нуклеарниот договор од 2015 година, со Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија. Во овие разговори индиректно учествуваат и САД кои се повлекоа од договорот.