Член на обезбедувањето на собранискиот спикер, Африм Гаши учествувал во инцидент што се случил денеска околу десет часот на Меѓународниот аеродром Скопје, бидејќи косовската претседателка не сакала да го остави телефонот на скенер.
Кога поминувала гранична контрола, според информациите од МВР за „Фокус“, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.
-Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер, велат од МВР,
По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, полициски службеник, со уште две лица, полициски службеници и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката.
-При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, велат од МВР за „Фокус“.
Дел од медиумите јавуваат дека обезбедувачот на Гаши репетирал и вперил пиштол кон полициски службеник, но ова од МВР не е официјално потврдено.