Писателот Владимир Јанковски ја доби овогодинешната награда „Роман на годината“ за својата книга „Скриени желби, немирни патувања“ во издание на „Антолог“.
Тој во интервју за „Фокус“ не го криеше задоволството од престижната награда и е горд што ова признание го дели со плејада на познати македонски литературни дејци од минатите години.
„Доделувањето на наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“ е важен настан на македонската книжевна сцена затоа што по 22 години постоење оваа награда се наметна како еден од најзначајните промотори на романот како книжевен вид. Медиумското внимание и читателскиот интерес поврзани со наградата помагаат во рецепцијата на наградените дела, нешто што веројатно е најважно кога станува збор за пишувањето и објавувањето книги“, вели Јанковски.
„Скриени желби, немирни патувања“ е роман во кој преку вкрстувањето на приказните на педесетина луѓе од различни географски точки на планетата со приказните на четири луѓе од Скопје се истражува идеја за поврзаноста и симултаноста на човечкото искуство во еден миг на различни простори. Романот го сочинуваат три основни оски: љубовната приказна на млад брачен пар, приказната за музичар кој се бори за успех во светот на класичната музика и приказната за успешен деловен човек чиј внатрешен и надворешен свет на моменти наликува на емотивен ролекостер. Сите овие различни човечки судбини се допираат или оддалечуваат една од друга создавајќи еден вид шаренолик мозаик за времето во кое живееме.
„Македонската книжевност, како и голем број други книжевности моментално, истовремено имаат многу правци. Тие правци често се различни меѓу себе, понекогаш и директно спротивставени. И тоа е добро. Од тие различни правци има дела кои заслужуваат вниманието. Многу често заслужуваат многу повеќе внимание од тоа што го добиваат. Во една мала книжевна средина како нашата во последните 15 години беа објавени доволно квалитетни книжевни дела кои вреди да се прочитаат и кои можат да задоволат различни книжевни вкусови. Тој тренд трае уште од шеесеттите години на минатиот век, па слободно може да се каже дека македонската книжевност има стабилен квалитет на книжевна продукција“, додава нашиот писател.
За своето творештво Јанковски вели дека сака да има необична перспектива, а книгата да кажува за времето во кое е создадена.
„Како прозаист јас сум, пред сѐ, раскажувач на приказни. За мене основата на секоја добра проза е добрата приказна. Создавањето лик на кој нешто му се случува поради корелацијата што тој ја создал со некои други ликови од неговото опкружување или контекстот (временско-просторен) во кој се нашол. Приказна сама по себе мора да има кристализирана смисла. Приказната е основниот костур на кој се надградува начинот на кој таа приказна е раскажана. Сакам во раскажување да има одреден зачин на необична перспектива, на одредено онеобичување на постапката. Откако ќе се обединат овие две рамништа – рамништето на приказната и начинот на кој таа е раскажаната – сакам книгата да реферира на времето во кое таа е создадена, да кажува нешто за тоа време“, анализира тој.
Животот во Македонија е полн со убави моменти и турбуленции, што секако знае да биде инспирација за еден писател за сето тоа да го срочи во една убава приказна. Сепак, додава Јанковски, секаде каде што има живот, има материјал за текст.
„Секој живот е инспирација за пишување. Во тој контекст Македонија не се разликува од Франција, Перу или Сенегал. Основното зајре на литературата е животот, а тој се случува насекаде. Можеби надворешно се чини дека одредени географски простори се повеќе инспиративни за пишување од други, но тоа не е така“, истакна Јанковски.
„Инспирацијата“, вели нашиот соговорник, како и животот, е насекаде. Прошетка, патување, набљудување на светот преку екранот, раскрсница, пешачки премин, ескалатор на трговски центар, канцеларија, аеродром, пуста или преполна плажа, хотелска соба, балкон или прозорец на висококатница, клупа во парк, телевизиски екран, темнината што произлегува по затворањето на очите.
Дали ова литературно признание е некаков вид на „товар“ дека мора да го оправда со неговата наредна книга во иднина?
