Интервју со Никола Јанкуловски: УКИМ дава максимални напори за да го спречи заминувањето на младите во странство!

Никола Јанкуловски е лекар/хирург на Клиниката за дигестивна хирургија и професор на Медицински факултет. Тој, во изминативе 15 години извршуваше значајни функции во областа на образованието и здравството - 8 години беше декан на Медицинскиот факултет по што 7 години ја вршеше функцијата ректор на најстариот македонски универзитет - УКИМ. Во интервју за „Фокус“, Јанкуловски дава оценка за неговиот мандат како ректор и за работата на УКИМ, а говори и за најголемите предизвици со кои се соочувал.

by Фокус

ФОКУС: По истекот на Вашиот мандат како ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како ја оценувате вашата работа, а со тоа и работата на УКИМ во изминатите 7 години?

ЈАНКУЛОВСКИ: Искрено задоволен сум од достигнувањата, бидејќи работите за кои се стремев да ги постигнам во текот на целиот мој мандат како ректор, во најголемиот дел се реализирани, а помал дел се во фаза на реализација.

Во изминатите седум години, сите активности и процеси беа во насока да го направиме УКИМ подобар, значаен фактор во европскиот заеднички образовен и истражувачки простор. Успешно отпочнавме активности во насока на поддршка на развојот на иновации и трансфер на технологии.

Универзитетот за првпат формираше бизнис-акцелератор за поддршка на мали бизниси и нивно вмрежување на глобалниот пазар. Беше основан и интегриран Центар за кариера на Универзитетот, кој претставува своевиден мост меѓу студентите и бизнис-заедницата, со цел да им обезбеди на студентите кариерен развој адекватен на нивното образование.

Дигитализацијата на наставно-образовниот процес, поттикната од состојбата со пандемијата, продолжи со координација на активности за воведување нови интегрирани дигитални системи за настава и студенти. Потребата за нови функционалности доведе до унапредување на iKnow-системот и нови апликации и системи што треба интегрирано да функционираат.

УКИМ интензивно работеше на градење на научно-истражувачките капацитети. Беа реализирани капитални инвестиции во подобрувања на објектите и опремата на единиците и подобрување на условите за студирање и работа.

Во насока на промовирање на Отворена наука, чија главна цел е меѓународна видливост и претставување на Универзитетот како квалификуван партнер во истражувачката област, на регионално и на европско ниво, се донесе Политика на отворена наука на Универзитетот.

Универзитетот се залагаше за промовирање и примена на еднакви права и можности меѓу жените и мажите во истражувањето и иновациите на студентско, академско и кадровско ниво на целиот универзитет преку донесената Декларација за родова еднаквост.

Исто така, беше изготвена и Антикорупциска програма, согласно со планот за борба против корупција на владата.

Со цел подигање на стандардот на универзитетските професори беше потпишан Колективниот договор помеѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Македонија, а во насока на зачувување на достоинството на професијата, по 16 години, беше донесен нов Етички кодекс и за првпат се формираше Етичка комисија на Универзитетот.

ОБНОВА НА НАСТАВНИОТ КАДАР

ФОКУС: Кои беа вашите најзначајни предизвици од изминатиот мандат?

ЈАНКУЛОВСКИ: Еден од најголемите предизвици на Универзитетот беше одржувањето на квалитетот на образовниот процес со лимитирани средства и недостиг од образовен кадар и научен подмладок.

Развојот во образовниот процес треба да биде имплементиран во сите негови сегменти, но најмногу во обновата на наставниот кадар.

Универзитетот постојано вложува во создавање квалитетен наставен кадар, кој, секако, потекнува од рангот на нашите најдобри студенти.

За квалитетна наставно-образовна и научно-истражувачка дејност потребен е доволен број професори и асистенти, но, за жал, поради тешкиот начин на пополнување нови работни места и земајќи ги предвид општествените прилики во нашата држава, се случува одлив на наставно-образовниот кадар.

