Интервјуто е објавено на 17 март, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1280
Во екот на пандемијата, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски има задача да ја организира работата на најголемиот универзитет во вонредна состојба, но и како лекар, дигестивен хирург има задача да ги следи своите пациенти на клиниката. Тоj во интервју за „Фокус“ објаснува како се одвиваат предaвањата на студентите и како ќе ги полагаат испитите, но и за новиот вирус, кој потврди дека студентите не се заинтересирани да специјализираат епидемиологија, но и дека ни недостигаат инфектолози и анестезиолози
Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Со оглед на вонредната состојба за сите, прво едно човечко прашање. Како се чувствувате и како функционирате во оваа нова кризна ситуација за сите нас?
ЈАНКУЛОВСКИ: Се чувствувам загрижено, секако ова е нова и непозната состојба. Ги следам препораките за социјално дистанцирање. Работам со исто темпо како и досега, со тоа што најголемиот дел од состаноците ги одржувам онлајн, а таму каде што тоа не е можно, одржувам препорачана дистанца од два метри. На Kлиниката за дигестивна хирургија редовно правам визита на моите пациенти, се разбира со соодветна опрема за лична заштита.
ФОКУС: Вие, освен што сте ректор, работите и како лекар на Клиниката за дигестивна хирургија. Каква е атмосферата таму, како функционира оваа Клиника?
ЈАНКУЛОВСКИ: На Клиниката за дигестивна хирургија работат високопрофесионални лекари и други здравствени работници. Секако, сите ние ги доживуваме сите емоции својствени на човекот, меѓутоа, како врвни професионалци, ние сме тренирани голем дел од тие емоции да не ги манифестираме, ги оставаме во нашите интимни размислувања. Не можам да кажам што секој од моите колеги доживува, но можам да кажам дека на нашата клиника нема атмосфера на страв, владее работна атмосфера, се оперираат и згрижуваат сите пациенти на кои во овој период им е неопходна итна хируршка интервенција.
ФОКУС: За време на оваа епидемија, многу здравствени работници се заразија со новиот вирус SARS-CoV2, според податоците, околу десет отсто. Најмногу погодена е кумановската болница. Каде ја гледате причината за нивното заразување?
ЈАНКУЛОВСКИ: Проблемот со заразувањето медицински работници, за жал, е универзален, присутен во сите земји што се соочуваат со епидемијата, и директно поврзан со природата на работата на здравствените работници. Болеста е контагиозна и тоа е веројатно првата причина зошто изложеноста на лекарите резултира со заразување. Втор значаен проблем се асимптоматските преносители, кои дури и самите не се свесни дека можеби го носат вирусот, па и да сакаат да пријават, не се во можност, бидејќи немаат симптоми. Третата причина, веројатно е ограниченото присуство на заштитна опрема, но и нејзината правилна употреба.
СТУДЕНТИТЕ НЕМААТ ИНТЕРЕС ЗА ЕПИДЕМИОЛОГИЈА
ФОКУС: Во Куманово има двајца епидемиолози, а кусок на овие специјалисти има и во целата држава. Зошто има мал број епидемиолози, дали имате некоја анализа за тоа колку студентите имаат интерес за оваа специјализација? Колку пензионирани епидемиолози може да се стават во функција на здравствениот систем?
ЈАНКУЛОВСКИ: Според моите сознанија, во државава има вкупно 74 епидемиолози, од кои тројца се пред пензионирање. Десет од нив се професори на трите медицински факултети. За жал, постојниот број епидемиолози не ги покрива подеднакво сите медицински центри во поодделни општини.
Во врска со интересот на студентите за специјализацијата по епидемиологија можам да кажам дека Медицинскиот факултет на секој објавен конкурс распишува многу повеќе места од тоа што се пополнува, што значи дека нема голем интерес за оваа специјализација. Станува збор за дефицитарна специјализација, но, за жал, кај помладите лекари голем интерес будат хируршките и интернистичките гранки и се случува таму да се насочат најголем дел од кадрите. На последниот конкурс беа распишани 12 места за државни и 12 места за приватни специјализации.
Во моментов, во тек е специјализација на 5 кандидати, од кои еден е на приватна, а останатите се државни специјализанти (од Јавните здравствени установи). Сепак, во рамките на Институтот за епидемиологија при Медицинскиот факултет на УКИМ, има кадар од овој профил, кој извонредно добро ја познава оваа област и може да им биде поддршка на сите институции и болници кои би се обратиле до нив за помош.
