Интервју со Роберт Билбилов: Си создадов мисија да го повторам презимето кое го носам!

by Fokus

Забележителното презиме му помогна да го сврти вниманието на јавноста кон себе уште како младо момче (син е на легендарниот музичар Хилми Билбил), но неоспорниот музички талент го одржува на сцената веќе со децении. Поп пејачот, инструменталист и композитор Роберт Билбилов со свои 38 години зад себе има впечатливо музичко ,,досие” и важи за омилен соработник на повеќето наши популарни музичари.

На својот роденден, пред две недели ја промовираше новата песна ,,Нигде не те наоѓам”, со која ги израдува своите слушатели, и уште еднаш покажа дека поп баладите се неговото најголемо оружје против минливите, комерцијални песни кои се почесто се нудат на естрадата.

Во интервју за ,,Фокус” музичарот раскажува за времето минато во карантин и будењето кое тогаш го доживеал, за своето творештво, за синот Давид, но и за животната мисија која си ветил дека мора да ја исполни.

Фокус: Твојата нова песна ,,Нигде не те наоѓам” е летен хит во најава, со над 180.000 прегледи за само неколку дена. Како се создаваше нумерата, со оглед на актуелната пандемија, кога поголемиот дел од естрадата на некој начин стагнира?

Билбилов:,,Нигде не те наоѓам” е песна која е создадена уште пред пандемијата, во соработка со Робин Зимбаков кој е автор на стиховите. На негова иницијатива и огромна поддршка песната ја здогледа светлината токму во ова време- невреме. Искрено ми е жал што естрадата стагнира, но тоа да бидеме искрени беше уште пред да почне ова лудило. Се надевам дека артистите кои ги имаме во Македонија ќе добијат поголема храброст за пуштање на нови песни, спотови… тоа се очекува од нив, без разлика на добри или лоши времиња, музика мора да има.

Фокус: Како тебе лично те ефектираше кризата, од која на голем удар се најдоа музичарите и повеќе од една година се оставени без настапи, па и без приходи?

Билбилов: Секогаш имало периоди кога било затишје, и имало по некоја бура…
Но, искуството ме натерало да внимавам што правам во такви времиња. Најважно е човек да остане трпелив и да се спреми за поубавите времиња. Тоа во животот е природен процес, после дождот доаѓа сонце.
Не ни останува ништо освен да го работиме тоа што го работиме со многу љубов, а кога работиш нешто од љубов тоа секогаш ти враќа…

Фокус: Освен со музика, дали имаш и некоја друга споредна дејност? Бевме сведоци како многу твои колеги запловија и во други води, додека траат забраните, со цел да обезбедат егзистенција за семејствата…

Билбилов: Тоа е премногу жално, навистина. Познавам доста мои колеги кои мораа да го направат тоа за да ги прехранат своите најмили. Јас веќе 21 година се занимавам активно со креирање музика и можам да кажам дека низ годините имало и потешки периоди и од самата пандемиска криза, но едно знам, дека човек на се се навикнува. Најважно е да продолжиш да работиш без да очекуваш ништо. Големи очекувања носат и големи разочарувања…

Фокус: Како го искористи времето во карантин, донесоа ли часовите во изолација идеи за нови песни?

Билбилов: За време на карантинот јас доживеав будење, една повисока свесност за себеси, кој сум, што сум и што барам овде на земјава, која е мојата цел и за што служам, која е мојата мисија и што треба да правам за да им помогнам на луѓето. Сфатив дека освен музиката јас друго не знам. И затоа решив да ги засукам ракавите и да го правам тоа што најдобро знам да го правам, а тоа е музиката.

Фокус: Велат дека крушата под круша паѓа, што очигледно е случај и со тебе и твојот покоен татко Хилми Билбил. Колку години има твојот син Давид, покажува ли и тој интерес кон музиката?

Билбилов: Давид има 13 години, и тој би бил трета генерација музичар, доколку продолжи по стапките на дедо му и татко му. Секако дека покажува афинитети кон музиката, но никогаш не го форсираме и оставаме сам да си одбере што најмногу сака во животот. Неговата креативна енергија ја искажува и преку многу други уметности. Сака цртање, анимирање, 3Д анимации, програмирање музика и слично…

 

Фокус: Уште пред повеќе години за тебе се пишуваше дека си дете – музички гениј. Во тинејџерски години ја напиша својата прва композиција, што ти донесе во животот таа дарба за творење, и дали кога би можел да се вратиш назад, би го избрал повторно истиот пат?

Билбилов: Секогаш ќе ја одберам музиката, таа ме полни, ме празни. Без разлика на се, јас никогаш не попуштив и не се откажав од неа. Имав посебна причина, си создадов мисија која морав да ја исполнам, а тоа беше да го повторам презимето кое го носам, да го потврдам квалитетот кој татко ми го имаше, а почина прерано и зад себе остави песни кои и ден денес луѓето ги пеат како свои химни. Има ли нешто поубаво и поодговорно од тоа?

Фокус: Зад себе имаш низа на хитови, речиси да нема познато име на естрадата за кое не си создал песна. Какво е чувството кога со твои песни, твои колеги освоиле награди, оставиле печат на сцената и си им помогнал да станат препознатливо име на естрадата?

Билбилов: Кога создавам некоја одредена песна, таа ја создавам за одреден пејач, можеби ја имам таа способност да го погодам сензибилитетот на артистот. Јас секогаш велам, не постои лоша песна, само погрешен пејач, а кога таа песна ќе освои некаква награда, искрено мене ништо посебно не ми значи, најважно пред се ми е таа песна да живее. Еднаш јавно изјавив, некои песни се за да победат, а некои за да останат…

Фокус: Има ли колегијалност на нашата сцена? Во случајот со нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев годинава, многу твои колеги јавно зазедоа став против неговиот начин на промовирање, па дури и го нападнаа дека е недоволно познат за да не претставува на настанот. Како гледаш на тоа, кога едни музичари ќе се кренат против други, наместо да си бидат поддршка?

Билбилов: Музиката има само една цел, да не обедини сите нас, да ни ги сплоти душите и да дишат во ритамот на музиката. Се друго е неважно. Секако дека за Васил, освен неговиот детски хит ,,Марионка”, за друго нешто луѓето и не слушнале. Васил како што и самиот изјави дека пеел во многу престижни концертни сали, и јас искрено верувам дека е така, тоа се гледа во неговиот израз додека пее. Имавме прекрасна песна оваа година на Евровизија и тој доста коректно не претстави. Имаше супер светски настап, но конкуренцијата беше преголема оваа година.

Фокус: За твоите модерни поп балади, неретко се вели дека едни од најемотивните. Дали си ти емотивно исполнета личност, што ти се случува на приватно поле?

Билбилов: Ви благодарам, баладите се можеби ден – денес најпрестижните мелодии за еден пејач да ги изведува. Авторот низ текот на животот собира некакво искуство и во неговата потсвест се собираат сите убави и неубави моменти, и во одреден момент се преточуваат во песна. Инаку, да, исполнет сум емотивно. Имам се што може да посака човек, а тоа е да биде жив и здрав.

Вики Клинчарова

Поврзани новости