Интервју со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов: Карневалот е душата на Струмица, јас и моите струмичани живееме за него!

by Fokus

Разговараше: Соња Танеска

Костадин Костадинов, како градоначалник на Струмица, трета година е домаќин на еден од најистакнатите и најживописни настани во Македонија – Струмичкиот карневал. Овој карневал, кој се одржува секоја година во периодот на велигденските пости, претставува кулминација на локалната култура и традиција, привлекувајќи учесници и посетители од целата земја и од странство.

Струмичкиот карневал не е само празник на маските и забавата, туку и манифестација, која ги промовира уметноста, креативноста и меѓукултурниот дијалог. Костадинов, со својата поддршка кон карневалот, покажува дека верува во силата на културата и традицијата, како средства за спојување на луѓето и создавање на поинклузивно општество. Неговите напори во оваа сфера, не само што го збогатуваат животот на локалните жители, туку и ја ставаат Струмица на мапата како место каде што традицијата и модерноста се спојуваат на уникатен и привлечен начин.

Еден од клучните фокуси во неговото раководство е подобрувањето на инфраструктурата на Струмица, вклучувајќи го и модернизирањето на патната мрежа, обновата на јавните простори и зеленилото, како и подобрувањето на услугите за граѓаните. Костадинов, исто така, става акцент на екологијата и одржливиот развој, промовирајќи проекти за заштита на околината и енергетска ефикасност.

Тој е познат по својата отвореност кон граѓаните и постојаната комуникација со нив, што овозможува транспарентно и одговорно управување, а активен учесник е во многу локални и национални иницијативи, што го истакнува како лидер посветен на напредокот и благосостојбата на својата заедница. Во разговорот за „Фокус“ потврдува дека така и ќе остане, и покрај тоа што земјата ја очекуваат парламентарни и претседателски избори, тој нема планови да биде дел од нив, туку, како што вели:

КОСТАДИНОВ:Јас сум човек од збор. Во 2021 година им ветив на моите струмичани дека ќе им служам како градоначалник и заедно со нив ќе ја создаваме и ќе ја создаваме новата верзија на Струмица и така ќе остане до крајот на мојот мандат.

ФОКУС:Каков е вашиот придонес како градоначалник за развојот на Струмица?

КОСТАДИНОВ:Најдобар одговор на ова прашање дадоа моите струмичани во анкетата за новата студија на  Меѓународниот републикански институт ИРИ.

Нема поголемо признание од тоа што ти е подарено од тие на кои им служиш и за кои работиш. Моите струмичани ги препознаа и го потврдија мојот труд, мојата посветеност, мојата љубов кон нив и Струмица, преку дела и од срце. Во оваа студија, која ги опфаќа ставовите на граѓаните од шест општини, и тоа низ реакцијата на неопределените гласачи, јас сум оценет како најсигурен лидер, доверлив, комуникативен, достапен, амбициозен и работлив.

„Учесниците конкретно истакнаа дека не е пристрасен кога е во прашање решавањето на проблемите и дека е посветен“, пишува во студијата на ИРИ.

Им благодарам на моите струмичани за позитивни оценки за мојата работа, тоа многу ме радува, но истовремено и ме обврзува да им возвратам со уште повеќе работа, посветеност и проекти сработени од срце.

ФОКУС: Во фаза сте на организација на Струмичкиот традиционален карневал, дали ќе има изненадувања оваа година?

КОСТАДИНОВ: Секако дека ќе има, како што впрочем има и во секое ново издание на карневалот. Но, нема да биде изненадување, ако откриеме сега, нели?

Можам само да кажам дека подготвителните активности течат според планираната динамика од страна на Организациониот одбор на карневалот, од Општината како покровител, од поддржувачите и помагачите и секако најважните моите струмичани, кои со огромна љубов ја негуваат оваа вековна традиција и со голем ентузијазам работат на своите маски, а кои ќе ги видиме во интернационалното дефиле на главната карневалска вечер, која годинава ќе биде на 16 март.

ФОКУС: Кое е значењето на карневалот за граѓаните и какви биле почетоците на карневалот?

КОСТАДИНОВ: Карневалот е душата на Струмица, јас и моите струмичани живееме за него. Тој е најпознатата и најмасовната манифестација под маски, не само во Струмица и Македонија, туку и меѓу 20-те такви карневали во светот. Светско, а наше, струмичко. Карневалот е нашата гордост. Тоа е неговото значење за граѓаните, а карневалските денови со големиот број посетители од земјава и од странство носат и голем бенефит за локалната економија.

Нашиот струмички карневал е единствената и уникатна манифестација од таков вид и е поврзан со празникот Тримери посветен на армасаните (свршените девојки), односно со големиот велигденски пост, кој почнува на Прочка. Првите пишани документи за карневалот ги оставил турскиот патеписец Евлија Челебија во 1670 година. Тој запишал… „Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа писок и песна“. Но, се претпоставува дека тој постои многу од порано. Нормално со текот на времето тој се менувал, добивал помодерна верзија, но најважно е што суштината останала иста. Во 1995 година, Струмица и Струмичкиот карневал станаа членки на Федерацијата на Европските карневалски градови (FECC), а три години подоцна, Струмица беше домаќин на Конгресот на оваа карневалска асоцијација. Струмичкиот карневал има континуиран растеж, со нови содржини, а не се одржа само една година за време на пандемијата со корона.

