Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека со неговиот претходник Зијадин Села се координираат за стратешки прашања. Тој вели дека засега Алијанса тера самостојно, но не исклучува ниту една варијанта за коалицирање, зависно од условите и околностите. Според него, АА може да биде детермирачки фактор каква комбинација ќе се направи после изборите.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Албанските опозициски партии ве повикуваат да им се придружите во опозицискиот блок. Кој е вашиот став за тоа?
ТАРАВАРИ: Сега засега немаме дефинитивен став, иако сме разговарале во партијата и со членството. Начелно мислиме дека Алијанса има лоши искуства овие 8-9 години. Ние тераме сами, но не исклучуваме никаква соработка со никого. Ќе видиме како ќе оди, што ќе се случува во државата, со уставните промени, со овие 3 партии во опозиција, со ДУИ, со нас…
ФОКУС: На почетокот велевте дека не е лоша идеја за сеалбанска предизборна коалиција, а сега сте за самостоен настап. Неодамна, пак, вашиот претходник Села се изрази афирмативно за т.н. европски фронт што го промовира ДУИ. Има ли судир на концепти?
ТАРАВАРИ: Барем за стратешки работи во партијата со Села секогаш сме координирани. Оваа изјава на Села беше лошо интерпретирана. Тој кажа дека ако има иницијатива сите албански партии да бидеме на иста листа со отворени листи, јас сум премал да одбијам таква понуда. И јас исто мислам. Ако има отворени листи, сите албански партии нека бидат заедно, па кој колку ќе добие, толку. Јас сум за ова посебно ако нема уставни промени, па Албанците да бидат тие што повторно би катализирале во процесот на интеграција во ЕУ.
ФОКУС: Кога влегувавте во владата, се сметаше дека може да загубите политички идентитет, но на анкетите одржувате стабилен рејтинг. Дали можеби вашата цел е да бидете пресуден фактор во постизборните разврски?
ТАРАВАРИ: Секои 3 месеци правиме наши редовни интерни анкети и одржуваме рејтинг од околу 15 отсто поддршка кај Албанците, што е релативно стабилно, имајќи го предвид периодот на транзиција. Мислам дека со влегување во владата успеавме, таму каде што бевме послаби, особено Тетово, да се рехабилитираме. Посебно со директорот на болницата и одредени други функционери, успеваме да направиме рејтинг. На крај, навистина Алијанса може да биде детерминирачки фактор каква комбинација би се направила.
ФОКУС: Како би се поставиле во таква ситуација?
ТАРАВАРИ: Нам нѐ интересира европскиот пат. НАТО беше приоритет и сме дел од НАТО, па сме многу порелаксирани кога се случуваат овие работи во светот од февруари 2022 година. Кој било да понуди дека продолжуваме на европскиот пат, тука сме. Ако некој го негира тоа, бара ревизии, ревидирање, други спогодби… Ние не сме за Букурешт 2008 година, туку за продолжување на патот.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.