Иранските демонстранти денеска се вратија на улиците низ земјата, одбележувајќи го 40-от ден од убиството на околу 100 лица во протестот во провинцијата Систан и Белуџистан што безбедносните сили се обидоа да го задушат.
Веќе седум недели Иран го потресуваат сериозни демонстрации, што беа започнаа на 16 септември предизвикани непосредно по смртта на 22-годишната Махса Амини.
Демонстрациите се еден од најголемите предизвици со кои се соочија иранските верски лидери откако дојдоа на власт со револуција во 1979 година. Според податоците на организацијата Активисти за човекови права во Иран, од почетокот на протестите низ земјата се убиени најмалку 300 демонстранти, а 14.000 се уапсени.
И покрај напорите на владата да го запре интернетот, на видео снимки од Техеран и другите градови во Иран може да се види дека во земјата демонстрациите продолжуваат и дека на цивили се употребува солзавец, додека демонстрантите скандирааат „Смрт за диктаторот“, што се однесува на иранскиот врховен водач – ајатолахот Али Хамнеи.
Во меѓувреме, иранските власти продолжуваат со заканите кон демонстрантите во земјата и оние кои се собираат ширум светот.
Иранскиот министер за разузнавање Есмаил Хатиб ги повтори своите закани кон Саудиска Арабија, која заедно со Велика Британија, Израел и САД е обвинета за поттикнување немири.
Минатата недела, американските официјални лица изјавија дека Саудиска Арабија споделила разузнавачки информации со САД, сугерирајќи дека Иран би можел да подготвува неизбежен напад врз кралството. Заканите од Техеран продолжуваат, и покрај тоа што Иран подоцна го нарече тврдењето „неосновано“.