Треба да се тргне од оние кои најмногу биле посочувани во јавноста, кои располагаат со имот кој не соодејствува на нивните примања, вели во разговор за неделникот Фокус експертот за антикорупција Вања Михајлова, по повод најавите за ветинг во судството и проверка на имотот на јавните функционери. Михајлова, која е поранешен член на Антикорупциската комисија, посочува дека како критериум за проверка на имотната состојба може да бидат и наодите од ревизорските извештаи во кои се констатирани незаконитости, големите јавни набавки и склучување на договор со иста фирма во повеќе наврати на поголеми износи, дадените концесии, лиценци, одобренија…Таа смета дека потребни се законски измени со цел обврската за испитување на потеклото на имотот да се прошири и врз поранешните функционери, со оглед дека, според неа, во најголем број на случаи тие по завршување на мандатот стануват „просечни“ бизнисмени, купуват луксузни куќи, станови и друг недвижен и движен имот.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС Речиси сите политички партии, вклучително и оние што го формираа новото парламентарно мнозинство, во предизборието најавија процес на таканаречен ветинг во судството и проверка на имот на сите јавни функционери. Какви се вашите очекувања на овој план?
МИХАЈЛОВА Вакви ветувања имаше и порано, но не се реализираа. Тргнувајќи од очекуваното отворање на преговорите со ЕУ, при што владеење на правото и ефикасно и независно судство спаѓаат меѓу првите задачи на кои земјата треба да се фокусира, очекувам барем да се започне со исполнување на овие ветувања. Како и кога тоа ќе се реализира, останува да видеме. Јас лично сакам да се уверам на дело, а не на зборови дека конечно ќе се започне со проверката на интегритетот на судиите и јавните обвинители и испитување на имотната состојба на функционерите. Овојпат, мислам дека и ЕУ нема да се задоволи само со ветување, ќе бара резултати, иако ваквите активности треба првенствено да ги правиме за нас самите.
ФОКУС Како би се спровела ваква обемна постапка за скенирање на имотната состојба на јавните функционери? Според кои критериуми би се правел изборот и каква методологија би се користела?
МИХАЈЛОВА Сигурно едека е невозможно во исто време да се изврши испитување на имотната состојба на сите функционери, бидејќи тоа е голема операција, а од друга страна не сите судии, обвинители, функционери и други лица на раководни функции се корумпирани, или ја злоупотребиле функцијата за да бидат подложни на проверка. Треба да се тргне од оние кои најмногу биле посочувани во јавноста како такви, кои располагаат со имот кој не соодејствува на нивните примања.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да дадат податоци за оние лица кои ги одолговлекувале предметите или застарувале бидејќи тие вршат контрола врз нивната работа, од што ќе може да се заклучи дали за тоа имале финансиски или друг бенефит. Ова е многу полесно во помалите места каде сите се знаат и имотната состојба на секој функционер или на членовите на неговото семејство не е тајна.
Како критериум за проверка на имотната состојба може да бидат и наодите од ревизорските извештаи во кои се констатирани незаконитости и злоупотреби при користење на јавните средства; проектите започнати или реализирани во мандатот на одреден функционер во кои се вклучени големи финансиски средства; големите јавни набавки и склучување на договор со иста фирма во повеќе наврати на поголеми износи; дадените концесии, лиценци, разни одобренија за градби, за контингенти за увоз-извоз и сл.
Финансиската полиција, МВР, царината, УЈП и други органи, доколку во нивната работа дојдат до податоци кои можат да послужат за опфатот на лицата на кои треба им се испита имотната состојба, треба да ја известат ДКСК, а тие може да бидат и од пониските ешалони со јавни овластувања (инспектори, цариници, даночни референти, лица кои работат на давање на одобренија, јавни набавки и сл.).
Соработката со медиумите и НВО е значајна при истражување, мониторинг и посочување на лицата кои располагат со голем имот кој ги надминува нивните приходи. Локалните медиуми и НВО од туристичките места можат да дадат податоци за куќите и викендиците кои ги имаат функционерите во тие места, додека преку меѓународната соработка со надлежните органи од другите држави може да се добијат податоци за викендиците и становите кои одредени функционери ги имаат на море. Искуството од соседните земји покажува дека токму медиумите и НВО се тие ги откриле најголемите афери за незаконско збогатување на одредени високи функционери.
ФОКУС Дали сметате дека е потребна нова законска рамка или пак и постоечкото законодавство е доволна основа за спроведување на процесот?
МИХАЈЛОВА Законска рамка постои. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси предвидува обврска за пријавување на имотната состојба на избрани и именувани лица и други службени лица, проверка на имотната состојба, како и поведување на постапка за испитување на потеклото на имотот кога постои сомневање дека истиот е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања, како и примањата на членовите на неговото семејство. Постапката ја покренува ДКСК.
Тргнувајќи од правните празнини во поранешниот закон и злоупотребите во практиката, кога имавме „сиромошни“ функционери, а богати роднини, кумови и пријатели, со новиот Закон е предвидено дека во случај кога постојат докази дека член на семејството или друго блиско лице на функционерот се стекнал со имот кој ги надминува неговите редовни примања, а постои сомневање дека функионерот го префрлил својот имот на тоа блиско лице, со намера да го прикрие потеклото на истиот, ДКСК има надлежност да иницира покренување на постапка за испитување на имотот и на лицето на кое имотот е префлен. Јавното обвинителство е надлежен орган да постапува по иницијативата.
