ИПАРД многу ќе помогне, но сам по себе не е доволен да го спаси земјоделието

by Fokus

Владата го потпиша договор за ИПАРД 3 програмата преку кој Европската Унија  на земјоделците им дава нови 97 милиони евра. Станува збор за средства наменети за модернизацијата и развој кои се неповратни и можат да се искористат до 2027-та година. Новина во програмата е што ќе бидат поддржани и проекти за повторно пошумување и заштита на шумите, како и за советодавни услуги и рурална инфрастуктира.

Земјоделците и експертската јавност го поздравија овој како што рекоа убав момент, но предупредија дека ИПАРД не е никакво магично решение за секторот кој оди кон замирање.

Според професорот од земјоделскиот факултет Драги Димитриевски-  ИПАРД 2 е позитивен пример дека конечно административно сме созреани за предпристапните фондови и затоа очекува стопостотна искористеност и на ИПАРД 3.

“Го пратам целиот процес со ИПАРД од 2009 та година и не ме чуди што првичните средства не беа искористени поради немање искуство и административен капацитет и треба да се знае дека тоа не беше случај само кај нас. Но еве како поминува времето и државата и земјоделците најдоа начин да се координираат и веќе вториот повик да го искористат до крај. Затоа немам причина да се сомневам дека и третиот ИПАРД повик кој е најавен овие денови и кој е двојно поголем ќе биде искористен целосно бидејќи нашето земјоделство има потреба од тие средства и луѓето знаат каде треба да ги вложат парите”

Сепак, според Димитриевски ние имаме поголем и подолгорочен проблем наречен депопулација на руралните средини што само по себе значи дека за некој период и ќе нема кој воопшто да работи земјоделие, а камоли да инвестира и да се развива.

“ИПАРД е најмал проблем, ние не сме свесни дека најтешките поглавја од преговори со ЕУ ќе ни бидат токму во делот на безбедноста на храна. Тоа особено ќе се интензивира со новата земјоделска политика на ЕУ која стапува на сила и која ќе воведе бројни ограничувања на кои ние моментално апсолутно не сме спремни”.

Според него ние во едни нови предизвици влегуваме со стари проблеми нерешени со децении како на пример раситнетост на земјиштето и немање стратегија за задржување на младите луѓе во селото.

Според  Министерството за земјоделство  досега од ИПАРД 1 и 2 за искористените 70 милиони евра се потпишани 2.400 договори, од кои 2.100 договори веќе се исплатени.

Поврзани новости