Интервју со Никола Пановски: Во земјава имало околу 25.000 лица кои имале контакт со вирусот, 5-6.000 се активни

by Fokus

Текстот е објавен на 21 мај, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1286

Никола Пановски е професор на Институтот за микробиологија и поранешен директор на Фондот за здравство. Тој во интервју за „Фокус“ објаснува како земјава се справува со Ковид19, дали има доволно здравствени капацитети и медицински персонал, колку е реалната бројка на заразени и починати од овој опасен вирус, дали и колку граѓаните ги почитувале владините мерки, која е разликата меѓу молекуларните и брзите серолошки тестови…

 Разговараше Ирена МУЛАЧКА

 ФОКУС Повеќе од два месеци се соочуваме со корона криза во земјата, каде што досега има повеќе од 1.800 заразени и 106 починати пациенти. Кој е вашиот став околу целата оваа ситуација?
ПАНОВСКИ Ако го поделиме овој период во фази, првата фаза во која имаше постојан раст на нови случаи заврши на почетокот на април, кога за првпат почнаа да се откриваат по над 50 позитивни случаи на ден. Од тогаш па некаде до 20 април бројот на нови случаи се движеше околу 40-50 дневно, во просек, со огромни варијации на кривата од 10 до 107 позитивни дневно. Периодот од 20 до 30 април даде лажна надеж дека кривата континуирано се спушта, но од тогаш наваму бројот на нови случаи е меѓу 20-30 просечно на ден, повторно со варијации од 7 до 40 случаи на ден.
ФОКУС Зошто се случува тоа?
ПАНОВСКИ Може да се заклучи дека само карантините во континуитет, како што беа трите викенди, посебно за Велигден, и оние во Дебар, драстично го намалуваат бројот на нови случаи. Останатите мерки, заради познатата недисциплина на добар дел од населението, слабата контрола на институциите во врска со почитување на тие мерки, доведуваат до многу бавно намалување на новозаразени. Сепак, имам впечаток дека бројот на сериозно болните како да е во поголемо намалување, што е и најважно.
ФОКУС Се гледа ли крајот на пандемијата?
ПАНОВСКИ Конечно, од ова може да се заклучи дека крајот на епидемијата кај нас и во светот не се гледа, намалувањето на новоткриени е бавно, а олабавувањето на мерките е поради тоа што оваа состојба со рестрикции повеќе е неиздржлива. Одговорните сметаат дека топлото време ќе компензира и нема да дојде до зголемување на случаите со олеснување на рестриктивните мерки. Понатаму, повеќето земји, а и нашата, сега лесно се справуваат со новите случаи, односно имаат контрола над состојбата.
ФОКУС За каков вирус станува збор?
ПАНОВСКИ Најголемите расправии во светот се однесуваат за ова прашање. Тука не ги коментирам небулозите од типот: вирусот не постои, намерно е пуштен итн., ниту пак оние дека од вирусот ќе почине 1-2% од светското население (75-150 милиони), туку расправи помеѓу научниците за смртноста од овој вирус. Познати и признати научници се разликуваат помеѓу себе во тврдењата, на едни дека смртноста изнесува 0,03%, до други кои зборуваат за морталитет од 3%. Разлика од 100 пати, не видена до сега во научна и стручна расправа. Се мисли на веројатноста од смрт доколку дојдете во контакт со вирусот и се инфицирате. Проблемот е колкав дел од населението е во контакт со вирусот? Ако е смртноста 0,03% и ако е потребно 60% од населението да се инфицира за да се добие колективен имунитет, бројот на починати до постигнување на тој имунитет би бил 0,03% од околу 4,5 милијарди (60%), а тоа изнесува 1.350.000 починати, а ако е 3%, тој број би бил 135.000. 000 починати.
ФОКУС Од тие ли причини има толку спротиставени ставови?
ПАНОВСКИ Првите сметаат дека со благи рестриктивни мерки, како во Шведска, па и поблаги, за две години ќе се создаде колективен имунитет, а бројот на починати пак би бил приближно ист со земјите кои имаат рестриктивни мерки, но тој број во тие земји би се постигнал побавно, по неколку години. Нивниот став е дека економските, психолошките, здравствените и други последици би биле несразмерно посериозни отколку оние од самиот вирус. Според нив Ковид-19 не е многу посериозен од сезонскиот грип.  Мнозинствотo од научниците сепак смета дека смртноста е најмалку 0,5%, што би значело дека до постигнување на колективен имунитет би починале 22,5 милиони луѓе и затоа, дури и за 0,5% смртност, поддржуваат рестриктивни мерки до пронаоѓање на вакцина, па колективниот имунитет би бил комбинација од инфекција и вакцина (едни би имале природен, а други вештачки имунитет). Така би се спасиле можеби и 20 милиони луѓе.
ФОКУС Кој може најмногу да настрада од Ковид19?
ПАНОВСКИ Да заклучам дека овој вирус е на граница меѓу опасен и неопасен. Нешто помеѓу. Не е опасен за децата, но е многу опасен за старите, изнемоштени, а понекогаш, непредвидливо и многу брзо ги напаѓа и навидум здравите и помладите. Смртноста од грип е некаде околку 0,1%, за овој вирус како ќе минуваат годините, смртноста, каква и да е, ќе се намалува со создавање на имунитет.

