Вистинска драма во живо се случуваше вчера во емисијата „Само Вистина“ на телевизијата Канал 5.
Гостинот Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен советник на премиерот Ковачевски ги обвини новинарот Александар Видиновски и самата Телевизија за потценување на Албанците и ширење на национализам по што се разви жестока дискусија меѓу нив. Во емисијата од дома, преку видео повик се вклучи и директорот на Канал 5, Иван Мирчевски кој застана зад Видиновски. По расправијата со Рамадани тој одлучи емисијата да биде прекината, а советникот на Ковачевски да го напушти студиото.
Инцидентот предизвика низа реакции во јавноста. Се јавија и новинарските организации. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) испратија заедничко соопштение.
„Со нашата реакција сакаме да ја истакнеме важноста од потребата за одржување на новинарските стандарди, обезбедување дискурс со почитување и заштита на уредувачката независност“, велат ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
„Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.
ЗНМ, ССНМ, СЕММ изразуваат сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствијата од ваква природа можат да и наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално.
Професорката Мирјана Најчевска вели дека поранешниот пратеник треба да одговара за поттикнување етничка и национална нетрпеливост.
-Исмет Рамадани треба да одговара за поттикнување на етничка и национална нетрпеливост.И не, етничката припадност не смее да биде заштита од било која критика и адут кој се вади при посочување на криминалните активности на било кого во власта.Во моментот кога етничките албанци добија високи функции во власта граѓаните добија право да ги критикуваат и повикуваат на одговорност, не затоа што се етнички албанци туку затоа што се на такви позиции од кои решаваат за правата на сите граѓани во македонија напиша Најчевска на фејсбук.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, пак, остро го критикуваше потегот на директорот на телевизијата, Мирчевски.
-Канал 5 Тв поставува нови стандарди во македонското новинарство.Добро би било и да истепаат некој гостин наредниот пат. Ваков примитивизам во 30 години демократија немаме видено, а мислам дека и во светското новинарство нема ваков преседан. На ваква агресија уште пак и аплаузи да не се замерат со Канал 5. ГОЛЕМ срам за македонското новинарство, вели Георгиевски.