Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија ФА Купот победувајќи го минатиот викенд градскиот ривал Јунајтед, и со тоа ја освоија двојната круна, а во сабота, на 10 јуни ги очекува финалето од Лигата на шампионите против милански Интер.
Клубот од Милано го освои пехарот во Купот оваа сезона и според многумина е аутсајдер против Сити, а стратегот на „Нероаѕурите“, Симоне Инзаги пред натпреварот зборуваше за ривалите:
„Генерално, ова е најважниот момент во мојата кариера. Целата напорна работа инвестирано во текот на годината, ни се враќа. Не чека полн стадион, со многу турски навивачи кои ќе бидат поделени меѓу Чалханоглу и Гундоган. Не сум баш добар со процентите и одлучувањето за фаворитите, но ќе се соочиме со најсилниот тим на светот, кои ја освоија Премиерлигата петпати во последните 6 години, што е најконкурентна лига во светот“.
Тој посебно го пофали Гвардиола.
„Ако сакаме да победиме, ќе мора да играме одлично како тим бидејќи пред нас ќе ги имаме најдобрите противници предводени од одличен тренер кој го одбележа модерниот фудбал. Секогаш сум велел дека за мене тој е најдобриот тренер во светот. Бевме противници како играчи и имам една анегдота. На мојот меден месец во Њујорк, појадував во хотел со сопругата, а Гвардиола седна на масата до нас и ни се придружи“ рече Инзаги.