Денис Јанкуловски е техничар од Одделението за микробиологија во скопскиот Центар за јавно здравје. Тој е дел од тимот кој на терен ги прави тестирањата за сомнителни случаи на Ковид 19. „Фокус“ со него поразговара на повеќе теми, меѓу кои да ни каже како точно се изведуваат тестирањата и каква е целата процедура, по колку тестирања прават на дневно ниво, како реагираат луѓето, кои можеби се заразени со корона вирус…Во еден дел од разговорот, тој ни објасни како 4-годишно дете ги пречекало дома: „Мамо, дојде космонаутот да ни земе брис“. Тоа што уште е карактеристично за него во оваа корона невереме е што секој ден пред да тргне на работа, денот го започнува со песна…
Разговараше Ирена Мулачка
Човекот кој секојдневно е на терен, очи во очи со опасниот корона вирус, Денис Јанкуловски смета дека во моментот Македонија се соочува со многу незгоден непријател, кој е доста присутен и раширен во светски рамки.
„Се работи за вирус од групата SARS CoV 2, за кој многу малку се знае, не само дали е природен или излезен од некоја лабораторија, туку и за самиот тек на заболувањето, а она што особено ги загрижува докторите се последиците кои тој ги остава во организмот.Тоа е нешто кое допрва ќе треба да го дознаеме сите и да се припремиме за таа борба. Тоа е и она што го прави опасен и што нас не` прави доста претпазливи. Сметам дека оваа борба нема да биде кратка, иако се надевам да биде, ама реално ќе имаме т.н. опашки кои ќе траат подолго време, веројатно до крајот на годината – објаснува Јанкуловски.
Тој е техничар во Центарот за јавно здравје од одделението за микробиологија, каде се врши анализа на материјал за откривање на бактерии преку земање на брисеви или друг материјал.
„Речиси два месеци сум дел од тимот техничари од одделението за Епидемиологија каде секојдневно одиме на терен за откривање на вирусот преку земање брисеви од домовите на лицата за кои имаме налози – тврди Јанкуловски.
Тој за „Фокус“ раскажува како изгледа еден негов ден на терен, односно како се одвива целата процедура.
„Денот полн со теренска работа започнува речиси со самото доаѓање на работа. Додека го пиеме утринското кафе, одговорниот техничар Зоран Чаневски ги распоредува претходно направените налози од страна на епидемиолозите. Налозите се направени врз основа на епидемиолошката анкета кои тие секојдневно и во голем обем ја спроведуваат. Откако ќе ги добиеме налозите ние техничарите, Зоран Миленковски, Ивица Мирочевиќ, Павле Дордуловски, Раиф Елез и Јасмин Ризвановиќ припремаме се она што ни е потребно за тој ден, започнувајќи од заштитната опрема за нас, па се до материјалите кои се потребни за земање брисеви. Ние сме три тима кои секојдневно одат на територијата на цело Скопје, буквално до најдалечните точки – додава Јанкуловски.
Во текот на денот најчесто прават по 60-тина тестирања.
„Излегуваме на терен и се враќаме………кога се ќе биде завршено. Не секој ден е ист, но во просек ние екипи правиме по 60-тина тестирања. Но, тука се и уште четирите наши тимови кои се распоредени на пунктовите во поликлиниките „Јане Сандански“, „Идадија“, „Чаир“ и „Ченто“. Така да кога би се додале овие, тогаш вкупната бројка е многу поголема – вели техничарот од ЦЈЗ.
Тој се потруди да ни долови како изгледа атмосферата, кога ќе влезат во домовите на луѓето за да им направат тестирање и да проверат дали го носат вирусот во себе. Како што вели, кај нив секогаш постои некоја доза на страв.
„Кај некого повеќе, кај некого помалку. Наидуваме на секакви реакции, доста исплашени, со изразено срцебиење, некои се повлечени и сакаат што побрзо да отидеме, некои спротивно на тоа сакаат да помуабетат, што од интерес за вирусот што од страв, но никогаш не сме наишле на луѓе со негативен став кон нас. Ја разбираат нашата работа, знаат дека мора на тој начин облечени да пристапиме, на непријатен но правилен начин да земеме брис. Ние секогаш приоѓаме со насмевки, имаме време доколку некому му треба малку муабет. А има и ситуации кои едноставно ни го прават денот прекрасен, како еднаш кога заѕвонив на вратата каде имавме налог, таткото ја отвори вратата а детенцето кое имаше 4-5 години наеднаш насмеано, па дури можам да речам и радосно извика „Мамо, дојде космонаутот да ни земе брис“. Оваа и не само оваа ситуација, каде одиме со насмевки ни даваат сила за наредниот ден. И секако, секогаш по завршувањето на процедурата на земање брис не` испраќаат со најважните два збора – Чувајте се – додава Јанкуловски.
Според него, пациентите без симптоми се доста опасни, со оглед на тоа што го носат вирусот, немаат никакви симптоми, а можат да ја шират заразата.
„Асимптоматскиот момент е по мене доста незгоден. Тоа значи дека веројатно има многумина кои го носат вирусот, а немаат никакви знаци, без симптоми се. Токму заради тоа претпоставувам и дека не реагираат, што секако дека е нормално, никој не реагираме ако не чувствуваме некаква тегоба. Но, лошото е што тие веројатно можат да бидат носители на вирусот без да знаат и со самото тоа да го пренесат на други. Најдобрата комбинација според мене би било, ако овие асимптоматски пациенти така ја поминат состојбата, а мислам дека е добро по некое време да направат некое тестирање за да се види дали го имале вирусот, дали оставил некакви траги во телото, па евентуално да преземат некои здравствени мерки. Пак ќе кажам, вирусот е нов, непознат, не само народот туку и докторите секојдневно се запознаваат со симптомите, карактеристиките и последиците врз пациентите – вели техничарот, кој ги извршува тестирањата.