Универзитетот, исто така, се соочува со предизвикот на задржување на младите и дава максимални напори за да го спречи нивното заминување од нашата држава и студирање во странство. Сепак, пресудна улога има државата за обезбедување услови за вработувања и соодветна заработувачка.

Научно-истражувачката дејност на УКИМ, споредбено со вложувањата, е задоволителна. УКИМ има извонредни научно-истражувачки капацитети во однос на човечките ресурси, од кои повеќемина не можат да дојдат до израз поради недостигот од национални научно-истражувачки проекти и доволно средства од државата за објавување трудови во списанија со фактор на влијание, па со оглед на тоа, постојаните напори за повисоко рангирање на УКИМ на светските ранг-листи претставуваше уште еден наш голем предизвик.

ФОКУС: Како го афирмиравте УКИМ на меѓународен план?

ЈАНКУЛОВСКИ: Универзитетот активно преземаше активности за подигнување на квалитетот на високообразовниот процес, како и за подобрување на позициите на Универзитетот на ниво на опкружувањето и на повисоко светско ниво.

Донесени беа Правила за начинот и постапката за подобрување на видливоста и препознатливоста на Универзитетот. Реализирани се бројни активности на визуелниот идентитет, корпоративното претставување на Универзитетот, како и зголемување на видливоста преку воведување нови дигитални инструменти.

Преку интензивирање на комуникацијата со научно-истражувачките кадри со потекло од Македонија и нивната афилијација кон Универзитетот, во насока на зајакнување на интернационализацијата и меѓународната соработка, се основаше нов инструмент – Центар за напредни интердисциплинарни истражувања, за вмрежување на научниците, кои работат и творат во светот, а се родум од Македонија, со научно-истражувачкиот кадар на УКИМ, со цел за развивање соработки од заемен интерес во различни области.

Универзитетот пристапи кон членство во универзитетска алијанса AcrossEU, една од 46-те новоформирани универзитетски мрежи во рамки на најголемиот пилот-проект на Европската комисија ЕРАСМУС+, „формирање на 60 Европски универзитетски алијанси“.

Во рамките на реализираните активности, Универзитетот, исто така, работеше и на активирање на фондациите во странство, стипендирање на најдобрите студенти и студенти што потекнуваат од социјално ранливи семејства.

МИСИРКОВИОТ АМАНЕТ

ФОКУС: Големиот Мисирков рекол „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, затоа што тој е наш, како што е наша и татковината“. Вие и УКИМ сте единствените наследници и поддржувачи на овие свети зборови на нашиот преродбеник. Како ќе ја коментирате оваа негова мисла?

ЈАНКУЛОВСКИ: Нашиот Универзитет, непрекинато го следи Мисирковиот аманет и ја остварува оваа должност, како столб на развојот на македонистиката.

Ама, од клучно значење за остварувањето на аманетот за нашиот македонски јазик е и што 56 години, од формирањето на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура наваму, нашиот Универзитет се вложува и во развојот на современата странска македонистика.

Без неа, заложбите и сонот на Мисирков, ама и на неговите потомци, а наши претходници, не ќе беа целосно остварени. За неа, клучна е токму оваа Летна школа – стожерот на странската македонистичка мисла. Токму нејзиниот развој бил и е причина, активностите на Меѓународниот семинар да стануваат сè побројни.

Но, радува и фактот што откако по 2-3 години се вратија и семинаристи од Романија, годинава повторно има учесници од таму и што и годинава се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција.

И подеднакво ми е драго што тука се семинаристи и од земји од кои традиционално, без прекин, има учесници на Летната школа: Франција, Полска, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Руската Федерација и Чешката Република.

Напоменувам дека ова е година на јубилеи, затоа што покрај 120-годишнината од објавувањето на „За македонцките работи“ на Мисирков, меѓу другото, годинава чествуваме и 120 години од Илинденското востание, кое доведе до првата република на Балканот – Крушевската, 115 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, 100 години од раѓањето на  Ацо Шопов.