ФОКУС: Дали нашиот здравствен систем може да се справи со епидемијата?
ЈАНКУЛОВСКИ: За да може нашиот здравствен систем да се справи со епидемијата, неопходно е да се применуваат мерките на зарамнување на кривата на новоинфицирани болни. Тоа е идејата на социјалното дистанцирање, предложено од Светската здравствена организација, кое го применуваат многу земји. Целта е да не дојде до нагол пораст на новоинфицирани, кои би го преоптовариле здравствениот систем и би се случило трагичното италијанско сценарио, каде што еден современ и напреден здравствен систем не беше во можност да се справи со бројката на критично болни пациенти.
ФОКУС: Дали сметате дека мерките што се преземаат се ефикасни?
ЈАНКУЛОВСКИ: Се надевам дека мерките што сега се спроведуваат во нашата држава, ќе родат плод и ќе имаме намалување на бројот на новоинфицирани, а со тоа и критични болни, на кои нашиот здравствен систем ќе може да им пружи соодветна терапија и нега. Нашиот здравствен систем носи традиција од една школа, која добро нè подготвуваше за справување со кризни ситуации од овој тип. Потребното знаење е присутно кај клучните луѓе и тоа е значително охрабрување. Сепак, дополнително на знаењето, ваква криза бара и доволно ресурси, кои се покажуваат како ограничени и недоволни и во многу поголеми земји од нашата.
Конечно, покрај претходните два фактора, важен е и моментот на организациска поставеност, координација меѓу институциите и менаџирање со кризата. Досега имаме среќа епидемијата да не излезе од контрола и тоа остава простор и време да се поправаат работите во од.
ФОКУС: Што ако продолжат лекарите да се заразуваат. Кој ќе работи?
ЈАНКУЛОВСКИ: Загрижувачки се бројките што се објавуваат за заразени и починати лекари во оваа пандемија. Само во Италија беа пријавени над 100 починати лекари. Кина, Британија, Шпанија, сите земји пријавија починати лекари од ковид-19. Како лекар, особено ме погодуваат овие вести за загубени животи меѓу колегите, кои се на првата линија на фронтот во битката со новиот вирус. Навистина трагично.
Кај нас веќе има над 100 заразени здравствени работници. Им посакувам брзо и целосно оздравување. За да нема голема бројка на заразени, а со тоа и онеспособени за работа, неопходно е да има доволно лична заштитна опрема за секој здравствен работник, со соодветно ниво на заштита, во зависност од процедурите што ги изведува. Сега веќе кога е јасно дека има локална трансмисија на болеста, кон секој пациент треба да се постапува како потенцијално заразен. На тој начин ќе се поведе поголема внимателност, поголема ригорозност во процедурите и носењето опрема, и со тоа ќе се намали и степенот на заразувањето на медицинските работници. Сценариото за зголемен број заразени лекари би било доста ризично по одржливоста на здравствениот систем.
КЛУЧНИ СЕ ИНФЕКТОЛОЗИТЕ И АНЕСТЕЗИОЛОЗИТЕ
ФОКУС: Исто така, имаме недостиг и од инфектолози и анестезиолози, кои се клучни во ситуацијата?
ЈАНКУЛОВСКИ: Во оваа пандемија, клучни се инфектолозите и анестезиолозите. Секако, сите здравствени работници се важни, но лекарите од овие две специјалности се директно инволвирани во лекување на тешките клинички форми на ковид-19. Недостигот од овие профили на лекари датира од поодамна, и тоа не само кај нас, туку во светски рамки.
Од друга страна, последниве неколку години, токму поради побарувачката на овој вид лекари, анестезиологијата стана привлечна специјализација за многу млади лекари, па во моментов има 90 специјализанти по анестезиологија со реанимација на Медицинскиот факултет на УКИМ.
ФОКУС: Факт е дека со респираторите работат анестезиолози.
ЈАНКУЛОВСКИ: Респираторната терапија со механичка вентилација на белите дробови е примарна дејност на анестезиолозите. Меѓутоа, и други профили лекари работат со респиратори. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во одделот за интензивна нега, веќе повеќе години се лекуваат пациенти на респиратор, и тоа си го работи тимот инфектолози од интензивна нега. Во моментов таму е и екипа анестезиолози од КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување), кои заедно со инфектолозите ги лекуваат најтешките болни од ковид-19. Сметам дека нашите инфектолози и анестезиолози, засега, се во доволен број за лекување на критичните пациенти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
МЕДИЦИНАРИТЕ, ЗАСЕГА, НЕМА ДА ЛЕКУВААТ
ФОКУС: Како се организирани сега студентите на Медицинскиот факултет?
