Проф. д-р Стојко Стојков, копретседател на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, во интервју за „Фокус“, ја доловува состојбата на македонското малцинство во Бугарија. Вели дека процесот на откажување на Македонија од малцинството почнало во 1999 година, а очекува македонската власт да се откаже од признавањето во име на ЕУ интеграцијата.
ОПСЕЖНОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Имате ли одредени проценки колку Македонци живеат во Бугарија?
СТОЈКОВ: За жал после 1956 г. не сме имале ниту еден попис на кој луѓето да можат слободно да се запишат како Македонци, секој пат имаме планина од манипулации и кампањи за насадување страв. Обично се оди по следната шема – кампања во медиумите против Македонците, македонската нација или македонските организации. Обвинителството започнува истрага против македонските организации, што се рекламира во медиумите.
Во 2009 г. дури отпуштија пет работници од Националниот статистички институт зашто имаа допуштено во електронскиот попис да стават под-графа „Македонец“. Потоа за време на пописот, се разбира нема графа Македонец, нашите не ги ни прашуваат за народност, а директно ги пишуваат Бугари, или воопшто ги остават без народност (во пописот од 2011 г. 730 000 луѓе од малцинствата беа оставени така).
ФОКУС: Што ќе се случи ако побарате да ве попишат како Македонец?
СТОЈКОВ: Ако побарате да ве пишат Македонец – спорат со вас, ве манипулираат, пополнуваат со молив и сл. Ако успеете да се запишете Македонец, следи прескокнување на прашањето за мајчин јазик кој автоматски се запишува бугарски (за да може потоа да се тврди дека не сте етнички Македонец, а само таков во географска смисла). Не се потпишувате на картоните и немате можност да проверите дали потоа тоа не е сменето.
ФОКУС: Каква беше ситуацијата на последниот попис?
СТОЈКОВ: На последниот попис пак масовно не ги ни посетуваа луѓето – или ги земаа нивните лични податоци на телефон, или од изборните списоци, а потоа си пополнувале како што си сакале. Така го минимизираат нашето „непостоечко“ малцинство.
Затоа реално никој не може да каже колку Македонци има во Бугарија. Генерално тие треба да се помалку од колку беа во последниот слободен попис во 1956 г., кога беа 187 000. Од тогаш се изврши огромна асимилација. Но можам да кажам од моите впечатоци во работа со луѓето дека се многу повеќе од 10 803, колку беа изброени во 1992 г.
ФОКУС: За кои работи прво би се залагале, ако ви се дозволи регистрација на партијата?
СТОЈКОВ: Можност да работиме легално. Да работиме за развивање и запазување на македонската култура, јазик и традиции. Да учествуваме во општествениот, културниот и политичкиот живот. Македонски претставник треба да влезе во Комисијата за малцинствата. Македонски претставник треба да влезе во Парламентот. Мислењето на Македонците во Бугарија да се зема во предвид кога се зборува за проблеми што нив ги засегаат. Нивното мислење да го има во медиумите. Стравот да си отиде. Говорот на омраза да си отиде. Правата предвидени според Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства да започнат да се спроведуваат. Антимакедонската идеологија и политика создадена од режимот на Тодор Живков треба да престане да биде официјална државна политика.
ФОКУС: Со што би требало да се замени таквата државна политика?
СТОЈКОВ: Треба да биде заменета со однос на заемно почитување и признавање, соработка и пријателство. Македонското малцинство може најмногу да помогне за создавање на вистинско добрососедство. Македонското малцинство е она од што главниот генератор на омразата меѓу двете нации – антимакедонската идеологија во Софија, се плаши најмногу. Нашето постоење и афирмација е смрт за неа, а нејзината смрт ќе го отвори патот на пријателство и сојузништво меѓу двете држави и нации.