Интервју со Јоана, ќерка на Ристо Шишков: Нечовечноста и предавството беа причина за заболувањето на татко ми!

by fokus

Да беше жив, актерскиот великан Ристо Шишков минатата недела ќе наполнеше 82 години. Неговиот живот заврши имаше само 46 години, возраст кога можеше да даде уште многу, како за театарот, така и за филмската уметност.
Кога се спомнува Шишков, неизоставен е белегот кој го остави со неговите улоги, но и сенката која се надвиснува над неговиот живот и дело, поради политичката хајка со која се соочил, кога обвинет како националист бил осуден на затворска казна.

Заминал на отслужување на казната во 1980 година, само една година по раѓањето на неговата ќерка Јоана, која ја добил во бракот со примабалерината на Македонскиот народен театар, Зоица Пуровска Велевска.
Починал кога таа имала едвај шест години, и не успеал да и остави многу спомени. Која е Јоана, како живее, кои се нејзините сеќавања за актерскиот бард чии гени ги носи, таа отворено раскажува во интервју за ,,Фокус”.

Разговараше: Вики Клинчарова

ФОКУС: Кога се зборува за Ристо Шишков и неговото потомство, некако првин се помислува на Васил, (вашиот брат кој го добил од првиот брак), можеби поради тоа што и тој беше дел од актерската фела. Вие, на некој начин, секогаш чекоревте подалеку од рефлекторите и јавното внимание и многу малку се знае за вас. Која е всушност Јоана Шишкова?

Јоана -Точно е тоа, дека кога се зборува за Шишков, се мисли пред се на Васил, и тоа е сосема во ред зашто сепак тој чекореше по неговите стапки, а јас некако ја одбрав тивката страна на улицата, во која присебноста и спокојството станаа двигатели на личниот растеж.
Едноставно јас никогаш не чувствував потреба за јавно препознавање, и себепромоција.
Јас сум родена 1979 година, година на радости за едни, година на турбуленции за други.
Денес, како мајка на малиот Вања, најмногу се занимавам со безгрижноста на детскиот лик. Интимно време на радосна преродба. Инаку сум магистер по интеркултура, една интересна и креативна област на истражување, особено во уметноста.

ФОКУС: Татко ви почина кога бевте дете, останаа ли спомени на времето минато со него?

Јоана – Мојот татко почина далечната 1986 година, кога имав 6 години и искрено имам многу малку спомени кои ме врзуваат за тој период од животот, можам да кажам дека создавам приказна од мозаичните припомнувања на блиските и далечните пријатели на Шишков.
Неговата смрт беше реална и болна, но причината на заболувањето беа нечовечноста и предавството. Процесот на разочарувањето во „своите“ значеше долго и тивко разоружување на потенцијалот на Големиот.

ФОКУС: Се сеќавате ли на вашата последна средба, на неговите последни зборови можеби? Какво е чувството да се биде ќерка на големиот Шишков, но и како растевте и созревавте без него?

Јоана -Откога падна болен, ние немавме средба, јас бев мала да се соочам со таа комплицирана немилосрдност на животот, но затоа последните средби беа средби на радосна игра меѓу татко и дете.
Чувството е убаво, како и на секоја ќерка кон својот татко, интимно и нераскинливо.
Но, во моето детство не отсуствуваше уметноста, напротив во родителскиот дом се негуваше духот на плодна балетска игра, со првенците на Македонскиот балет, Зоја и Зоран (Зоран Велевски, партнер на сцената и во животот на мајка ми) кои длабоко ми вродија бесмртна љубов кон танцот.

ФОКУС: Вашиот брат Васил во постаро интервју изјави дека многу ве сака, дека вашата мајка го одгледала. Како се согласувавте со него, со човекот за кого остана мислењето дека замина на свои 44 години несфатен од околината, и кој на некој начин како постојано да трагаше по нешто во животот?

Јоана – Ангела (мојата сестра) и Васил стојат како исток и запад, мојата ориентација за физичка големина и духовна длабочина. Васил е мојот најдобар пријател, мојот столб.
Тој беше една прекрасна личност, добар за светот, невнимателен за себе. Човек со огромен потенцијал, но уморен од борбата. Трагаше по љубовта и другарството, двете нешта кои се на работ на исчезнување.
Не знам колку беше разбран од средината, но јас го љубев во сета негова искрена несмасност.

ФОКУС: Влеговте во светот на поезијата, пишувате ли уште?

Јоана – Поезијата е лично поле на креативна слобода, апсолутно вонтелесно остварување на потенцијалот. Ја пресретнав во моменти на големи искушенија и во поетската плодотворност ја исполнив својата празнина со врвната уметност на зборот. Денес живеам низ танцот на убави, искрени, длабоки и полни зборови.
Првично ги издадов двете книги поезија, Креативна бурлеска и Крилести одаи, потоа излезе мојот стручен труд Интеркултурна комуникација на танцови идентитети, а оваа година најновата книга поезија под наслов Фрагменти на врелоста не беше поддржана од Министерството за култура, но и таа ќе си го дочека својот момент на светлина.

ФОКУС: Што мислите, кога Ристо Шишков денес би можел да види како се живее во Македонија, што би кажал?

Ристо Шишков каков што го познаваме би бил гневен и лут со тоа што би го затекнал во својата родна земја, со оглед на ретроградните варијации на општествениот и културниот живот, но јас си помислувам на еден нов Шишков кој со својот креативен импулс би ги покренал заспаните рудници на интелектуална и уметничка сила која долго молчи на тлото на македонската земја.

Поврзани новости