Иако беше најавен настап на српската ѕвезда Жељко Јоксимовиќ на овогодинешното „Охридско лето“, сепак, до такво нешто нема да дојде.
Реакциите на јавноста беа бурни, а раководството на фестивалот порача дека тоа биле само преговори, без дефинитивна одлука за настап на Јоксимовиќ во Охрид.
И покрај тоа, се чини дека во Северна Македонија години наназад повеќе простор се дава на странските ѕвезди, особено на тие од Балканот, отколку на нашите музичари.
Виолинистот Зоран Џорлев во интервју за „Фокус“ вели дека во нашата земја има многу повеќе квалитетни имиња, од тие што се носат од соседна Србија и останатите земји.
„Не велам дека Јоксимовиќ е неквалитетен музичар, но повеќе би следувало да биде дел од некоја „оф“ програма или друг вид фестивал. Јас постојано повторувам дека ако ние самите не се цениме, па што очекуваме од останатите?! Ние имаме многу повеќе Жељковци, но, за жал постојано им се дава шанса на тие од надвор. Имаме толку многу талентирани пејачи, групи, музичари од сите музички жанрови и сите тие се борат и за „ич“ пари прават концерти и настапи со кои може да ни позавиди светската музичка сцена. Направете анализа па ќе видите колку нашите организатори на истите тие фестивали поканиле македонски изведувачи?! “, вели Џорлев.
Како што додава тој, нема да се откаже да помага на младите генерации за да го надминат синдромот на самопотценување. Виолинистот се надева дека во изминатите години е собрано доволно искуство за да си го браниме, сочуваме и цениме нашето творештво.
Иако во земјава се уште важи забраната за прослави и свадби, во неколку случаи беа забележани прекршувања на овие мерки и беа одржани свадби и останати прослави. Токму и од таквите настани има и заболени од опасниот корона вирус.
Музичарите во ваква криза трпат големи штети, вели Џорлев. Државата треба да изнајде начин како да им излезе во пресрет, затоа што последиците и за нив се катастрофални.
„Ние музичарите сме оставени на маргините. Замислете еден ден без никаква музика на медиумите и секаде околу нас. Замислете да гледате филм без музика. Сите ќе признаеме дека музиката е благослов од Бога и со неа е се полесно. Веќе во Хрватска е најдено решение за одржување на свадби и други веселби. Треба и кај нас такво нешто да се случи. Ако вака продолжи, штетата ќе биде со несогледиви последици“, додава нашиот соговорник.
Но, колкава е опасноста доколку надлежните одлучат дека може да почнат повторно да се одржуваат свадби и останати веселби?
„Дали е помала опасноста, прославите и свадбите да се одржуваат во сопствена организација, без никакви протоколи, без никакви мерки, или пак контролата ќе биде поголема доколку овие настани се одржуваат во угостителски објекти кои задолжително ќе ги почитуваат утврдените мерки и протоколи. Ако се сака може да се изнајде решение. Така и угостителите и изведувачите ќе бидат задоволни, што би рекле „Подобро помалку, но, континуирано, отколку ништо“. Свесни сме дека не може да биде како што било порано, но животот продолжува, секако со прилагодување на новите услови“, посочи тој.
Нашиот музичар е разочаран од тоа што се слуша низ македонските дискотеки и кафулиња.
„Прошетајте низ одредени дискотеки и слушнете што слушаат младите, за жал. Пак ќе кажам дека тешко ќе го искорениме ова што е наталожено со децении. Но, следејќи ја македонската музичка сцена, сметам дека имаме капацитет и време е да ги промениме нештата во наша полза, од нас најмногу зависи“, смета Џорлев.
Како и голем дел од неговите колеги, така и тој нема ангажмани овој период додека трае корона кризата. Сепак вели, си нашол занимација за исполнување на слободното време.
„Периодов го искористив да си ја средам мојата богата архива (фото, видео, аудио, текстови). Среќен сум и не ги кријам чувствата на задоволство со тоа што сум го сработил низ годините наназад. Како и најголемиот дел мои колеги, за жал не само периодов, туку и неколкуте години наназад сум непоканет на многу настани, фестивали. Но, сцената си ја направив во домашни услови и продолжувам со изведбата на незаборавни, прекрасни композиции од богатата македонска музичка архива“, го заврши разговорот Џорлев.
Фотографии од архивата на Зоран Џорлев*
Јорданчо Цветаноски