Чест ни е што токму со Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, која беше во негова чест, а со тоа и со посветеност на странската македонистика го почнавме остварувањето на програмата „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“.

Дел од оваа програма е и оваа Летна школа. А  годинава се навршуваат и 80 години од првиот час на македонски јазик на слободна македонска територија – во селото Подвис, во септември 1943 година – и тоа на народен јазик.

Неспорен факт е дека во изминативе децении и години, дури да дојдеме до одржувањето на 56. Летната школа, и нашите претходници и ние сме се соочувале со предизвици, негирања и напади, кои се упатени кон македонистиката.

Ама клучно, и во таквите моменти, ставовите и заклучоците на странската македонистика, на балканистиката и славистиката ја кажуваат и ја потврдуваат македонската вистина. Благодарение и на влогот што го остварувале и што го остваруваат странските македонисти и слависти.

Тоа е една од причините поради кои, и во оваа пригода, чувствувам потреба и обврска, на сите странски македонисти, не само да им искажам благодарност, туку и да им упатам порака дека УКИМ ја давал, ја дава и верувам секогаш ќе им ја дава поддршката во нивната решеност и посветеност за афирмација на македонистиката. Суштинска, а не само формална или декларативна.

Македонскиот збор одекнувал, одекнува и ќе одекнува низ светот, на сите континенти! Таа обврска ние како Универзитет ја имаме и пред Мисирков и пред низа наши претходници, ама и пред нашите потомци.

ФОКУС: Покрај со прашањата поврзани со УКИМ во овој период бевте особено активен во промоцијата и заштитата на државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

ЈАНУЛОВСКИ: Во овој период ја потпишав изјавата за поддршка на стратешките напори на владата за интегрирање во ЕУ, а, исто така, ја поддржав Промеморијата на МАНУ за државотворност и идентитет на македонскиот народ, од 1.12.2020 година.

Исто така, бев потписник на Македонскиот манифест, кој, покрај мене, го потпишаа и претседателот на МАНУ и архиепископот охридски и македонски на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, од 25.1.2020 година.

Секогаш, во секоја пригода и во секое време сум се залагал како ректор, професор, лекар, како граѓанин на оваа наша држава за заштита и унапредување/афирмирање на македонската национална посебност (која се огледа преку постоење посебен македонски народ, кој зборува на свој мајчин/македонски јазик, со своја култура и историја, идентитет и државотворност).

Мислам дека на секој интелектуалец, на секој македонски граѓанин, тие треба да му бидат свети, непоколебливи, постојани идеи водилки во секојдневната негова егзистенција, без оглед дали да се наоѓа во својата држава, Македонија, или во странство.

НЕ ГИ ЗАПОСТАВИВ ПАЦИЕНТИТЕ

ФОКУС: По истекот на вашиот мандат, каде се гледате во иднина?

ЈАНКУЛОВСКИ: Јас, пред сè, сум лекар/хирург, професор на Медицински факултет и вработен на Клиниката за дигестивна хирургија.

Иако во изминативе 15 години (8 години како декан на Медицинскиот факултет и 7 години како ректор на УКИМ), извршував значајни раководни функции во областа на образованието и здравството, јас не ги запоставив своите пациенти, граѓаните на Македонија.

Секоја недела вршев хируршки зафати и се грижев за здравјето на своите пациенти. Исто така, редовно ги извршував и обврските како редовен професор на Медицинскиот факултет по предметот хирургија.

Покрај со веќе постоечките активности во кои постигнав врвни резултати, добитник сум на: државната награда „Св. Климент Охридски“ во 2013 година за особен придонес во здравството; највисоката награда на Македонското лекарско друштво „Д-р Трифун Пановски“ во 2015 година за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита; државната награда „11 Октомври“ во 2015 година за животно дело; Орденот на честа за наука и уметност од Австрија од прв ред;  Витез од националниот ред за заслуги на Република Франција.

И во иднина, со оглед на моето долгогодишно искуство во повеќе области, ќе продолжам со својот придонес за добробит и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.

Поврзани новости