Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека можно е да бидат изгласани уставните измени пред претстојните избори, што, според него, има шанси да се случи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ под „одредени гаранции“.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Можни ли се уставни измени пред избори?
ТАРАВАРИ: Сѐ уште се надевам дека уставните промени ќе успееме да ги направиме пред избори. Имам комуникација со сите партии, и не само со раководството, туку со членови. Знам дека може во последен момент да се роди искра надеж и ВМРО да одлучи да гласа за уставните измени.
ФОКУС: Цело или дел од ВМРО?
ТАРАВАРИ: Има шанси цело ВМРО. Мислам дека и за нив е подобро овој проблем да се реши сега отколку потоа, било што да се случи на изборите.
ФОКУС: Да, но како би ја оправдале таа драстична промена во ставот?
ТАРАВАРИ: Како што СДСМ згреши што францускиот предлог го истурка без консултации и инклузивност, така ВМРО згреши што отиде со тоа „бугарски диктат“. Подигнато е нивото многу високо за да се вратат назад. Меѓутоа, мислам дека можеби може да се случат одредени комбинации или гаранции што можат да направат ВМРО да ја преиспита позицијата.
ФОКУС: На што поточно мислите?
ТАРАВАРИ: Од меѓународната заедница, одредени гаранции дека ете ова е последен услов што се поставува од Бугарија или уште нешто со што ВМРО би се оправдало пред членството и ќе може да изгласа. Друга опција што е можна, но е непријатна, а тоа е некои пратеници на ВМРО да гласаат за уставните промени. Искрено јас сум скептик, но се зборува и тоа, дека има одредени пратеници.
ФОКУС: Кога Кренар Лога од вашата партија стапи на министерската функција во правда, најавуваше дека ќе го врати Груевски. Како тргнало, се чини дека навистина може да го вратите, не во хашките келии, туку како слободен човек, за да помогне за уставните измени.
ТАРАВАРИ: Не верувам во тоа сценарио, иако има доста конспирации. Но, во Македонија за ништо не може да се каже сигурно.
ФОКУС: Дали некој работи на такво сценарио? Опозицијата обвини дека има оска СДСМ-ДУИ-Груевски, бевме сведоци како Ахмети го пофали како премиер, а Битиќи отворено рече дека треба да се подаде рака за помирување.
ТАРАВАРИ: За Груевски денес го имам истото мислење како во 2014-2016. Човекот треба да се врати и да го одлежи тоа што треба. Тврдам дека, ако постојат такви игри, АА воопшто не е вмешана. Лога почна иницијатива (екстрадиција на Груевски), но, сепак, владата е составена од повеќе партии. Ние сме една од трите поголеми партии и ќе инсистираме Груевски да се врати во Македонија само ако го одлежи она што му следува.
ФОКУС: Точно ли е дека Лога одбивал да ги потпише измените на КЗ и да ги брани во Собрание?
ТАРАВАРИ: Да, имам информација од министерот дека не прифаќал и не сакал да го потпише тоа.
ФОКУС: Зошто одбивал, ако велите дека нема никакви игри во заднина?
ТАРАВАРИ: За тоа ќе го прашате него да каже точно зошто, но пред нас на Централното претседателство кажа дека не прифаќа тоа да го потпише и дека нема да го потпише.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.