Интервју со Сали: Главен фокус ќе биде превенцијата за рано откривање на болестите

Интервју со идниот министер за здравство

by Fokus

Пред неколку денови, претседателството на Алтернатива пресече дека нов министер за здравство, на местото на актуелниот Венко Филипче од нивната партија ќе биде Беким Сали, кој по професија е стоматолог и има своја приватна ординација.

Ваквата одлука дојде откако пред три недели конечно падна договор меѓу лидерот на партијата Алтернатива, Африм Гаши и тогаш се уште актуелниот лидер и премиер Зоран Заев кои ги договорија министерските и директорските места.

Како што веќе објавивме, Сали беше кандидат за градоначалник на последните локални избори на скопската општина Чаир, каде што изгуби од Висар Ганиу од ДУИ. Според нашите информации, тој краток период во 2008 година бил и дел од кабинетот на Бујар Османи, додека тој беше министер за здравство.

Иако, тој ќе седне на министерската фотеља откако ќе биде изгласана новата влада и официјално ќе биде именуван, сепак „Фокус“ поразговара со доктор Сали, кој накратко ни ги објасни неговите идни планови.

Разговараше Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС Со седнувањето на министерската фотеља ве чека доста работа во секторот здравство, а тука се уште е и пандемијата со Ковид 19?
САЛИ Ресорот здравство е еден од најчуствителните сектори, особено сега во услови на пандемија со Ковид 19. Пред неколку дена мојата матична партија ми ја даде довербата да го водам ресорот здравство. Сепак, постои еден законски процес кој мора да се испочитува, а тоа е дека новиот мандатар при формирањето на новиот владин кабинет треба да ме предложи за Министер за здравство.

Потоа, следи изгласување на новата Влада од страна на Собранието на РСМ. Затоа, мислам дека е прерано да се даваат конкретни проекти и датуми. Како коалициони партнери ќе продолжиме во континуитет да работиме на реализација на владината политика, меѓудругото и во делот на здравството. Стратешкиот план на Министерството за здравство и буџетот на Министерството за 2022 година се веќе подготвени.

ФОКУС Од каде планирате да почнете?
САЛИ Реформите кои се добри, а веќе се започнати треба да продолжат да се имплементираат. Проектите ќе ги водам според приоритетите, но сепак мислам дека акцентот ќе биде ставен на успешно справување со КОВИД пандемијата која според проценките на епидемиолозите може да потрае. Во нашата земја, па и во светот во втор план се превентивните и други специјалистички прегледи за сметка на решавање на ковид пациентите. Би сакал да ставам поголем фокус и внимание на превенцијата. Пациентите ќе бидат во центарот на сите политики, а истовремено и статусот на здравствените работници.

ФОКУС На кој начин ќе продолжите да се справувате со пандемијата?
САЛИ Ќе се залагам и апелирам на што помасовна вакцинација на населението. Министерството за здравство има набавено доволна количина на вакцини, и во ниеден момент нема да дозволам да има недостаток. Сметам дека вакциналниот опфат на што е можно поголем дел од населението претставува едниствено решение во справувањето со пандемијата, која еве веќе трета година е реална закана не само кај нас, туку и во целиот свет.

Колку што сум информирам, набавени се и современи лекови за третман на ковид пациентите како што се Veklury (Remdesivirпреку рамковен договор со Европската комисија, како и други лекови. Во предлагањето и донесувањето на епидемиолошките и други мерки за справување со пандемијата од КОВИД 19ако е потребно на дневна основа, ќе се консултирам со членовите на Комисиjaта за заразни болести, при тоа следејќи ги најновите препораки и протоколи на Светската Здравствена Организација.

МОРА МАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈА

ФОКУС Сметате ли дека има доволно здравствени капацитети, со оглед на тоа што повеќе од јасно е дека јавното здравство одамна се наоѓа во тешка состојба?
САЛИ Верувам дека јавното здравство има доволно капацитети за справување и со петтиот и наредните бранови на ковид. Изминатиот период покажа дека  со инфраструктурата, медицинска опрема и медицински персонал кој што пожртвувано и несебично работи изминативе години, успешно се справуваме со ковид кризата и не дозволивме здравствениот систем да потклекне и колабира.

Во функција се модуларните болници ширум државава, и доколку е потребно и има голем прилив на пациенти на кои им е потребна хоспитализација, повторно ќе се стават на располагање одделенијата на интерните клиники со ротација на медицинскиот кадар.

ФОКУС Кои според вас се најголемите проблеми во моментот?
САЛИ Моја интенција е примарната здравствена заштита да има поцентрална улога во целокупниот здравствен систем, да се стави акцент на поголема превенција, откривањето и контролата на незаразните болести, решавање на околу 70% од случаите на ова ниво со што ќе се намали бројот на услугите на секундарно ниво на здравствена заштита, односно до клиничка нега на повисоко ниво, која секако е поскапа.

Исто така, според извештаи и анализи на Европската комисија, во Република Северна Македонија има широка мрежа на болници (3,2 на 100.000 жители во просек), со 4,5 болнички кревети на 1.000 жители. Болничките кревети не се доволно искористени, со вкупни стапки на зафатеност на креветите и под 60%.

ФОКУС Што покажуваат анализите?
САЛИ Анализите покажуваат дека постојат разлики во внатрешната ефикасност на болниците, со значителна варијација во просечната должина на престој и единечни трошоци за слични третмани низ целата земја. Затоа, може треба да се размислува и да се донесат добри здравствени политики и на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. Меѓутоа, како што нагласив, работите и проектите ќе се решаваат по приоритети.

ФОКУС Дали со вашето доаѓање ќе се менуваат членовите на Комисијата за заразни болести?
САЛИ Комисијата за заразни болести е составена од експерти, искусни професионалци во својата област/специјалност и сметам дека одлично ја вршат својата работа. Дозволете ми и официјално да ја преземам функцијата Министер, а потоа да ја разгледам и можноста за евентуално дополнување со нови членови.

ФОКУС Со вас сигурно во министерскиот кабинет ќе влезат и нови луѓе?
САЛИ Се уште го формирам мојот тим, кој секако, ќе биде составен од стручни, енергични и чесни луѓе.

Поврзани новости