Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека доколку не се промени Уставот и Македонија се одвои од Албанија на патот кон ЕУ, тогаш ќе се отвори Пандорината кутија. Тој посочува дека тоа не значи нова војна или нови граници, туку на сцената ќе се јави албанска радикална десница, како пандан на македонската радикална левица. На тој начин, според него, ќе се отворат легитимни теми за внатрешна реорганизација на државата.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Вие во една пригода рековте дека ако останеме надвор од интеграцискиот процес, Албанците ќе отворат теми што досега тлеат. Што сакавте да кажете со тоа?
ТАРАВАРИ: Не е добро за Македонија да не поминат уставните промени, затоа што ако се одвои Албанија, ќе останеме со Косово, каде што реално постојат проблеми, и БиХ, која е недефинирана држава. Ќе останеме држава каде што надежта умира. Кога имате екстремна левица, реципрочно ќе се роди радикална десница, или кај некоја од партиите што постоиме, или во нова партија.
Ќе се отвори Пандорината кутија. Исто како што излегува Левица кај Македонците, гарантирам – нека излезе една албанска партија и нека каже сѐ против државата, ќе ја поделиме, ќе направиме вака-така, веднаш ќе добие гласови. Тоа е наједноставен начин да добиеш гласови кај албанскиот блок. Не зборуваме за војна, тука нема ни кој да војува веќе, но за организација на државата е легитимно да се зборува. Тоа се интересни теми кои како синџир ќе бидат поврзани со Косово и БиХ, ви гарантирам.
ФОКУС: Во која смисла? Кога велите реорганизација, на што мислите?
ТАРАВАРИ: Па, за сѐ. По региони. Поголема децентрализација, дефискализација, кантонизација, не знам што.
ФОКУС: Кој од овие концепти вам ви е прифатлив?
ТАРАВАРИ: Јас апсолутно мислам дека децентрализацијата ни е неопходна. Ние сме најцентрализирана држава во Европа. Да се врати Уставот од 1974 година ќе биде идеално. Тогаш општините избирале градоначалници, претседатели на судови, шеф на полиција. И на избори да се избираат ако треба.
Или на болницата. Министерот никогаш не може да знае каква потреба има во Берово, Охрид. Сега само директорите на училиштата ги избира градоначалникот, но капиталните инвестиции ги прави владата. Ние имаме нефункционални општини.
ФОКУС: Ако ве разбирам добро, овој модел на мултиетничка демократија со механизми за заштита од мајоризација е надминат, па има потреба од нешто ново?
ТАРАВАРИ: Јас сум кажал – на Македонија ѝ треба нов Устав, но не под притисок и во брзање. Нека седнат експертите, партиите, нека се отвори дебата кај граѓаните. Ајде да ги отвориме темите, како може да се организираме подобро.
Еден предлог може да биде 20 развиени општини. Можеби парламент со 50 пратеници. Можеби еден парламент со 20 градоначалници, а еден парламент со пратеници, како конгресот и сенатот во САД. Треба да размислиме за неколку опции со кои државата подобро би функционирала.
ФОКУС: Не споменувате промена на граници и слични тези што сме ги слушале порано?
ТАРАВАРИ: Видете, размена на територии не зависи од нас, тоа го прават многу поголеми од нас. Ние сме ситни играчи за такви работи, но за внатрешна реорганизација може да зборуваме. За границите пред да зборува некој, треба да седне со НАТО. Границите ќе ги снема кога ќе бидеме членки на ЕУ, тогаш сите ќе бидеме во нашите големи држави.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.