 ЕДЕН ПРЕЖИВЕАН ОД НАЈМАЛКУ 60 КОИ СЕ НА МЕХАНИЧКА ВЕНТИЛАЦИЈА

 ФОКУС Како сметате дека Северна Македонија се справи овие два месеци со корона кризата?
ПАНОВСКИ Начелно, солидно се справува, особено ако ја знаеме состојбата во јавното здравство. Сепак, до неодамна малку познатиот Институт за јавно здравство и десетте центри за јавно здравство низ дражавата, непознати за пошироката јавност, во кои работат епидемиолози и микробиолози, често пати неатрактивни специјализации за докторите, ја одиграа својата улога. Секако и Универзитетската клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби и ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје, и со ретки исклучоци, инфективните одделенија во болниците во другите градови. Посебно е за пофалба транспарентноста на Министерот за здравство и Владата, тоа што не играа на политичка карта, туку ги слушаа стручњаците и ги прифаќаа во целост нивните предлози. Исто така, вклученоста на матичните доктори, децентрализираната хоспитализација, па и домашното лекување дадоа резултат.. Лудост беше што на Балканот, со контрола на новите случаи, се организираа болници во спортски сали, сајмишта итн., а капацитетите во болниците не се искористија ни 50%.
ФОКУС Што можеше да биде подобро, а затаи?
ПАНОВСКИ Контролата на граничните премини во почетокот на март беше формална, заштитната опрема за здравствените работници задоцни, односот кон матичните лекари не беше и се уште не е коректен. Рестриктивните мерки беа нелогични во делот кога полицискиот час почнуваше од 16 часот, или кога повозрасните од 67 години имаа само два часа излез. Контролите на спроведување на мерките затаија. Замислете пред две недели имало погреб во Тетово, каде се заразиле десетина граѓани. Да имало еден дежурен на гробиштата, ќе спасел нечиј живот.
ФОКУС Може ли заштитната опрема да не „спаси“ од корона вирусот?
 ПАНОВСКИ Да бев член на Комисијата за заштита од заразни болести ќе предложев нашата држава да се одважи и да го каже она што сите микробиолози во светот го знаат, а за што нобјасниво молчат, дека дезинфекција на улици, во некои земји од лица во скафандери, немаат никаква врска со заштита од овој вирус, тука служат да му порачаат на населението „Вие седете дома, ние сме тука за вас“. Препораката, населението да носи заштитни ракавици, нема никава врска со заштита од вирусот, туку да му порача на населението колку е сериозна состојбата.
ФОКУС Има ли земјава доволно здравствени капацитети за да се соочи со ваков опасен непријател?
ПАНОВСКИ Капацитетите ниту до сега не се пополнија, не очекувам во иднина да се пополнат или надминат. Се реагираше навремено.
ФОКУС Веќе неколку години наназад сме свесни дека многу од лекарите го напуштија јавното здравство. Дали располагаме со доволен број на лекари и медицински кадар?
