Инженери со подарени оценки го убија Васко

Е таков некој утре ќе стане инженер. И тој утре ќе направи некој пропуст, во кој луѓе ќе го загубат животот. Баш таквите инженери, на кои Васко не сакал да им пишува оценки што не ги заслужуваат, таквите и го убија. Оти некој таков и ја проектирал главната Железничка станица во Нови Сад. Македонија изгуби еднаш што дозволила таков мозок како Васко да си замине од тука. Но, сега изгуби засекогаш. Овојпат неповратно!

by Fokus

Текстот е објавен на 7 ноември, 2024 година во бројот 1518

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред две недели одекна страшна и трагична вест од Нови Сад. Се урна настрешницата на главната Железничка станица и во урнатините закопа 14 деца, мајки, баби, татковци, дедовци…

Во еден миг, дел од нив со билетот в рака се подготвувале за пат, а само секунда подоцна, сѐ стана урнатина, прав, закопани тела… Само една секунда беше потребна да се уништат 14 животи и да се зацрнат многу семејства.

Меѓу загинатите беше и македонскиот научник Васко Саздовски од Свети Николе, кој работел таму, а тргнал да си го види своето семејство во родната земја. Но, тој ден беше кобен за него, а, од друга страна, неговото име и наука за првпат одекнаа во земјата.

За првпат Македонија откри кој е тој, како и за неговата обемна научна дејност. Саздовски си дал отказ од Електро факултетот во Штип, само затоа што го принудувале да става подарени оценки на некои, кои не заслужуваат ниту шестка.

Е таков некој утре ќе стане инженер. И тој утре ќе направи некој пропуст, во кој животот ќе го загубат луѓе. Баш таквите инженери, на кои Васко не сакал да им пишува оценки што не ги заслужуваат, таквите и го убија.

Оти некој таков и ја проектирал главната Железничка станица во Нови Сад. Македонија изгуби еднаш што дозволила таков мозок како Васко да си замине од тука. Но, сега изгуби засекогаш. Овојпат неповратно.

Една ваква тешка трагедија само ни ги отвора очите во какво општество живееме, каков урнисан систем има земјата, која ништо не е поразлична од Македонија и во која никој нема да преземе одговорност. Тешко само на семејствата на загинатите.

Веднаш по трагедијата, прв на телевизија се појави српскиот претседател Александар Вучиќ, на кој не му е првпат јавно да заплаче. Но, наместо да биде жртва во приказната, од него треба да тргне одговорноста, не мора кривична, туку морална. Ако воопшто ја има.

Но, не, тоа сигурно нема да се случи, како што ништо не се случи кога во тетовската модуларна болница живи изгореа 14 луѓе.

Секое чудо за три дена. Протести сега има во Србија, имаше и во Македонија, одговорност никој не презема, ниту морална, а да не зборуваме за кривична. Целата приказна заврши со кабелот, кој е главниот виновник за страшната трагедија што се случи на 8 Септември 2021 година, за независноста на Македонија.

Оттогаш поминаа три години, семејствата на загинатите протестираа, имаше судски процес, но на крај кабелот „заврши“ зад решетки. Ништо поразлична нема да биде ситуацијата и во Србија.

Во текот на следните десетина дена ќе има протести, ќе се повикува на одговорност и сѐ ќе заврши тука. Политичарите, кои се најодговорни за тоа што се случило, бидејќи тие дозволиле системот да произведе такви инженери, кои ја проектирале Железничката станица, која како ламја го зеде животот на 14 луѓе.

Мајка додека купуваше билет, гледаше како бетонот му паѓа на глава врз нејзиното дете, дедо ја изгуби својата внука под урнатините. Бројни страшни случаи и ужасна трагедија, која нѐ потресе сите.

Затоа мора да потенцираме – за сѐ е виновен системот што дозволил да се штанцаат само дипломи, без да се размисли дека една таква диплома може во гроб да однесе многу луѓе.

Така се штанцаат дипломи на дел од факултетите, на медицинските факултети, на Електро, од каде што подоцна треба да излезат кадри што ќе спасуваат човечки животи или, пак, инженери, кои ќе проектираат уште многу железнички станици, објекти, згради… Токму тој систем ги убива луѓето.

Но, уште потажно е што од тоа никој не се извлекува никаква поука. Сѐ си продолжува по старо, само на семејствата останува тешкото, кои ги изгубиле своите најблиски.

Без одговорност, со уништени вредности и урнисан систем, од образовен до здравствен, повторно ќе се појави нов Васко и уште многу други како него, кои ќе бидат жртви на неспособните власти и на неодговорните политичари.

 

Поврзани новости