ФОКУС: Може ли да ни откриете каква маска ќе носите оваа година?

КОСТАДИНОВ:Е, тоа не. Не можам да го откријам, ниту јас, ниту, пак,кој било друг во Струмица би ви дал одговор на вакво прашање, затоа што маските се држат во најголема тајност сè до одржувањето на маскенбалот и главното карневалско дефиле. Така било дамнина, така и до денес, и тоа е едно од специфичните обележја на струмичкиот карневал. Иако маските се подготвуваат со месеци, тие се држат во строга тајност за да бидат изненадување и за членовите на карневалското жири и за посетителите. Во секој случај, ќе биде интересна маска, која ќе го привлече вниманието кај учесниците на традиционалниот маскенбал.

ФОКУС:Колку Општина Струмица вложува во културата и кои се најзначајните проекти?

КОСТАДИНОВ:Општина Струмица, во континуитет вложува во културата, бидејќи сме свесни дека таа е еден од промоторите на нашата општина. Во една година се реализираат над 110 разновидни манифестации и настани, секако распоредени во текот на целата година за да имаме постојана културна понуда во градот. Имаме многу големи фестивали, кои привлекуваат големо внимание, и на домашната, и странската јавност, како што се Струмичкиот карневал, Струмица опен фестивал, Астерфест, ФКТ „Ристо Шишков“, Струмичка меѓународна ликовна колонија, а во последните 2 години им се приклучи и светски познатиот музички фестивал „GetExited“ и многу други настани, кои ја прават Струмица центар на културата во овој дел од државата. Истовремено, ги поддржуваме и проектите на здруженијата на граѓани и поединци од областа на културата, со кои развиваме партнерски однос, сè со цел задоволување на сите потреби на граѓаните од областа на културата.

ФОКУС: Иако е општина во која најмногу се користи гас, сепак се забележува загадување во овој град, дали имате стратегија како да се реши оваа состојба и што е најголемата причина?

КОСТАДИНОВ: Загадувањето на воздухот е сериозен проблем, не само во нашиот град, туку и пошироко и еден од најголемите предизвици со кои се соочува светот денеска. Секако дека сме ги анализирале причините подолго време и од повеќе аспекти и нашиот заклучок е дека аерозагадувањето во Струмица е предизвикано од домаќинствата, односно од лошиот квалитет на дрвата што ги користат за што треба да се направат посебни анализи за да се види какви дрва и дали тие се доволно суви што „Македонски шуми“ како огревно дрво ги доставува до нив. Секако, тука се и индустријата и автомобилите.

Секако дека имаме стратегија, затоа што лично за мене и за општината, здравјето на граѓаните ни е најважно и во фаза на реализација сме на неколку иницијативи и решенија. Првото решение е имплементација на целосно електрифициран јавен превоз, кој е огромен финансиски проект и ќе служи за подобра комуникација на граѓаните во Струмица, секако со населените места. Во функција е веќе новоформираното јавно општинско претпријатие „Струмица транспорт“, а во постапка е набавката на електричните автобуси и Струмица ќе биде прв град со целосно електрифициран јавен превоз на Балканот. Вториот радикален чекор е максимално зголемување на зелените површини со новиот Генерален урбанистички план, од 40 на 84 хектари зелена површина во градската средина. Имаме и проект со УНДП, од кој добиваме 10 милиони денари, дополнително општината кофинансира уште 10, значи вкупно 20 милиони денари за изготвување акциски план, мерки и конкретни решенија за справување со проблемот на аерозагадувањето. Како прва гасифицирана општина со развиена дистрибутивна гасоводна мрежа, секако дека предност даваме на гасот како природен и еколошки реагенс и даваме субвенција директно на цената, 10 кубни метри, но гледаме дека не е доволна мотивација за граѓаните да пристапат кон приклучување на гас и тука ќе треба да направиме нешто повеќе.

ФОКУС: Бевте избрани за личност на годината во Југоисточна Европа, колку ви значи оваа титула и каков е вашиот придонес за развојот на Струмица?

КОСТАДИНОВ: Да, точно така. Одлуката на Одборот на фестивалот на Југоисточна Европа што се одржува во Париз 11 години, во Берлин 7 години и во Вашингтон 4 години, и е препознатлив прозорец на културата на Југоисточна Европа во светот лично ми ја соопшти амбасадорот Јордан Плевнеш, кој дојде во Струмица и ме информираше дека признанието ќе ми биде врачено во месец јуни, во Париз. Добивајќи го ова високо признание, за мене поважно е препознавањето на силните заложби на општинската администрација, на Советот на Општината во негувањето на културното наследство и воопшто на културата во Општина Струмица, и, пред сè, фокусот на трансформација на Општина Струмица преку силните капитални инвестиции што се реализираат во нашиот град и во сите населени места, особено во делот на вело патеките и во делот на имплементација на електрифициран јавен превоз, со што Струмица е прв град на Балканот што имплементира таков проект. Ова огромно светско признание го посветувам на сегашните генерации струмичанки и струмичани, но и на идните, како порив уште повеќе да си ја негуваат, сакаат и чуваат Општина Струмица, оти Струмица сме ние, колку ние ја љубиме Струмица, толку и таа ни возвраќа нам.

 

Поврзани новости