(ИНТЕРВЈУ) Стојановска: Тврдам дека не знаев ништо за дрогата!

by fokus

Актерката Силвија Стојановска е осудена на три ипол години казна затвор поради организирање на шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Таа тврди дека е невина и нејзината одбрана сега ја очекува одлуката на Апелациониот суд по поднесената жалба.

Во интервју за „Фокус“ таа ги опишува активностите на кои Судот ја темели пресудата. Вели дека не знаела ништо за дрогата, а доказите на Судот на ниту еден начин не ја докажуваат поврзаноста со делото. Очекува Апелација да ја ослободи.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Поминаа две години откако започна процесот против вас. Како ова влијаеше на животот: и приватно и во однос на професионалните ангажмани?  

Стојановска: Професионални ангажмани немам од тогаш. Една и пол година бев во домашен притвор а откако притворот ми заврши, имам некои понуди… ќе видиме.

Приватно, овој период бев прилично вознемирена, благо кажано. Најголем шок беше моментот на апсењето, на јавно место… искрено мислев дека се работи за скриена камера. Следуваше деееетален претрес на мојот дом… бараа дрога, злато, пари.

ФОКУС: Пронајдоа ли нешто од тоа што бараа?

Стојановска: Ништо од тоа не постоеше. Откако полицајката ми кажа дека се работи за 700 кг кокаин заради што братот на Војислав е уапсен во Шпанија, со сите тие полицајци разлазени низ мојот дом, почнав да се плашам за мојата сигурност, но цело време мислев дека се работи за некое недоразбирање. Бидејќи имаа налог за приведување, не знам врз основ на што, ноќта ја поминав во подрумска ќелија во полиција. Утредента, по земање отисоци од сите прсти, дланки, фотографирање анфас, полупрофил, профил, земање плунка веројатно за ДНК, ме однесоа во суд, каде ми беше одреден домашен притвор.

ФОКУС: Како го поминавте притворот, ви влијаеше ли психички?

Стојановска: Јас сум силна жена, тоа го знаат сите кои ме познаваат, но за време на тој притвор имав периоди кога психички паѓав, многу. Секој месец притворот се продолжуваше со смешно образложение дека се чекаат докази од Шпанија кои никогаш не дојдоа и така една ипол година.
Сепак обвинителката подигна обвинение, предвремено, судот го прифати, почнаа рочишта на кои ништо значајно не се случуваше, растегнати на период од една цела година.

ФОКУС: Доставените докази на Обвинителството беа обемни. Како тие ве поврзуваа со делото?

Стојановска: Доказите кои ги имаше доставено обвинителката  ги добив дури на крајот на судењето. Ниту една од тие 2000 страници не е доказ за сторено кривично дело во кое јас сум учествувала. Заради тоа, таа не сакаше да ги презентира како содржина, туку само ги наведуваше како наслови. Да појаснам: Кога ќе чуете дека за некоја работа има над 150 докази, тоа изгледа многу сериозно. Но кога ќе ја прочитате содржината на тие докази, ќе видите дека нема ништо. На пример: Силвија платила 14000 динари за престој во хотел во Белград од 21ви до 30ти јуни 2019. Во контекс на обвинителниот акт, ова наведува да помислите дека кој знае за каков криминал сум била таму. А всушност бев на свадбата на мојата ќерка. И така е со сите докази против мене. СИТЕ!

Да се вратам на прашањето како сум се чувствувала приватно: Вчудоневидено! Ете тој е најблискиот опис.

ФОКУС: Верувате ли во правниот систем на Македонија?

Стојановска: Судејќи по сопственото искуство, не. Барем до сега.

ФОКУС: Кривичниот суд ве осуди на три ипол години затворска казна. Очекувавте ли ваков исход кога започна судскиот процес?

Стојановска: Никогаш!

ФОКУС: Според пресудата, сте отишле во Мадрид да земете 10.000 евра за организација на транспорт на дрогата од Колумбија во Шпанија. Како дојде до тоа да одите во Мадрид и за што беа парите?

Стојановска: За тие 10 000 евра кои немаат никаква врска со организација на трснспорт на дрога им кажав јас во исказот кој го давав во полиција и пред обвинителот. Војислав (во тоа време мој сопруг во развод) купил автомобил од Србија за кој немаше пари за царина и останатите трошоци. Јас од 6ти септември бев во Романија кај мојата ќерка која имаше предвремено породување. Се вратив,  мислам 19 септември. Отидов во Мадрид затоа што некој негов пријател му должел пари, да ми ги даде за да му ги донесам за да ги плати трошоците за автомобилот. Војислав имаше забрана да патува и затоа ме замоли мене. За Мадрид имав читано многу и ова ми беше можност да го посетам.  Во тие два дена престој во Мадрид успеав да го разгледам градот и да го посетам музејот Прадo.