ЈАНКУЛОВСКИ: Студентите на Медицинскиот факултет, како и сите останати студенти, во овој период се фокусирани на oнлајн-наставата, која на Медицинскиот факултет се организира преку платформата Microsoft Teams. За сите предмети што ги слушаат студентите согласно распоредот, во определени термини, се обработуваат тематски единици, се анализираат конкретни случаи (пациенти) т.н. Case Report, понатаму, се презентираат видеоматеријали од различни интервенции и слично.
ФОКУС: Во многу погодени земји, студентите што се прикрај на студиите по медицина се вклучија во „битката“ со оглед на тоа што многу здравствени работници заболеа? Дали се планира вклучување и на нашите студенти?
ЈАНКУЛОВСКИ: За среќа, во овој момент тоа не е потребно, бидејќи здравствениот систем одлично се справува со епидемијата во нашата држава и кадровскиот потенцијал е сосем доволен. Ако дојдеме во ситуација на недостаток на медицински кадар во справувањето со состојбата, верувам дека здравствените власти ќе побараат помош со вклучување и на студентите кои се на крај на студиите и имаат практична обука за вакви ситуации. Да се надеваме дека до тоа нема да дојде, со оглед на засега линеарниот раст на заразени.
ФОКУС: Како функционира сега наставата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“?
ЈАНКУЛОВСКИ: Од првиот момент кога се прогласи прекинот на наставата на сите нивоа во државата, вклучително и во високото образование, сите единици од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се мобилизираа во насока на реализирање на предвидените активности во доменот на наставната, научната и апликативната дејност. Наставата на УКИМ функционира на сите факултети непречено со користење на современите ресурси од информатичко-комуникациските технологии, како што се платформите Microsoft Teams, Zoom.us и други електронски платформи за далечинско учење. Студентите од самиот почеток имаат oнлајн настава, достапност на oнлајн презентации, литература, а и сите други услуги ги добиваат по електронски пат.
Исто така, oнлајн се одвиваат и другите составни делови на образовно-научниот систем како изготвување на проекти, домашни задачи, есеи и дел од вежбите, консултации, семинарски работи и слично, согласно акредитираните студиски програми. Во таа насока, на сите студенти им се ставени на располагање наставните материјали, учебници, учебни помагала и скрипти, oнлајн-консултации и електронска интерактивна комуникација со цел реализација на наставниот процес. Притоа, реализацијата на теоретската настава тече сосема непречено и студентите активно се вклучуваат во овој процес.
ЌЕ СЕ ВОВЕДУВААТ ДВОЈНИ ИСПИТНИ СЕСИИ
ФОКУС: Колку е успешна онлајн-наставата?
ЈАНКУЛОВСКИ: Сите единици на Универзитетот и наставниот кадар ги прифатија новонастанатите услови и се прилагодија кон успешна реализација на oнлајн-настава. Одѕивот од страна на студентите, исто така, е на завидно ниво, така што можеме да констатираме висок квалитет на реализација на наставата. Дел од факултетите веќе спроведуваат анкета меѓу студентите и професорите за задоволството од спроведување на oнлајн-наставата. Во однос на колоквиумите и испитите по изнаоѓање соодветно техничко решение и во договор со студентските собранија може и овие делови од наставно-образовниот процес да се спроведат во определените термини согласно универзитетскиот календар. На ова прашање веќе работат техничките факултети.
ФОКУС: Како сега, ама и кога студентите ќе ги полагаат испитите?
ЈАНКУЛОВСКИ: Се размислува за воведување дополнителни – двојни испитни сесии во јунскиот и во септемврискиот испитен рок, како и олеснување на условите за запишување на предметите во следната академска година за поедини студиски програми, каде што ќе се укаже потреба за тоа. Во секој случај, имајќи ја предвид разнородноста и бројноста на наставнообразовните програми на Универзитетот, секоја единица, автономно ќе одлучува за мерките во насока на подобрување на ефикасноста на високообразовниот процес.
ФОКУС: Дали ќе останат факултетите затворени, до крајот учебната година за студентите?
