(ИНТЕРВЈУ) Трајанов: Ако Ковачевски е вклучен во криминал, нема да го штедам

by fokus

Во интервјуто за новиот број на  неделникот „Фокус“, претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, меѓудругото, зборува и за борбата против корупцијата и криминалот.

Вели дека ниту оваа, ниту претходните влади немале јасно изразена политичка волја за борба против криминалот.

Ја искоментира и аферата „Броило“ која ја објави ВМРО-ДПМНЕ.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Ја споменавте високата корупција. Против двајца генерални секретари на владата веќе има обвиненија. Што покажува ова за висока корупција во владините редови?

ТРАЈАНОВ: Генерално, Македонија е високо криминализирана држава. Октоподот е во сите сфери на живеењето. А, тој секогаш има глава, ако не го удрите со чекан по главата и му ги сечете само краците, тој и натаму се шири.

Криминалот е главна причина за сите проблеми. Нема јасно изразена политичка волја за борба против криминалот, ниту од претходните, ниту од оваа влада. Дури и декларативно, не е тоа главна топ тема. Колку афери отворија новинарите и невладините организации? Доволно е МВР да ги следи тие истражувања.

Сега во оваа критична состојба, кога имаме големи раздвижувања околу енергенсите, мислите дека тука нема криминал? Нема некој што бил на раководни структури во енергетскиот сектор, а потоа не станал бизнисмен и не изманифестирал огромни средства.

Направете преглед кој сѐ бил во ЕВН, ЕСМ и каков му е сегашниот статус и со што сега се занимава. Тој сектор треба да биде под целосен оперативен надзор.

ФОКУС: Велиме дека владата треба да ја диктира борбата против корупцијата. ВМРО-ДПМНЕ ја објави аферата „Броило“ и го обвинува премиерот дека фирмата што тој ја основал сега добива државна помош. Премиерот, пак, вели дека тој се откажал од својот удел во фирмата. Доволно ли е тоа повлекување од сопственичката структура, за таа фирма да може да добива државна помош?

ТРАЈАНОВ: Тука има проблеми околу законските решенија. Ако формално се повлечеш, излегува дека веќе ти не си дел од таа фирма. Во пракса кај нас не е така. И не верувам дека е поинаку во другите држави.

Влијанието е присутно и не може да го елиминирате. Дали е премиер или претседател, колку и да се откажува, самото по себе дека бил дел од таа фирма ги охрабрува другите да соработуваат со истата фирма. И нема начин тоа да го спречите, да се поништи ли фирмата?

За мене клучно е дали премиерот Ковачевски, откако дојде на таа позиција, работи согласно неговите законски надлежности и дали одредени бизниси ги насочува кон неговата фирма. Јас такви информации немам.

Немаме информации дека Ковачевски е вклучен во некакви криминали активности. Ако добијам такви информации, нема да го штедам. Ако го критикуваме за многу работи, тоа што нема информации дека е дел од некакви нелегални активности е позитивна работа.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости