Измените на Кривичниот законик што се донесоа експресно и преку ноќ, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги гледа како можност, а не како проблем, но, сепак, не прејудицира како ќе завршат актуелните постапки што се водат за поранешни функционери. Во интервју за неделникот „Фокус“, Спасовски сепак е дециден дека ова не е амнестија за Груевски, дека тој ќе се врати и ќе си ја одлежи казната.
Разговара: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Дали има договор меѓу власта и опозицијата со измените на Кривичниот законик да се спаси поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и други функционери од опозициската партија, а за возврат да се обезбедат гласови за донесување на уставните измени, како што обвинува албанската опозиција?
СПАСОВСКИ: Груевски има низа предмети што се водат, за кои застареност може да се очекува во 2036 година, има предмети за кои не е водена постапка поради тоа што не бил достапен. Еве за организацијата на настаните од 27 април, застареноста чинам е дури по 40 години. Тоа покажува дека нема никаква основа за ослободување од кривична одговорност никого, ниту него.
На кој начин ќе се анулираат тие постапки што се водат овде во институциите? Тоа е можно само со амнестија, таква работа немаме денес. Така што сите овие и актуелни и поранешни функционери не се апсолутно изземени со измените во овој закон и не значат да не се носи одговорност за тоа што го правеле.
ФОКУС: Сега како гледате на вашата изјава дека сте сигурен дека Груевски ќе се врати и ќе си ја одлежи казната? Останувате ли на тоа?
СПАСОВСКИ: Исто како и во тој момент. Сигурен сум затоа што ви напоменав има кривични дела што му застаруваат во 2036 година, има кривично дело за кое се гони за организирање на нападот на Собранието и можноста за убиството на пратениците и на сите што беа во Собранието, кое застарува дури за 40 години.
ФОКУС: Меѓутоа, многумина веќе почнаа да го чекаат моментот кога Груевски ќе се врати на бел коњ.
СПАСОВСКИ: Ви кажав дека за него се водат многу постапки за кои ќе има сериозна кривична одговорност, така што ниту има каква било основа за некаков страв, ниту за каков било восхит – посебно не за Груевски.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.