ЈАНКУЛОВСКИ: Дали факултетите ќе останат затворени зависи од општите мерки што ги носи владата, односно од ескалацијата или од смирувањето на епидемијата во земјава. Универзитетот ќе ги следи и ќе ги прилагодува своите активности кон мерките предложени и детерминирани од државните институции, пред сè, од Владата, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука. Во ниту еден момент нема да се доведат во ризик студентите и вработените на Универзитетот. Со електронската комуникација, настава и далечинско учење, Универзитетот во целост ја остварува својата мисија, така што до укинување на безбедносните мерки, факултетите и институтите ќе продолжат да функционираат по електронски пат.
ФОКУС: Антикорупциската комисија констатира дека сте зеле две плати , една како ректор на УКИМ и една од Клиниката за дигестивна хирургија. Што се случи со оваа постапка?
ЈАНКУЛОВСКИ: Да, постои судска разрешница за овој случај и тоа на две нивоа. Ваквото толкување на ДКСК беше отфрлено од јавното обвинителство до кое ДКСК поднесе пријава, a Управниот суд потврди дека не сум избрано и именувано лице и дека платата што ја добивам е, всушност, една целина – составена е од основна плата и функционален додаток за вршење на функцијата ректор.
Во членот 97 од Законот за високо образование е дефинирано дека ректорот е раководен орган, треба да е редовен професор и се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците (факултети и научни институти) – од што јасно произлегува дека не сум избрано и именувано лице. Второ, високообразовната, научноистражувачката и здравствената дејност на Медицинскиот факултет каде што сум вработен како редовен професор по хирургија се вршат како функционална целина, што резултираше со воспоставување истовремен двоен работен однос на здравствените работници од универзитетските клиники, кои се избрани на Медицинскиот факултет.
Во конкретниов случај, не може да се биде професор на Медицинскиот факултет доколку истовремено не сум вработен и на универзитетска клиника. Согласно ЗВО, избраниот ректор продолжува да ја извршува својата работа како наставник на единицата од каде што е избран, што истовремено повлекува и вршење на здравствената дејност како функционална целина на двете, односно на трите дејности.
ФОКУС: Каква е позицијата на професорите на Медицинскиот факултет?
ЈАНКУЛОВСКИ: Професорите од Медицинскиот факултет се во еднаква правна положба со професорите од другите факултети, што значи дека доколку се применат одредбите за мирување, ниту еден професор од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет не би можеле да бидат наставници, ниту да бидат избрани за ректор, односно за проректори, што е спротивно на уставните начела за еднаквост, рамноправност, владеење на правото итн.
НАКС НЕ УСПЕА ДА СОБЕРЕ ДОВОЛНО ЧЛЕНОВИ
ФОКУС: Со предлогот за формирање нов синдикат ја зовревте академската заедница. Дали тоа беше потребно?
ЈАНКУЛОВСКИ: Последните синдикални здружувања се повеќе резултат на реакцијата на НАКС (Независен академски синдикат), кој, за жал, за 4 години од нивното постење не успеа да постигне репрезентативност на синдикат за високо образование и да се избори за подобри услови за живот и работа на вработените во високото образование. Како ректор на најголемиот и најстар универзитет во нашата држава, кој е секогаш во фокусот на високото образование, не можам и не смеам да се мешам во кој било облик на синдикално организирање на вработените на Универзитетот.
ФОКУС: Ве обвинија дека ја узурпирате академската слобода и дека образованието е болно.
ЈАНКУЛОВСКИ: Мојата обврска и одговорност кон сите вработени беше само да споделам информација, која произлезе од министерот за образование и наука дека ветеното зголемување на платите од 10 отсто за вработените во високото образование може да се реализира со потпишување колективен договор со синдикатот на Универзитетот. На средбата бевме присутни сите ректори на државните универзитети и информирањето се спроведе на сите нас.
Сметам дека и досега требало да се формира ваков синдикат на Универзитетот, особено што во подолг временски период правата на вработените во високото образование се нарушени: платите се многу ниски и речиси изедначени со платите на средношколските професори и се најниски во регионов и дефинитивно најниски во Европа. Состојбата ја отежнува исплатата на минат труд, кој не се рефундира од страна на надлежното Министерство, обновата со млад кадар – асистенти е незадоволителна, материјалната база за одвивање на образовната и научната дејност на факултетите и институтите е незадоволителна, така што има многу прашања што треба да се решаваат во наредниот период.
ФОКУС: Имаше ли некакви притисоци при формирањето на новиот Синдикат?
ЈАНКУЛОВСКИ: Синдикатот на УКИМ се формираше, и тоа со значителна репрезентативност од околу 1.000 вработени за само ден и пол, што само по себе кажува дека ниту имало време за какви било притисоци и закани за кои бевме обвинети и јас и деканите.