ПАНОВСКИ Секако дека не. Недостасуваат различни специјалисти, медицински сестри, а просечната возраст кај некои специјалности, а особено кај матичните доктори е многу висок, блиску до 60 години!!! Затоа, администрација во јавното здравство имаме колку сакате. Истата им го јаде лебот на здравствените работници и не оди во странство, ги нема стресовите кои ги имаат здравствените работници.
ФОКУС Претседателот на државата Стево Пендаровски по третпат прогласи вонредна состојба, а повеќе од два месеци сме под полициски час?
ПАНОВСКИ Очигледно дека така мораше да биде. Бројот на нови случаи го диктира тоа.
ФОКУС Ширењето на вирусот се одвива брзо. Дали ставањето под клуч на граѓаните помогна заразата да не букне во огромни размери?
ПАНОВСКИ Секако, пред се затворањето на границите и контролата на патниците, која, споменав, да беше поригорозна, ќе имавме состојба слична на Бугарија или Србија. За жал не се остварија некои очекувања, дека карантинот ќе го сузбие вирусот, тој само ја развлече онаа фамозна крива, која кај нас е повеќе права отколку крива.
ФОКУС Здравствените власти цело време зборуваат за набавка на респиратори, потоа донации на респиратори. Има ли кој воопшто да работи со овие апарати за дишење?
ПАНОВСКИ Секако дека има, но прашањето е дали баш тие работат. Резултатите се поразителни. Овој проблем постои со години, сведоци бевме и за време на пандемијата од свински грип 2009-2010 година, кога безмалку сите што починаа, а починаа само на Инфективната клиника и сите беа на механичка вентилација. Кога се вклучија анестезиолозите, смртноста нагло се намали.
ФОКУС Зошто никој не го решава овој проблем?
ПАНОВСКИ Место да се реши овој евидентен проблем, имаше време од десет години, тој се уште постои и нема резултат. Пред десетина дена гледав интервју на еден пулмолог од Србија, во моментот кога имаа 200 умрени, кој предвидуваше дека ќе имаат околу 240 умрени до крајот на мај, бидејќи имаа тогаш 80 пациенти на механичка вентилација и се предвидува дека половината од нив ќе умрат. Кај нас, еден преживеан, од најмалку 60 кои биле на вештачка вентилација. Инаку имало во државата 140 респиратори, максималната искористеност им била до сега 10%,  смртноста скоро 100%, односно ефектот екстремно дискутабилен.
ФОКУС Имаме ли потреба од набавка на апарати за дишење?
ПАНОВСКИ Прашање е зошто донацијата да не биде во други апарати, а за набавка не сакам ни да зборувам. Едно време предвидуваа да купат 220 респиратори!!! Ова е работа на клиничарите и на министерството, крајно време е да го решат со обуки на млади доктори. Јас како граѓанин можам да се чудам зошто на целата мака не замараше опозицијата со барање за набавка на овие скапи апарати, па власта кажуваше колку многу ќе набави, па тендери кои се поништуваа, па обвинувања за корупција. На крајот во целава трагикомедија, добро е што не се набавија. Значи има голем број на споменици кои ги гледаме на плоштадите во Скопје, но здравството е полно со нераспакувани споменици во магацините кои не ги гледаме. Овие ќе беа едни од тие споменици.

