Германскиот канцелар Олаф Шолц го поддржа членството на Украина во ЕУ на бизнис форум во Берлин посветен на обновата на Украина.
– Додека ја обновуваме Украина, тогаш да го сториме тоа имајќи ја на ум целта Украина како членка на ЕУ, рече Шолц.
Транспортната инфраструктура како и логистичкиот и транспортниот сектор треба да се развиваат на тој начин што земјата ќе се поврзе без никакви проблеми со ЕУ.
– Кој денес инвестира во обновата на Украина, инвестира во идна земја членка на ЕУ која ќе биде дел од нашата заедница на закони и нашиот внатрешен пазар, рече Шолц.
Германскиот канцелар истакна дека повеќе од 2.000 германски компании биле активни во Украина, други сакаат да се вратат што е можно поскоро.
Тој апелираше до украинската влада дополнително да ги подобри рамковните услови за инвестирање. Спомна повеќе владеење на правото, поголема транспарентност и уште порешителна борба против корупцијата, пренесе ДПА.
Шолц, исто така, вети дополнителна воена помош за Украина, особено за да се заштити од напади од воздух.