Во Кавадарци од вчера започна собирањето на потписи против отворање на регионален центар за собирање и третман на отпадни гуми.
Поголемиот дел од граѓаните се против изведување на проектот –Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми за потребите на инвеститорот Ековатив Оил ДООЕЛ, со седиште во Скопје. И покрај најавите на инвеститорите, дека ќе се работи според строги стандарди, кавадарчани се категорични дека во општината нема место за загадувачка индустрија и стравуваат за јавното здравје и животната средина.
Околу тоа кој е инвеститорот, односно друштвото за собирање, складирање, управување и обработка на отпад, трговија и услуги Ековатив Оил ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, зад кое стои управителот на компанијата Давид Мандиќ, и зошто се одлучило да се гради на парцела земена под закуп, токму во Кавадарци, во близина на Фени, индустриска зона од категоријата Г1 (тешка и загадувачка индустрија), граѓаните имаат многу прашања на кои бараат одговор.
,,Фокус” разговараше со еден од инвеститорите, Стефан Мандиќ, кој вели дека цели осум години траеле подготовките за овој проект, кој е прв од ваков вид во Македонија. Мандиќ вели дека иако дошол во Кавадарци, во вторникот, на одржувањето на Јавната расправа по Студија за оцена на влијанието врз животната средина на нивниот проект, сепак не успеал да одговори на прашањата од јавен интерес, бидејќи граѓаните присутни на расправата не сакале ниту да сослушаат што има да им се каже.
За време на расправата граѓаните довикуваа – Одете си во Скопје, таму да ги градите, не дозволуваме овде дополнително загадување.
-Се обидовме да појасниме се, но не успеавме ниту да ја одржиме расправата како што треба, бидејќи во старт наидовме на отпор кон проектот. Сакам да појаснам дека ова е прв проект во кој отпадната гума комплетно ќе се искористува, и приоритет е економијата и заштитата на животната средина.
Општината ќе има повеќе бенефици, планирано да е да има од 30 до 50 директни вработувања, плус околу 50 индикректни.
На прашањето зошто баш во Кавадарци, одговорот е едноставен, станува збор за добра локација во централна Македонија, парцелата е во округот на Фени, на парцела која е веќе од Г1 категорија, вели Мандиќ.
Додава дека добил повици од негови пријатели од Кавадарци, кои го прашувале дали и во каква бизнис релација е со сопственичката на парцелата, која ја изнајмил, а на која планирал да се гради центарот, бидејќи станувало збор за поранешна јавна функционерка, но тој вели дека воопшто не знаел за која личност станува збор.
-Локацијата беше пресудна за да решиме проектот да го градиме во Општина Кавадарци. Парцелата ја изнајмуваме по цена од 1.400 евра месечно, со тенденција истата да ја купиме.
На прашањето зошто под наем, а не сме купиле земјиште на кое би започнале со изградба, тоа е така бидејќи сакаме првин да добиеме дозвола, а потоа да ги купиме земјиштето. Не се инвестира во купување на земјиште, доколку е неизвесно дали ќе се добие потребната дозвола, ризик е, појаснува Стефан Мандиќ, кој за себе вели дека има 34 години, студирал и живеел во странство, но се одлучил за овој проект во Македонија, бидејќи сакал да се врати дома и да придонесе за развојот на индустријата и домашната економија.
-Во Македонија нема центар за третман на отпадна гума, и истата се предава на овластени постапувачи со отпад, кои гумата ја скалдираат во нивните складилишта, и гумите таму остануваат со години. Годишниот проектиран капацитет на нашиот центар би бил од 10.000 до 12.000 тони отпадна гума.
Ние сме социјално одговорна компанија, нашата линија е произведена во 2019 гдина, значи ќе работиме според современи методи, појаснува Мандиќ.
Вели дека компанијата Ековатив Оил била формирана пред една година, а во минатото тој се занимавал со трговија и туризам. На парцелата во Општина Кавадарци планирано било да се гради хала од околу 1.000 метри квадратни.
Околу реакциите на кавадарчани, дека станува збор за компанија во чија сенка стои Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, која своевремено беше потпретседателка на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, и една од обвинетите во случајот со невладината организација, Стефан Мандиќ вели дека инвеститорите со неа се во роднинска врска, но сепак таа не била дел од компанијата – инвеститор на проектот.
Појаснува дека имал понуда да го реализира проектот во соседна Србија, но сакал тоа да го направи во родната Македонија.
И додека кавадарчани категорично ја отфрлаат идејата за изградба на центарот, стравувајќи за своето здравје, вчера градоначалникот Митко Јанчев се огласи со јавно соопштение во кое тврди дека секогаш му е приоритет здравата животна средина и општото добро на општината и населението.
Денес, откако во јавност се објави документ, потпишан од него, според кој тој дава позитивно мислење за изведба на проект односно подготовка на оцена на влијанието врз животната средина, тој појасни дека позитивното мислење е за изработката на студијата, но не и за изградба на центарот, бидејќи според закон, Општина Кавадарци не може да донесе таква одлука.
Вики Клинчарова