 НЕ СЕ ТОЧНИ ОФИЦИЈАЛНИТЕ БРОЈКИ НА ЗАРАЗЕНИ И ПОЧИНАТИ
ФОКУС Досега се направени повеќе од 20.000 тестирања. Зошто бројката варира од ден на ден?
ПАНОВСКИ Во почетокот очигледно немаше капацитет да се испитаат сите, алгоритмот кај матичните лекари беше многу селективен, па и резултатите доцнеа. Мислам дека при крајот на април и почетокот на мај, според тој алгоритам само 100 до 150 лица исполнуваа критериум да се тестираат, па претпоставувам дека потоа го разлабавија алгоритмот, се зголеми бројот на тестирани  и сега бројот на позитивни е пореален, а и резултатите се издаваат побрзо. Се надевам дека сега го тестираат секој кој ќе се јави и ќе пријави дека има респираторна болест. Сега нема грип и ретки се настинките. Сепак во последниве денови, иако се тестираат по 450 лица, 100 до 150 од нив се однесуваат на скрининг во градинките. Ако навистина се тестираат 300-350 лица, а никој не се одбива, а има симптоми, тоа би било добра вест.
ФОКУС Кој е вашиот став за молекуларните тестови во споредба со брзите серолошки тестови за откривање на антитела?
ПАНОВСКИ Тоа се два прилично различни тестови и најдобри резултати даваат кога се прават заедно. Сите тестови кои се користат во светот се направени набрзина, заради состојбата, и кој е најдобар ќе знаеме по неколку години искуство со нив. Тоа особено важи за серолошките тестови, пред се за оние брзите. Молекуларните тестови откриваат специфичен сегмент од вирусната РНК. Нејзино присуство во носот може да значи: контаминација, колонизација, инфекција или болест. Контаминација е дека вирусот, дури и дел од него (РНК) некако се нашол во носот.Колонизација значи дека микроорганизмот се размножува, но само локално. Инфекција значи дека вирусот се проширил и организмот реагира на неговото присуство со своите одбрамбени механизми. Ако при инфекцијата се јават и карактеристични симптоми, тогаш се работи за болест. За жал, секој позитивен пациент на Ковид 19 со молекуларен тест се внесува во графата потврдени случаи, иако може да е контаминација, колонизација, лажно позитивен тест.
ФОКУС Може ли да објасните подобро што значи тоа?
ПАНОВСКИ Кога на пример би имале и антитела истовремено, тогаш би можеле да зборуваме за инфекција, со или без симптоми. Лицата со контаминација и лажно позитивен тест не можат да ја пренесат болеста, а одат во изолација, заедно со своите контакти. Тие би имале негативен серолошки тест. Серолошките тестови пред се се користат за да се види дали лицето било во контакт со вирусот, односно имало инфекција.
ФОКУС Кога е време за масовен скрининг на населението?