Тој додава дека алгоритамот кој бил воведен на почетокот, во кој се наведени критериумите според кои пациентите можат да се тестираат, мора да претрпи измени.
„Ситуацијата на почетокот и денес не е истата. Многу се промени и самиот вирус, а и симптоматологијата. Многу од луѓето не биле во странство, а имаат симптоми, многу од нив не ни знаат дали биле во контакт со некој заразен. Доволно е да биле во некој маркет каде иако има јасни и прецизни препораки, гледаме дека има и многу кои не ги почитуваат како заштитната маска, оддалеченоста и блискиот контакт. Затоа сметам дека треба да има промена алгоритамот или популарно кажано „олеснување“ за да може да има поголема проодност, а со тоа и поширока опфатеност на тестирани лица. Ништо не е непроменливо, тоа што важело на 1-ви февруари не важи на 1-ви мај. Верувам дека и Министерството за здравство ова го гледа и знае и дека набрзо ќе реагира – додава тој.
Тој се сомнева дека вирусот во Македонија, па и во светски рамки го има многу порано, отколку кога официјално се појави првиот случај на 26 февруари.
„Во периодот од крајот на декември и во тек на јануари при приемот на пациенти на Микробиологија, но и во контакти со блиски често се среќавав со изјави од типот „чуден некој грип, сите го прележавме/имав јака пневмонија како никогаш досега/сите дома бевме со високи температури“ итн. Тоа ми дава за право да се сомневам дека веројатно вирусов бил одомаќинет и претходно, но не само кај нас, туку и во светски рамки. Како корона вирус сигурно има дијагностицирани и порано затоа што не е некој нов, но како COVID19 подоцна бил изолиран. За жал, подоцна затоа што да бил на време сигурно дека немаше да дојде до оваа пандемија. Но, тоа се сепак равенки со премногу непознати, а ние само едно зрно во тоа море со прашалници – вели Јанкуловски.
Според него, намалениот број на тестирања се должи на помалата бројка на заразени, односно позитивни.
„Има намалување во бројот на тестирања кои како што кажа и Министерот Филипче се резултат на помалата бројка на заразени, односно позитивни. Но, јас сум убеден дека сепак ќе имаме повторен раст токму заради несовесноста на нашите сограѓани кои и ден денес никако да ја разберат сериозноста на ситуацијата без разлика дали е природен вирус или вештачки креиран, дали се работи за светска завера, дали се криви Американците, Кинезите или Русите или било кој. Нивните реакции кои да не се изразувам вулгарно се од типот „кој ве врти“ натаму ја носат водата. Но и со тоа ќе се справиме, а уште полесно доколку сепак и денес бидат малку повеќе совесни за своето здравје, здравјето на блиските, но и на сите. Бидејќи ова е ситуација каде индивидуалното здравје е колективно– додава техничарот од ЦЈЗ.
Тој смета дека граѓаните не ги почитуваат доволно препораките и од тие причини, бројката за заразени повторно почна да се зголемува.
„Собирите од различни типови, шетањето без маски, грешната форма на користењето на сончевите денови во групи, потценувањето на сериозноста доведоа до зголемување на бројката. Тоа се оние таканаречени кластери на несериозност. Она што ме иритира е што предолго време Министерството за здравство, државните институции па и ние граѓаните укажуваме, замолуваме и праќаме апели до оние кои гледаат на ова како на „абе па ти, ништо не е“ да бидат разумни, да бидат човечни и колегијални, да се свестат дека нивната себичност и безобразие ќе се одрази првенствено на нивните најблиски, односно прво кај нив. Од почетокот викаме седете дома и еве четврти месец уште апелираме за совесност. Тоа требаше да биде со едно кажување. Никој не е короно-отпорен и заштитен, сите сме во овој лош филм, но само ако ги одиграме своите улоги онака како што треба, тогаш ќе имаме многу голем успех со многу малку жртви кои и не само што не се малку, туку се и премногу. И 1 починат е премногу. Значи тие што одат на работа, тие што треба да седат дома, тие што држат online настава, тие што го регулираат полицискиот час, здравствените работници кои секојдневно се среќаваме и очи во очи со вирусот се бориме. Сите имаме своја улога, а сите заедно мора да ја одиграме најдобро што можеме – вели Јанкуловски.
На крајот од разговорот, тој ни објасни како се заштитени за време на целиот процес.
„Нашата опремениост е на високо ниво, односно онака како што треба. Скафандери, заштитни ракавици и маски, заштитни наочари, визири кои се со високо заштитно ниво. На терен секако дезинфекција при секое земање на брисеви. Впрочем така и мора да биде за сите здравствени работници, кои се во директен контакт со вирусот бидејќи мора да сме заштитени. Би сакал уште да изразам огромна благодарност од мое име и секако од ЦЈЗ Скопје на Др. Ненад Лазаров, Др. Бојан Трајковски и целиот тим на 3Д Принт медицинска опрема што бевме дел од нивната донација на визири – додава тој.