Синдикалното здружување е доброволно и никој не може и не смее да влијае или да врши притисоци. Досега постоеше НАКС, на чие чело до скоро беше проф. Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности, но, за жал, за 4 години од нивното постоење не успееја да постигнат репрезентативност, ниту, пак, да се изборат за какво било покачување на платите или други подобрувања на условите за живот и работа на вработените во високото образование.
Од друга страна, СОНК како синдикат за образование, наука и култура досега направи многу за вработените во основното и во средното образование, но, за жал, ништо за вработените во високото образование, поради што се јави како неопходност формирањето репрезентативни синдикати на ниво на јавни универзитети во земјава.
ФОКУС: Дали и претходно сте барале покачување на платите за професорите?
ЈАНКУЛОВСКИ: Јас имав најдобра намера, да се покачат платите на вработените во високото образование. И пред формирањето на синдикатот, јас како ректор и како декан сум се залагал за покачување на платите на вработените во високото образование и за подобрување на условите за работа на професорите и студентите. За ова сум потпишувал безброј писма до надлежните органи во нашата држава, сум одржувал безброј состаноци со министри и сум имал и други активности на оваа тема и сега наеднаш јас немам право истото ова да го барам преку формирање синдикат и потпишување колективен договор.
Мислам дека погодени беа одредени синдикални организации, кои егзистираат подолго време, а не направија ништо за високото образование, а не дека се работи за некаква повреда на академската слобода и сл. Јавните универзитети мора да комуницираат со државните органи бидејќи тие се неговиот основач, тие ги обезбедуваат средствата за работа, јас тоа така го гледам, за разлика од некои што оваа комуникација ја критикуваат.
НЕМА ПОЛИТИКА ВО НАСТАПИТЕ НА ПРОФЕСОРИТЕ
ФОКУС: Голем број од професорите на Универзитетот се појавуваат во медиумите како експерти за одредена тема од областа на правото, на економијата итн. Но, не може, а да не забележиме дека академската заедница, иако во последно време е поактивна, со чест на исклучоците, турка во медиумите одредена теза, која е во корист на одредена политичка партија?
ЈАНКУЛОВСКИ: Знаете дека универзитетските професори се експерти секој во својата област и не би било коректно да се каже дека се туркаат тези во корист на политички партии. Треба да се ослободиме од политизирање на секое прашање. Во плурализмот има борба на мислења, тоа е еден од неговите атрибути, јас тоа така го разбирам, а не како застапување тези на политички партии. Научните достигнувања и тоа како треба да бидат применети, тие се двигател на вкупниот општествен развој во една земја.
Треба уште многу да работиме на себе да се издигнеме над таквите поимања за науката дека и во неа има политизирање, туку треба да помогнеме науката да си го заземе своето место во воспоставувањето благосостојба на една земја.
ФОКУС: Јавноста очекува од професорите, доцентите и од докторите што се усовршувале, специјализирале, некои и во странство, да слушнат издржани ставови од нивната област. Колку политиката е влезена во Универзитетот?
ЈАНКУЛОВСКИ: И јас ги повикувам доцентите, професорите и другите чинители во науката, секој од својата област да даде придонес во севкупниот развој на нашата држава, технолошки, економски и сл. Инаку во денешно време, усовршувањето во странство не се подразбира само физички престој во странство, туку тоа се остварува континуирано на современ начин преку учество со странските универзитети на заеднички проекти, заедничко објавување трудови во списанија со фактор на влијание, со склучување договор за меѓусебна соработка, размена на кадри, размена на студенти, размена на искуства.
Во денешно време, научните информации се толку достапни за јавноста, што не верувам дека некој од професорите би се осудил да говори во корист на политичка партија, а не со гласот на науката, така би се девалвирал себеси. Затоа и не можам да кажам дека политиката е навлезена во Универзитетот. Секој вработен на Универзитетот има право да биде член на политичка партија, но кога е во прашање струката, особено науката професорите настапуваат со својот научен интегритет.
ФОКУС: Пред почетокот на кризата, здравствениот сектор, особено државниот, беше мета на критики, со образложение дека сѐ што е квалитетно отишло на приватно? Дали по ова ќе се смени перцепцијата за здравствените работници?
ЈАНКУЛОВСКИ: Како лекар со големо искуство тврдам дека има квалитетни здравствени работници, како во државното, така и во приватното здравство. Убеден сум дека во овој период граѓаните ќе ја препознаат пожртвуваноста и ентузијазмот на сите здравствени работници и ќе ја повратат довербата во целокупниот здравствен систем.