ПАНОВСКИ За скрининг на имунолошкиот статус на населението треба да има најмалку 10% од населението вистински позитивни на антитела, па овие тестови да бидат корисни. Ако тестот дава само 2% лажно позитивни наоди (одличен тест), во град од 10.000 жители, со 100 вистински позитивни тој ќе открие 200 лажно позитивни (3% би биле позитивни, а вистински се само 1%). Ако бројот на вистински позитивните е 1000 тогаш овие 200 лажно позитивни не ја менуваат многу сликата (12% наместо 10%). Затоа кај нас е рано да се користат овие тестови за скрининг на населението во смисла на колективен имунитет.
ФОКУС Подолг период министерството за здравство сметаше дека тестовите на приватната болница Систина не се соодветни за откривање дали некој е носител на вирусот, што подоцна се покажа точно?
ПАНОВСКИ Истото министерство, односно МАЛМЕД дозволи тие тестови да се увезат, да се користат, да се рекламираат по медиуми, па потоа и ги регистрира! На крај испаднаа и со сомнителен квалитет и потекло. Да се дозволи увоз и употреба на нерегистрирани тестови и воопшто нивно рекламирање во време на пандемија и вонредни мерки е тежок гаф на властите.
ФОКУС Во последните две недели бројката на тестирања се намалува. Зошто?
ПАНОВСКИ Според надлежните, имало помалку случаи кои го задоволуваат критериумот да бидат тестирани.
ФОКУС Многу од граѓаните воопшто не стигнаа ни да се тестираат, бидејќи алгоритамот на матичните лекари ги отфрла оти не ги исполнуваат двата основни критериуми, дали биле во странство и дали имале контакт со заразен?
ПАНОВСКИ Десетина такви случаи беа обелоденети. Тоа беа јавни личности, кај кои болеста не поминувала, па на крај беа тестирани. Замислете колку биле оние кај кои болеста поминала. Ако во почетокот имаше логика овој алгоритам, кога имаше и грип и настинки, тој требаше многу порано да се олабави и да ги тестира сите со симптоми на респираторен тракт.
ФОКУС Дали мислите дека официјалните бројки се тие на вкупно заразените и починатите од Ковид 19?
ПАНОВСКИ Апсолутно не. Прво недостасуваат тие кои ги споменав, кај кои болеста поминала, иако се јавиле на матичен лекар. Веројатно има и некој починат кој не е регистриран. Тоа е едната страна, но и од овие 1.800,  добар дел не биле ниту болни, некој дури не биле ниту инфицирани (колонизација, контаминација, лажно позитивен тест). Најголем е бројот на асимптоматските и оние со лесни симптоми кои воопшто и не се јавиле на лекар. Сепак моја претпоставка, според математички модели на кои им верувам е дека во нашата земја има, односно имало, околу 25.000 лица кои биле во контакт со вирусот, од нив 5-6.000 сега се активни, а  400 се оние кои ги знаеме. Од останатите 20.000, околу 1.300 се негативни на тестот, дел од нив оздравеле, а дел само се негативизирале, иако не биле болни. Значи, можеби, според овој модел ние имаме 20-30.000 лица кои биле или се уште се во контакт со вирусот.