„Се обидувам секоја моја следна книга да биде подобра од претходната. Ако немате намера да напишете подобра книга од претходната, тогаш воопшто не ја пишувајте таа нова книга. Секоја следна книга претставува откривање на нови простори, кои дотогаш не биле откриени. Пишувањето е проширување на перспективата, не нејзино повторување или стеснување“, смета писателот.
Пандемијата на корона вирусот која трае веќе година дена, мошне го смени животот на секоја единка во светот, кој се уште се бори со здравствената криза. Сепак, тоа не е единствениот проблем со кој се соочува човештвото, вели нашиот соговорник.
„Создавањето текст е сложен и долг процес во кој се пресекуваат многу различни слоеви и аспекти на животот. А освен надворешните и видливите исто толку важни се и внатрешните и невидливите. Уметничкото дело без трошка мистерија во себе тешко може да преживее. Веројатно таа трошка мистерија е важна и при самиот процес на создавање, па затоа создавањето ретко може да се подведе според логиката на причините и последиците“, истакна Јанковски.
Новите времиња носат и нови теми во литературата, нешто што беше непознато во изминатите 20 години – сега е доминантно.
„Една од поголемите промени во последните 10 години е тоа што се појавија писатели од помладата генерација (родени од крајот на седумдесеттите и во осумдесеттите години) кои добија специфична видливост на македонската книжевна сцена. Секако, новите времиња донесоа и нови теми, нови пристапи кон литературата“, објаснува писателот.
Животот на писателите отсекогаш бил мистерија за љубителите на пишаниот збор. Јанковски вели дека пишувањето влијае на приватниот живот на писателите, но не го обликува.
Додава дека се плаши дека светот ќе се претвори во место на монолози. Место во кое луѓето само ќе зборуваат, а притоа нема да го слушаат и она што другите го кажуваат.
Македонскиот јазик трпи премногу ниски удари од источниот сосед Бугарија. Нашиот соговорник не го загрижуваат овие случувања, затоа што верува во иднината на македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик има свое место во групата јужнословенски јазици, се изучува на разни факултети во светот, предмет на интерес е на голем број филолози во земјава и светот. На македонски јазик се создадени огромен број книжевни, филмски, театарски дела преку кои јазикот живее, се развива, се унапредува. Посветувањето преголемо внимание на „ниски политички удари“ кои доаѓаат од која било позиција е фокусирање на енергијата на погрешно место. Многу помудро е таа енергија да се насочи кон подигнување на квалитетот на изучувањето на македонскиот јазик и литература во сите нивоа на образовниот систем. Во создавање речници и лексикони што ќе им помогнат на сите оние кои професионално го користат македонскиот јазик. Би било добро енергијата и ресурсите да се насочат кон тоа уште од најрана возраст кај децата да се создава свест за убаво говорење и писмено изразување на македонски јазик. Да се подигне нивото на македонскиот јазик во јавната сфера, пред сѐ на порталите“, смета Јанковски.
Дружбите со писателите се составен дел од животот на Владими Јанковски, изобилувајќи со интересни моменти, но пред се и карактери од македонскиот книжевен свет.
„Еден од нив е енциклопедија на светската литература и култура, вистински книжевен мудрец. Една писателка секогаш ме воодушевува со нејзиниот говорен македонски јазик и мелодичноста со која зборува и го акцентира кажаното. Еден од нив е интересен затоа што раскажува анегдоти кои ги преувеличува до неверојатност. И така натаму. Секако, имињата ќе ги изоставам затоа што тие и не се толку важни. Интересноста на средбите главно се случува во полето за идеите“, го заврши својот разговор Јанковски.
Влада Урошевиќ, Хулио Кортасар, Габриел Гарсија Маркес, Рејмонд Карвер. Ова се само дел од авторите кои ги сака Јанковски како читател и оставиле печат врз неговото творештво.
Фото – Сашо Димоски, Валентина Кујунџиска
Јорданчо Цветаноски