ФОКУС: Што би им порачале на вашите колеги здравствени работници?
На моите колеги, пред сè, сакам да им искажам почит, што во овие тешки времиња се на висина на задачата на лекарската професија во најблагородната мисија на спасување на човечки животи, па дури и по ризик за сопственото здравје и живот. Сакам да им порачам да бидат горди на својата професија, верни на заклетвата што сме ја положиле на нашиот татко Хипократ, и секако, многу важно, да се чуваат себеси, своето здравје и сила.
РАМКА 1
ВИРУСОТ Е ОПАСЕН, ГО НАПАЃА И ХЕМОГЛОБИНОТ
ФОКУС: Како лекар сигурно ги следите научните трудови што се објавуваат за новиот вирус ковид 19. Колку е опасен овој вирус?
ЈАНКУЛОВСКИ: Секако, следам многу научна литература за ковид-19, ова е нова болест, и сите лекари се трудиме да бидеме во тек со сите сознанија на нашите колеги ширум светот. Сега е најважна брзата размена на информации меѓу лекарите, за да можеме да ја разбереме и да ја победиме болеста. Како што се развива пандемијата, така се менуваат и дополнуваат сознанијата за вирусот, неговата природа, клиничката слика на болеста и можните терапии. За среќа, лекарите се брзи во споделувањето на своите искуства со научната јавност, и веќе има голем број публикации на научните медицински платформи за ковид-19.
Актуелни се сознанијата дека корона вирусот, не само што го напаѓа респираторниот систем и белите дробови, туку и хемоглобинот, голема протеинска молекула во крвта, која е одговорна за транспортот на кислородот до ткивата, па тоа е и дополнителна причина за хипоксија (недостиг од кислород) кај заболените. Читаме за различни тераписки можности и стратегии кои се применуваат во светот и кај нас.
Меѓународната медицинска заедница е навистина многу активна и сплотена во борбата со новата болест, навистина се гордеам со колегите од целиот свет. Конечните одговори ќе ги имаме на крајот на пандемијата, и за самата природа на болеста, и за терапијата, а се надевам ќе се најде и ефикасна и безбедна вакцина. И конечно, да, ковид-19 е опасна болест, иако кај дел од популацијата може да помине асимптоматски, или со сосема благи симптоми, меѓутоа, погледнете ги бројките на починатите, секој ден се зголемуваат.
РАМКА 2
ПИКОТ СЕ ОЧЕКУВА НА ПОЧЕТОКОТ НА МАЈ
ФОКУС: Дали мислите дека ситуацијата ќе ескалира? Кој е вашиот став за преземените мерки со кои се ограничува движењето на граѓаните?
ЈАНКУЛОВСКИ: Пикот на епидемијата се очекува да биде во првата половина на мај, а потоа искрено се надевам дека бројот на новозаболени на дневно ниво ќе почне да опаѓа. Врз трендот на новозаболени, во голема мера, ќе има влијание почитувањето на мерките на владата и препораките на Министерството за здравство од страна на граѓаните. Целта на мерките со кои се ограничува движењето на граѓаните е да се прекинат патиштата на ширење на инфекцијата преку ограничување на социјалните контакти. На тој начин би се намалил бројот на новозаболени на кои ќе им биде потребна хоспитализација и/или интензивно лекување, со што би се намалило оптоварувањето на здравствениот систем.
РАМКА 3
ПРАКТИЧНИТЕ ВЕЖБИ ЗА СТУДЕНТИТЕ ПО КРИЗАТА
ФОКУС: Што е со практичните вежби за студентите?
ЈАНКУЛОВСКИ: Во доменот на реализацијата на практичната настава и лабораториските вежби се прават напори на ниво на сите единици таа да се организира со нагледни практични вежби. Сите единици во овој период конципираат распоред за концентрирана практична настава, која би се реализирала кога за тоа ќе се создадат соодветни услови.
Оние делови кои според природата не можат да се реализираат преку учење од далечина, ќе се изнајдат начини да се реализираат кога ќе се нормализира ситуацијата водејќи сметка да не се наруши процесот на наставата и истовремено студентите да не заостанат со исполнување на наставните обврски. Исто така, Ректорската управа на УКИМ донесе правилник за работа во вонредни услови со кој детално го уредивме начинот на наставата, начинот на спроведување на одбраните на дипломски трудови, магистериуми и докторски дисертации по електронски пат. Веќе се одбранети и првите докторати.