ШТО МОЖАТ ИЛЈАДА ГРАЃАНИ ДА НАПРАВАТ, ЕДЕН БУДАЛА МОЖЕ ДА РАСИПЕ

ФОКУС Веќе одреден период се најавува олабавување на мерките. Можеме ли повторно да се соочиме со зголемување на бројките?
ПАНОВСКИ Со оглед на тоа што кај нас не се намалија многу бројките и за време на ригорозните мерки, ниту пак беа многу големи за време на мерките, се надевам дека нема да има покачување на бројот, туку постепено намалување поради топлото време и мерките на заштита и физичка дистанца, барем до почетокот на учебната година,
ФОКУС Колку граѓаните беа послушни и помогнаа за справување со Ковид 19.
ПАНОВСКИ Огромно мнозинство беа послушни, хумани и помагаа, не само со седење дома, туку и активно, со разни видови на донации, делеа храна, печатеа бесплатни визири, но што можат илјада да направат, една будала може да расипе. А такви ги има за жал доста. Или горниот ќе ги спасел или вирусот не постои или тие се супермени отпорни на се.
ФОКУС Се уште се откриваат нови кластери на заразени. Сметате ли дека во скоро време ќе стивне пандемијата?
ПАНОВСКИ Се надевам дека ќе стивне, но реално нема да исчезне.
ФОКУС Ќе се стекне ли колективен имунитет?
ПАНОВСКИ Секако, ако вирусот не исчезне, како неговиот претходник од 2002, САРС, единствено решение е колективен имунитет, кој ќе биде мешавина од природно стекнат и вештачки стекнат. Со ова темпо, од по претпоставени 10.000 случаи месечно во Македонија, колективен имунитет кај 60% од населението би се стекнал за 10 години. Тоа во Шведска очекуваат да се случи до крајот на годинава. Историски гледано, последната голема пандемија која завршила со колективен имунитет стекнат по природен пат била онаа од Шпанскиот грип 2018. Понатаму, колективниот имунитет кај многу болести се стекнувал пред се со вакцина.
ФОКУС Кој е вашиот став како ќе се одвива понатаму целата ситуација со Ковид19?
ПАНОВСКИ Тоа е добро прашање за обложувалниците, во недостиг на спортски натпревари. Никој не знае. СЗО за секој случај, предвидува втор бран идната зима. Инаку, најбрзата, а успешна вакцина направена во историјата, била подготвена за четири години. Тоа е вакцината против заушки. Последнава воведена кај нас лани, против ротавируси е подготвувана цели 27 години. Очекувам да се проба со не до крај испитана вакцина. Искрено, се надевам дека децата на есен ќе тргнат на училиште, ќе стекнат природен имунитет и нема задолжително да се вакцинираат, кога ќе биде воведена вакцината. Очекувам и покрај сите притисоци, вакцината да биде доброволна, бесплатна и наменета само за ризичните групи.
ФОКУС Што правиме со пациентите кои имаат разни хронични заболувања, а не стигнаа ниту на прегледи, ниту на операции?
ПАНОВСКИ Тие се комплетно запоставени, особено оние на кои им треба рехабилитација или оперативен третман. На сметка на Ковид 19 се запоставија другите здравствени проблеми, таму можеби смртноста во овој период е повисока, но не е интересна и не се објавува, сега е од интерес само оваа болест, па затоа доживевме главна вест да се две деца кои умреле од синдром на Кавасаки, во цела Европа, кои можеби е инициран од САРС КоВ 2. Ако смртта била инцирана од друг микроорганизам, како што било до сега, тоа не се објавува, ниту СЗО повикува на претпазливост. Се прашувам да не се подготвува терен вакцината да биде задолжителна па да ја примаат сите, вклучително и бебињата.
ФОКУС Колку е корона вирусот опасен за хронично болните?
ПАНОВСКИ Прилично е опасен и тоа е главната причина за сите преземени мерки, со цел на заштита на овие категории граѓани.

Рамка1:

ИЗБОРИ ДА, МИТИНЗИ НЕ

 ФОКУС Северна Македонија наголемо се спрема за предвремени парламентарни избори. Колку ни е се потребни избори во ова време – невреме?
ПАНОВСКИ Ова време-невреме, стручните лица кои одлучуваат да одредат еден период од три недели кога очекуваат најмал број на случаи. Непријатно сум изненаден од протоколот за одржување на средби со граѓаните, па и митинзи! Мој став е дека Комисијата за заразни болести треба да предложи, барем во наредните 2-3 месеци да нема масовни собирања. Ако тоа го предложи тогаш треба да одбие да подготвува протокол за минтинзи. Значи, избори да, митинзи не.

Рамка2:

НАЈБОГАТИТЕ ЗЕМЈИ НАЈЛОШО СЕ СПРАВИЈА СО ВИРУСОТ

 ФОКУС Што се случи во Италија, Англија, Шпанија каде бројките на заразени и починати се алармантни?
ПАНОВСКИ Прво, во тие земји очекуваниот период на живот е 80-90 години, кај нас е 75, во Русија многу помал. Значи една причина се големиот број постари, оставени без доволна грижа од фамилиите. Основен проблем сепак се задоцнетите мерки, најмалку за две до три недели. Се одржуваа фудбалски утакмици, работеа скијачките центри, дури месец дена по првиот регистриран случај. Замислите кај нас мерките да почнеа да се спроведуваат на 26 март! Веќе инфицираните, а здрави деца, си отидоа дома, кога со задоцнување се распуштија училиштата и така натаму. Велика Британија во почетокот експериментираше со мерките. Тука е и Белгија, која е во најлоша состојба од сите земји во светот. Овој феномен ќе се изучува. Со ретки исклучоци, најбогатите земји најлошо се справија со вирусот. Земји во кои ние би инсистирале да се лекуваме. Земји во кои работи најквалитетниот кадар од источните и југоисточните земји.

Поврзани новости