Со оглед дека противправно стекнување и прикривање имот, како и прикривање на потеклото на несразмерно стекнат имот се кривични дела пропишани со КЗ, за што се се предвидени и затворски казни и конифискација на таквиот имот, покрај правосудните органи кои ја водат постапката, не се исклучени и другите органи, како што се финансиската полиција, царината, УЈП и други доколку дојдат до податоци за несразмерно зголемен имот или за прикривање на таквиот имот и врз основа на тоа да иницираат постапка за испитување на потеклото на имотот на одредено службено лице.
Иако законската рамка во основа е воспоставена, сметам дека е потребно со измена на Законот обврската за испитување на потеклото на имотот да се прошири и врз функционерите на кои им завршил мандатот пред неколку години, со оглед дека во најголем број на случаи, по завршување на мандатот, истите стануват „просечни“ бизнисмени, купуват луксузни куќи, станови и друг недвижен и движен имот. Со оглед дека анкетните листови се јавно достапни на веб-страната на ДКСК, а Комисијата ги чува и сите анкетни листови, многу лесно при проверката може да се утврди колкав имот имале лицата кога биле именувани на одредена позиција и со колку имот располагаат по неколку години откако ја напуштиле таа позиција и кога никој повеќе не ги контролира ниту се интресира за нив.
Исто така, сметам дека треба да се воспостави обврска пред секое именување или избор на лице на одредена позиција, а кое пред тоа вршело определена функција, да се побара информација од ДКСК за имотот кој го пријавил кога за прв пат било избрано или именувано со цел да се спореди со имотот кој го стекнал кога повторно бил избран на функција. За ова од големо значење е улогата на истражувачките новинари и НВО кои се бават со борба против корупција и владеење на правото во разоткривање на таквите случаи.
ФОКУС Какво е вашето мислење за именувањето на вицепремиер за антикорупција за првпат во плуларната историја? Која би била неговата задача?
МИХАЈЛОВА Претпоставувам дека целта за именување на висок функционер за антикорупција е да се спроведе ефикасна борба против корупцијата како една од клучните задачи кои си ги постави новата Влада, иако не ми е точно познато која ќе биде неговата улога, односно кои институции ќе ги координира и контролира. Комисијата за спречување на корупцијата е независно тело избрана од Собранието и таа не смее да биде контролирана или координирана од страна на Владата, ниту Јавното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција.
Улогата на вицепримиерот за антикорупција веројатно ќе биде да ги координира антикорупциските активности на минстерствата и другите институции, во реализацијата на антикорупциските документи, вклучувајќи ја и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, донесена од ДКСК ( која патем Собранието во минатиот состав не направи напор да ја усвои). За реализација на задачите од Националната стратегија, вицепримиерот за антикорупција ќе треба тесно да соработува со ДКСК, особено по однос на реализација на акциониот план од органите на власта.
Во Албанија на пример, не постои централизирана главна агенција против корупција како кај нас, но постојат повеќе тела, меѓу кои и Национален координатор против корупција со задача да ги координира антикорупциските активности на Владата на централно и локално ниво. Во сите министерства се воспоставени независни тела да вршат мониторинг и контрола над службените лица задолжени за имплементација на антикорупциската стратегија, кои му одговарат на Националниот координатор за антикорупција. Сите овие тела се избрани од Владата и тешко може да се каже дека се независни во извршување на нивната функција.
ФОКУС Антикорупциската комисија во овој состав делува според нов закон за антикорупција, кој ги зголеми и засили нејзините надлежности. Како ја оценувате досегашната работа на Комисијата?
МИХАЈЛОВА Со новиот Закон се зајакнати и проширени надлежностите на ДКСК, особено по однос на односот на другите институции кои треба да и достават податоци и информации за случаите по кои постапува, како и директниот пристап до потребните податоци со кои располагаат државните органи и банките. Тргнувајќи од искуството во минатото, кога органите ги игнорираа ваквите барања или одолговлекуваа со доставување на податоците, во Законот се предвидени конкретни кратки рокови и санкции доколку органите нема да одговорат на барањата. Ваквите решенија се ефикасна алатка на ДКСК во извршување на своите активности, но не ми е познато колку се користат во практиката.
Во досегашната работа ДКСК беше главно фокусирана на случаите за судир на интереси, непотизам, вработувања, но и на отворање на предмети по секое барање на политичките партии. Сметам дека ДКСК сега треба повеќе да се фокусира на „покрупните“ случаи, на договорите за јавни набавки склучени во директна спогодба во милионски износи, испитување на потеклото на имотот на функционерите, но и лицата со посебни овластувања (инспектори, цариници).
ДКСК се отвори кон јавноста за разлика од минатите состави што беше позитивно оценето, а постапката за избор не дава аргументи за етикетирање дека членовите се блиски до власта, што ја прави Комисијата ослободена од политичко влијание и независна во својата работа. Очекувањата на граѓаните од овој состав на ДКСК беа големи како и подршката, но времето минува, а граѓаните се повеќе ќе очекуват резултати-нема да биде битно по колку предмети Комисијата постапувала, но за колку случаи, особено за оние на високо ниво, има завршница. Немањето на исход од покренатите постапки, на пример, за испитување на потеклото на имотот (на судиите, за поранешниот председател на државата Ѓорге Иванов), пред повеќе од година дена поради недоставувањето на податоци од надлежните органи во јавноста нема да биде прифатено како оправдан аргумент, а довербата во ДКСК ќе паѓа.
За ефикасна превенција на корупцијата, ДКСК мора да ја добие подршката од надлежните државни органи, целосно, навремено и бесусловно, борбата против корупцијата е заедничка и круцијална цел за сите, за што декларативно сите се залагаат, но тоа треба да го покажат во практиката.