По враќањето во Скопје, 4ти октомври, истиот ден, Војислав ја плати царината за автомобилот, околу 5 и пол илјади евра. Јас имав потрошено околу илјада евра за патувањето… авион, хотел….

ФОКУС: На што ги темели Судот тврдењата дека тие пари биле за кривичното дело?

Стојановска: На ништо! Напротив, има доказ, уплата за царина за автомобилот. Платена е хомологација, регистрација, одење во Белград за враќање на српските таблички. Претпоставувам дека со илјада, две  евра не се организира кривично дело 700 кг кокаин!

ФОКУС: Втората активност со која Судот ве поврзува со кривичното дело е тоа што сте резервирале апартман во Мадрид за Владимир Будисављевиќ, брат на тогашниот ваш сопруг и уапсен во Шпанија. Како дојде до тоа да го резервиравте апартманот?

Стојановска: Еден ден, во декември,  Војислав ми рече дека брат му бил во Мадрид. Во хотелот кај што престојувал требало да се одржи Светски самит за климатски промени и заради тоа не можел да остане таму. Ме праша дали можам да погледнам на интернет некое сместување за десетина денови на  Airbnb. Бидејки тој немаше картичка за плаќање online, јас платив  а  тој ми даде пари кои си ги уплатив назад на мојата кредитна картичка. Се работи за 515 евра. И за ова има доказ во судскиот предмет. Оваа услуга, во тоа време, би ја направила секому што го познавам.

ФОКУС: Постои ли шанса со некоја од овие активности да сте придонеле за делото, а за тоа да не сте биле свесни и запознаени?

Стојановска: Па ете, Основниот кривичен суд за организиран криминал вели дека сум организатор!

Да ви објаснам нешто што секој го знае… освен Судот… патување не е кривично дело! 9000 евра не е забрането да се внесат во Македонија! Не е кривично дело да направиш услуга некому кој нема картичка!

Факт е дека братот на Војислав е некако поврзан со таа дрога. Не знам дали Војислав знаел нешто за тоа. Тој вели дека не. Јас за себе тврдам дека не сум знаела ништо!

И уште нешто, кое е многу важно:

Обвинителката при крајот на судскиот процес достави доказ од шпанскиот суд, за завршена истрага во Шпанија. Таму е опишан целиот настан. Се работело за контролирана испорака. Значи полицијата цело време следела се во врска со тоа. Никаде во тој документ го нема моето име, ниту пак се спомнува Македонија. Овој доказ судот го игнорираше, не знам од која причина. Веројатно за да не падне обвинението.

ФОКУС: Вашата одбрана поднесе жалба на пресудата и бара ослободување или повторно судење. Според вас, што е најспорно во пресудата?

Стојановска: Обвинителниот акт ме товари за нешто што по закон не е кривично дело.
Пресудата изобилува со претпоставки … веројатно, логично…. не е заснована на  докази. Ниту еден!

ФОКУС: Каква одлука очекувате да донесе Апелација по однос на жалбата?

Стојановска: Очекувам да пресудат дека не сум виновна.

ФОКУС: За околу две недели Апелациониот суд треба да ја донесе одлуката. Се подготувате ли за сите опции?

Стојановска: Оххх! Искрено, не. После се што се случуваше до сега, очекувам праведна одлука, но многу сум исплашена и вознемирена.

ФОКУС: Откако почна процесот, каков е односот на вашите колеги и пријатели кон вас? Ја имате ли нивната поддршка?

Стојановска: Моите пријатели знаат дека јас не сум била, не сум и никогаш нема да бидам криминалец. Напротив, дека сум човек кој има силно чувство за правда и неправда. Ја имам нивната поддршка.

ФОКУС: Се каете ли за нешто што сте направиле во врска со случајот или откако почна процесот?

Стојановска: Да. Се каам што не го послушав мојот адвокат кој ми советуваше да се бранам со молчење. Инсистирав да дадам исказ затоа што немам што да кријам. Со кажување на вистината сметав дека обвинителката нема да подигне обвинение.

ГОЛЕМА ГРЕШКА!

Излегува дека сум осудена врз основа на сопствен исказ, затоа што ја кажав вистината која првостепениот суд во целост ја изопачи на моја штета само за да ме осуди. Можеби  за да удоволи некому од обвинителство, полиција, политика… Не им е лесно ни на судиите… жално.

Поврзани новости